Регион
Турција може да оди на два референдума

Предлогот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за одржување два одделни референдума за усвојување на новиот устав и за предложеното преминување на претседателски систем, би можел да биде прифатен изјави во понеделникот премиерот Ахмет Давутоглу, додека опозициските партии жестоко се спротиставија.
Зборувајќи за телевизијата Haber, премиерот Ахмет Давутоглу најави дека следната седмица ќе ги започне преговорите со опозицијата за новиот устав и за можниот премин од сегашниот парламентарен на претседателски систем, како и дека владата ќе обезбеди мирна атмосфера за разговорите.
Во разговорот со новинарите кои ја следеа неговата посета на Туркменистан, претседателот Реџеп Тајип Ердоган изјави претходно дека доколку опозицијата се согласува со потребата од носење нов устав за што тој смета дека со големо мнозинство ќе го изгласат Турците, а не се согласува со воведувањето на претседателскиот систем, кој би му дал поголеми овластувања, тогаш е можно одржување на два одделни референдума.
„Доколку сакаме да изградиме нови систем, тој треба да биде јасен. Верувам дека никаков хибриден систем не може да донесе позитивни резултати. Мојот избор е чист и јасен, систем во кој се прецизни дистрибуцијата на овластувањата и одговорноста“, рече Давутоглу во понеделникот додавајќи дека не треба да се правата шпекулации за односот меѓу него како премиер и челник на владејачката Партија на правдата и развојот (AKP) и неговиот претходник, актуелниот шеф на државата Ердоган.
Опозициските партии студено го примија предлогот на Ердоган, нарекувајќи го „нереален“ и „уште еден маневар“ на претседателот за да ги оствари своите амбиции преку други методи.
„Предлог како на Ердоган никогаш не бил имплементиран никаде во светот“, изјави Даниш Бешташ од Народната демократска партија (HDP). Според него, уставот е целина и во него се дефинираат позициите и одговорноста на сегментите на власта, како и правата и слободите, насочувајќи дека двете прашања треба да се решаваат заедно.
„Во моментов претседателот се обидува да ѝ даде легитимитет на својата аспирација. Секојдневно смислува нови начини како да им го протне ова на граѓаните, но ние нема да го дозволиме тоа“, го цитира весникот Hurriyet Бешташ.
Генералниот секретар на Партијата на национално движење (MHP), Исмет Бујукатаман, ги коментираш изјавите на претседателот Ердоган дека сигнализираат потег за „спроведување тајна агенда“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Невреме ја зафати Србија, два авиони кружат на небото чекајќи подобри услови за слетување

Силна бура со грмотевици го погоди Белград, поради што два авиона не можат да слетаат веќе некое време. Станува збор за летови од Виена и Анкара, а овие два авиона кружат над Смедерево.
Бурата придружена со грмотевици и дождови ја погоди цела Србија, а потоа и Белград. Црни облаци се надвиснаа над главниот град. Републичкиот хидрометеоролошки завод предупредува дека се очекува силен град и бурни ветрови, пишува „Телеграф“.
Србија е под влијание на циклони и студени фронтови, кои носат посилна промена на времето, со дожд и грмежи.
Регион
Волк нападнал 5-годишно дете од Србија на плажа во Грција: „Не’ бркаше на плажата и во дворот“, сведочи мајката

Неверојатно звучеше веста дека волк нападнал девојче од Србија на плажа кај Неос Мармарас, на Ситонија во Грција. Во првите извештаи медиумите беа резервирани, со сомнеж дека можеби не станува збор за волк, туку за некоја слична ѕверка. Детето заврши во болница со гребаница по грбот, пишува српски “Телеграф“.
Трагедијата била избегната благодарение на присебната реакција на мајката и на еден човек кој почнал да го гаѓа животното со камења.
„Во секунда волкот беше покрај мојата ќерка, ја отвори вилицата и тргна да ја зграпчи во пределот на половината! Веднаш ја зграбив и почнав да бегам!“, се присетува на ужасната сцена која можела да заврши трагично, Ирена Пеиќ – мајка на петгодишното девојче од Србија, кое во петокот на плажа во близина на градот Неос Мармарас беше нападнато од волк.
Сцената се одиграла за само неколку секунди, во раните утрински часови.
„Тоа е плажа пред делот кон Парадисос плажата, нешто пред осум часот наутро. Беше свежо, а среќна околност е што ќерка ми носеше дуксер. Таа си играше со едно бебе на плажата, кога еден човек викна: ‘Што е ова?’ Во истиот момент додека станувавме, волкот беше веќе до нас. Буквално ни го блокираше преминот и се позиционираше така што не можевме да поминеме“, опишува Ирена.
Во следната секунда, вели, волкот бил веднаш до девојчето.
„Ја отвори муцката за да ја зграпчи, но во тој момент ја зграбив и тргнав да бегам. Нас нè спаси човекот што почна да фрла камења. Волкот падна во вода, ние добивме неколку секунди да побегнеме по скалите за да влетаме во апартманот. Но, волкот излезе од водата и скокна во дворот на апартманот, па таму почнаа да го бркаат со мотки и камења, и така заеднички го истераа“, вели таа.
Среќа во несреќа, девојчето поминало само со гребаница по грбот. Во болница добила неколку вакцини и терапија со антибиотици.
„Сите бевме многу вознемирени. Да не беше човекот кој фрлаше камења, не знам како ќе завршеше. Тој ни даде шанса да се спасиме“, вели благодарната мајка.
Таа додава дека детето било во голем страв и два часа не дозволувало да се отворат вратите од апартманот.
Ирена го пријавила случајот во општината и полицијата, со надеж дека некој ќе реагира.
„Пред неколку дена имаше пожар, па веројатно волкот се одвоил од чопорот. Чувме дека ова не е прв напад – велат дека е веќе петти во регионот. Еден напад на жена бил пред три дена, а на куче пред два. Некои велат дека имало напади и во мај. Се надеваме дека надлежните ќе преземат мерки. Никој од нас не очекуваше такво нешто, но најмалку 20 луѓе го видоа волкот, имам сведоци“, објаснува Ирена.
Регион
Трагедија во Црна Гора: девојка од Србија се удави во близина на Тиват

Попладнево во морето кај Луштица, Црна Гора, нуркачи и членови на Пловечката единица безуспешно се обидуваа да го пронајдат и извлечат телото на девојка од Србија, пренесоа српските медиуми.
Девојка од Врњачка Бања се удави денес околу 15 часот, во близина на ’ртот Весло кај Луштица, додека се фотографирала со пријателка на една од карпите и паднала во водата, објавија црногорски „Вијести“.
Додека се фотографирала, се верува дека морето се разбранувало, а брановите ја повлекле девојката.
Полицијата и нуркачките екипи го забележале безживотното тело на девојката како плови во еден момент, но лошото време и брановите ги спречиле да се приближат.
Затоа, операцијата за извлекување ќе продолжи наутро.
фото: принтскрин