Регион
Турската армија убила 34 џихадисти во Сирија

Турската артилерија и беспилотните летала кои полетале од воздухопловната база во Инџирлик на југот од земјата гаѓале во неделата цели на џихадистичката сунитска група Исламска држава во Сирија и притоа убиле 34 нејзини борци, тврди во понеделникот турската армија.
Во соопштението се наведува дека во нападите, кои биле изведени како одговор на ракетни напади од страна на Исламската држава врз јужната турска покраина Килис каде што во минатите такви инциденти животите ги загубија речиси 20 луѓе, биле уништени шест возила и пет артилериски позиции на џихадистите.
Во турските напади со хаубици и ракетни фрлачи во неделата прво биле погодени цели на Исламската држава околу 12 километри јужно од границата, а потоа четири беспилотни летала, уништиле други цели, се прецизира во објавата на турската воена команда.
Се истакнува повторно дека Турција возвратила на нападите од Исламската држава, но се наведува дека ѝ е потребна „поголема поддршка од западните сојузници“.
Министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави минатата седмица дека САД инсталирале систем за лансирање ракети недалеку од делот на границата кој е изложен на напади. Неименуван американски висок воен функционер за Reuters, пак, потврдил дека за тоа било разговарано, но одбил да изнесува никакви поединости./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Затвореник им побегна на полицајците во Грција кога излегол на цигара: „Опасен е, отворете четири очи“

Дваесет и осумгодишен маж вчера избега од Општата болница во Костур во Грција, каде што беше задржан под полициска придружба по операцијата. Во тек е општа потрага по него, па властите апелираат до јавноста да отори четири очи.
Според извештаите на грчките медиуми, затвореникот, државјанин на Албанија, ја искористил небрежноста на двајца полицајци кои го чувале. Наводно, тој успеал да избега кога му дозволиле да излезе надвор на цигара.
Мажот неодамна беше уапсен за кршење на законот за странци, поседување дрога и непослушност, додека против него се водеа неколку многу сериозни судски постапки – 12 години затвор и парична казна од 50.000 евра за кршење на законот за дрога, а за негово апсење има и налог од Апелациониот суд во Солун.
Полицијата интензивно го бара на северот од земјата, со континуирани проверки на раскрсниците, патиштата и возилата што се движат кон Лерин, Кожани и границата со Албанија. Во исто време, се истражуваат околностите под кои затвореникот успеал да избега, додека случајот покрена прашања за начинот на кој бил приведен.
Треба да се напомене дека бегалецот неодамна бил повреден во обид да избега преку нерегулиран граничен премин кон Албанија со помош на 29-годишен сонародник, при што ја скршил ногата и бил префрлен во болница во Костур на операција, од каде подоцна успеал да избега.
Регион
(Видео) Вучиќ им се закани на демонстрантите; „Ле Монд“: Ситуацијата потсетува на Киев 2013/2014

