Регион
Турските националисти ја отфрлија коалицијата и малцинската влада
урските опозициски националисти ја отфрлија во понеделникот можноста да коалицираат со исламско-конзервативната владејачка Партија на правото и развојот (AKP) и одбија да ја поддржат малцинската влада, со што дополнително ја компликуваа ситуацијата за премиерот Ахмет Давутоглу кој настојува да ја разреши политичката блокада по последните парламентарни избори во земјата.
По средбата со челникот на крајно десната Партија на националното движење (MHP), Девлет Бахчели, која траеше два ипол часа, премиерот и лидер на Партијата на правото и развојот (AKP), Ахмет Давутоглу, изјави дека не успеале да се договорат за ниту една опција која ја предлагаше тој за излегување од политичката криза во која се наоѓа Турција.
Како резултат на овие неуспешни преговори, турската национална валута – лирата, веднаш потона на рекордно ниското ниво од 2,8680 во однос на американскиот долар.
Давутоглу, исто така, рече дека Бахчели јасно дал до знаење дека неговата партија ќе гласа против предвремените парламентарни избори, доколку тоа му биде предложено на парламентот, што би го отежнало решавањето на кризата до рокот кој истекува на 23-ти август.
Доколку не биде постигнат напредок во преговорите, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, најверојатно, според уставните одредби, ќе го распушти кабинетот на Давутоглу и ќе побара формирање на нова влада во која власта би ја делеле сите четири партии до новите избори оваа есен.
„Сегашната ситуација не упатува на можноста да биде постигната коалиција. Ќе го вратам мандатот, доколку тоа биде потребно, по разговорите со претседателот“, истакна Давутоглу на прес-конференцијата во Анкара.
АКР на изборите во јуни, најмногу поради хомогенизирањето на гласовите на курдската заедница чија блиска партија првпат го проби високиот изборен цензус за влез во парламентот, првпат не успеа да освои доволни пратенички мандати за да владее сама од 2002 година, и не успева да формира коалиција со ниту една од другите три парламентарни партии.
Технички гледано, трите опозициски парти би можеле да формираат мнозинство коешто би поддржало влада, меѓутоа Партија на националното движење (MHP) воопшто не сака да соработува со прокурдската Народна демократска партија (HDP).
Главната опозициска партија Републиканската народна партија (CHP, социјалдемократи), пак, објави во понеделникот дека таа би требало да го добие мандатот да формира нова влада. „Веруваме дека премиерот Ахмет Давутоглу ќе покаже дека ги почитува демократскиот легитимитет и националната волја, и дека ќе му го врати мандатот на претседателот. Очекуваме дека претседателот ќе му го даде мандатот на лидерот на CHP, Кемал Киличдароглу“, изјави партискиот портпарол Халук Коч./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.