Регион
Турските власти пресретнале преписка меѓу следбениците на Ѓулен пред пучот
Турските власти пресретнале шифрирана преписка меѓу следбениците на проповедникот Фетулах Ѓулен водена пред неуспешниот обид за воен преврат ноќта на 15-ти јули, изјавил за агенцијата Reuters извор од турските власти, а претседателот Реџеп Тајип Ердоган ги отфрла обвинувањата од Западот за големите чистки и затворањето на новинари.
Според неименуваниот соговорник на агенцијата, турското разузнавање уште во мај минатата 2015 година добила преписка меѓу следбениците на Фетулах Ѓулен преку специјална апликација којашто започнале да ја користат во 2014 година. Шифрираната коресподенција со помош на други средства се водела од декември 2013 година, рекол изворот на Reuters.
Турските власти така добиле податоци за речиси 40.000 лица кои го поддржувале исламистичкиот проповедник кој од 1999 година живее во егзил во Пенсилванија, САД, и кој повеќепати изјави дека е против сменување на власта преку воен удар.
„Значителен дел од нив се директно поврзани со обидот за државен преврат“, го цитира агенцијата својот соговорник додавајќи дека меѓу нив имало 600 високи офицери.
„Податоците од (апликацијата) ByLock ни овозможија да ја следиме нивната мрежа, во крајна линија значителен дел од неа. Подоцна тие се префрлија на друга апликација, кога сфатија дека ByLock повеќе не е сигурна“, прецизирал изворот истакнувајќи дека претходно се појавија извештаи дека турските разузнавачки служби ги дознале плановите за пучот неколку часови пред неговото започнување, но тоа не им го пријавиле на властите.
Турција во саботата завори 17 новинари кои се обвинети за поврзаност со „терористичка организација“, како што се именува мрежата на следбениците на Ѓулен, а претседателот Реџеп Тајип Ердоган ги отфрла критиките од Западот.
Со овој потег, две седмици по пропаднатиот обид за пуч, треба да се „зајакне националното единство“, откако во петокот Ердоган даде до знаење дека се откажува од гонењето на оние кои се обвинети за негово навредување. Станува збор за околу две илјади лица.
Меѓутоа, големата чистка сепак продолжува, и покрај предупредувањата од Европската унија дека таа може лоши да влијае врз турската кандидатура за членство.
Повеќе од 18.000 луѓе се притворени во последните две седмици. Против десетина илјади е покренато обвинение и се притворени. Отпуштени или суспендирани од државните служби се околу 66.000 луѓе во сите министерства.
Во саботата 17 од 21 новинар кои се појавија на судот во Истанбул, добија обвинување за поврзаност со „една терористичка организација“, јави службената новинска агенција Anadolu.
Меѓу нив е Назил Иличак, позната новинарка, поранешна пратеничка на владејачката Партија на правото и развојот (AKP) и поранешни членови на редакцијата на весникот Zaman кој беше наклонет на имамот Ѓулен до март годинава која властите ја преземаа контролата над издавачот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