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави во понеделник вечерта, во продолжението на антивладините протести што се одржуваат низ цела Србија, дека државата „ќе ги прогонува демонстрантите многу повеќе, побрзо и посилно и ќе воспостави ред“, додека западните медиуми остро пишуваа за политиката на Вучиќ.
Во текот на вечерта, Вучиќ ги посети просториите на владејачката Српска напредна партија (СНС) во белградската општина Палилула, каде што беа скршени прозорци за време на протестите во понеделникот, и рече дека ова е „показател за тоа со какви насилници и силеџии“ се справува државата. Тој додаде дека демонстрантите „немаат што да им понудат на луѓето освен насилство, бандитство и уништување“.
Антивладини протести се одржаа низ цела Србија во понеделник вечерта, додека светските медиуми оценија дека Вучиќ усвоил „стратегија на страв“ со тоа што ги извел хулиганите и приватното обезбедување на улиците, спротивставувајќи ги на демонстрантите.
„Ле Монд“: Ситуацијата потсетува на Киев 2013-2014 година
Францускиот весник „Ле Монд“ ја споредува ситуацијата во Србија со настаните во Киев 2013-2014 година, кога хулигани и полицајци во цивил беа искористени за предизвикување насилство.
Според весникот, од вторник минатата недела, во неколку градови избувнаа судири меѓу поддржувачите на владата и демонстрантите.
Маскирани напаѓачи ги демолираа канцелариите на Српската напредна партија во неколку градови, додека видеа од насилни апсења се објавени на социјалните мрежи, а властите ја обвинуваат опозицијата дека се обидува да ја „уништи Србија“ и да предизвика „граѓанска војна“, го цитираат францускиот весник, белградските медиуми.
„Ле Монд“ нè потсетува дека протестите во Србија траат веќе девет месеци, откако 16 лица загинаа при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад во ноември минатата година, што јавноста го протолкува како последица на широко распространета корупција.
Протестите беа упорно предводени од студентско движење кое сега бара Вучиќ да распише предвремени избори, ставајќи го во ситуација каде што мора да се соочи со пад на поддршката дури и кај до неодамна лојалниот бирачки корпус.
Весникот, исто така, наведува дека Вучиќ ги обвинува „странските служби“ за обид за „обоена револуција“ и се потпира на пасивноста на европските престолнини.
Фајненшл тајмс: „Балансирањето“ на Вучиќ на домашната и глобалната сцена
Британскиот Фајненшл тајмс (ФТ) пишува дека по децении на власт, ветераните на авторитарните режими неизбежно се соочуваат со прашањето дали да ја зголемат репресијата, да го зајакнат својот круг на капиталистички пријатели и да ги истиснат остатоците од независните медиуми или да се поклонат пред повиците на опозицијата за реформи, и дека Александар Вучиќ сега се соочува со токму овој избор, пишува ФТ.
„Автократите секогаш се одлучуваат за првиот пристап и стануваат потврдокорни. Сега Вучиќ се соочува и со антивладини протести на улиците на главниот град. Осум години како претседател на Србија, а пред тоа како премиер, владееше со интервенционистичка рака, но водеше повеќе „управувана демократија“ отколку целосна автократија“, пишува британскиот весник, истакнувајќи дека Вучиќ слично лукаво балансирал на глобалната сцена.
Според „Фајненшл тајмс“, пренесува белградската агенција ФоНет, претседателот на Србија има срдечни односи со Москва, но не е толку пријателски расположен кон неа што би ги „разбеснил“ Европската Унија и САД, покрај продажбата на оружје на Украина, а му се додворуваше на Пекинг за милијарди долари кинески инвестиции во индустријата и инфраструктурата.
Весникот, исто така, укажува на кокетирањето на Вучиќ со лидерите на евроблокот Урсула фон дер Лајен или францускиот претседател Емануел Макрон, не само поради најавата за можноста европските рударски компании да ги експлоатираат наоѓалиштата на литиум во Србија.
Според „Фајненшл тајмс“, Вучиќ изградил добри односи и со блиски соработници на Доналд Трамп за време на првиот мандат на американскиот претседател.
Си-ен-ен: Протестите го оспоруваат сè поавтократското владеење на Вучиќ
„Фрустрацијата поради неговото неодговорно и непроѕирно владеење се претвори во протести, предизвикани од уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад минатиот ноември, при што загинаа 16 лица. Станицата ја реновираа кинески компании како дел од иницијативата „Појас и пат“, а противниците на Вучиќ за уривањето ја обвинуваат државната корупција, лошото управување и слабиот надзор, кои ги сметаат за обележја на неговиот режим“, пишува ФТ.
Американската мрежа Си-ен-ен се осврнува на едно од низата јавни обраќања на Вучиќ во неделата, кога тој најави строги мерки против антивладините демонстранти по деновите улични немири низ Србија кои го доведоа во прашање неговото сè поавтократско владеење.
Во едно од неговите чести телевизиски обраќања до јавноста, Вучиќ ги обвини демонстрантите за „чист тероризам“ и ги повтори своите тврдења дека повеќемесечните постојани протести против неговата влада биле оркестрирани од Западот и имале за цел уништување на Србија, објавува Си-ен-ен.
Протестите во Србија продолжуваат од вечер до вечер, а студентите – по неколкуте масовни собири низ целата земја, кои заедно со другите во Белград на 15 март собраа стотици илјади луѓе – навестија „реприза“ оваа есен, најверојатно во септември.
фото: принтскрин
Регион
Конечна судска одлука: Додик повеќе не е претседател на Република Српска

Апелациониот совет на Судот на Босна и Херцеговина ја отфрли жалбата на Милорад Додик против одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) со која му беше одземен мандатот на претседател на Република Српска.
Како резултат на тоа, според сараевските медиуми, Додик официјално повеќе не е на таа позиција, а ЦИК е должна да распише предвремени избори за претседател на ентитетот.
Да потсетиме дека ЦИК претходно донесе одлука за прекин на неговиот мандат, но таа можеше да стапи на сила дури откако ќе стане конечна, или потврдена од Апелациониот совет на Судот на БиХ. Денешната одлука конечно утврди дека Додик повеќе не е претседател на Република Српска.
Во образложението на пресудата, Судот наведе дека мандатот на избраниот функционер завршува на денот на правосилност на пресудата со која е осуден на затворска казна од најмалку шест месеци, што во случајот на Додик беше 12 јуни 2025 година, кога беше донесена второстепената пресуда. Судот ги отфрли и тврдењата за ретроактивна примена на законот, нагласувајќи дека пресудата станува правосилна на денот на нејзиното донесување, додека нејзината извршност е поврзана со доставување до странките, што не ги менува правните последици за мандатот.
Фото: ЕПА