Регион
„Вечерње новости“: Германија бара Србија да го избрише Косово од Уставот

Поглавјето 35 од пристапните преговори на Србија со Европската унија (ЕУ), а кое е посветено на Косово, нема да биде затворено сè додека земјата не го усогласи Уставот со Бриселскиот договор, особено Преамбулата и членовите за територијалното уредување, пишува весникот „Вечерње новости“.
Според информациите на весникот, без исполнувањето на ова барање, поглавјето 35 нема да може да се затвори, па така и членството во ЕУ ќе остане неизвесно.
Засега не е прецизно дефинирано дали прилагодувањето на српскиот Устав предвидува и бришење на преамбулата која јасно дефинира дека Косово е составен дел на Србија, а според многумина ова е најголемата замка која се крие во берлинскиот пакет и која имплицира признавање на независноста на Косово, пишува српскиот весник.
Според весникот, германското министерство за надворешни работи со месеци работело на формулацијата на содржината на косовското поглавје, а српските преставници со точната листа на услови биле запознаени кон крајот на октомври.
Шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Мајкл Девенпорт изјавил дека преговорите меѓу Србија и ЕУ не се сопрени и дека ништо не е загубено.
„Досега завршија скрининзи за 23 од 35 поглавја, а Србија работи на акциски планови за поглавјата 23 и 24“, рекол Девенпорт.
Од германската амбасада во Белград демантирале дека постои листа со 11 услови за отворање на поглавјето 35, но потврдиле дека германската влада ќе даде согласност за отворање на ова поглавје, дури кога обврските од Договорот за нормализација на односите од април 2013 година ќе бидат целосно спроведени и кога Србија јасно ќе изрази подготвеност да го продолжи дијалогот со Косово./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Црна Гора го прогласи 14 август за Ден на жалост поради смртта на војникот

Владата на телефонска седница одлучи задутре, 14 август, да го прогласи за Ден на жалост поради смртта на војникот, кој денес загина при превртување на цистерна додека помагаше во гаснење пожар.
Помладиот водник Дејан Божовиќ од Даниловград загина, а водникот Марко Иковиќ се здоби со тешки повреди при гаснење пожар во областа Кучи, во Црна Гора, објави Министерството за одбрана на Црна Гора.
Војската на Црна Гора, во соработка со надлежните органи, спроведува истрага за да се утврди причината и околностите на несреќата.
Регион
Објавен идентитетот на војникот кој загина во Црна Гора кога се преврте цистерна за гаснење пожар

Помладиот водник Дејан Божовиќ од Даниловград загина, а водникот Марко Иковиќ се здоби со тешки повреди при гаснење пожар во областа Кучи, во Црна Гора, објави Министерството за одбрана на Црна Гора.
Помладиот водник Божовиќ бил припадник на 1-ви пешадиски баталјон, оженет и татко на четири деца. Тој бил во Армијата од 2006 година и бил митралезец на 120-милиметарски минофрлач.
Повредениот водник Иковиќ, исто така припадник на 1-ви пешадиски баталјон, бил лекуван и префрлен на медицинска помош. Тој има сериозни повреди, но во моментов е во стабилна и свесна состојба.
Војската на Црна Гора, во соработка со надлежните органи, спроведува истрага за да се утврди причината и околностите на несреќата.
Фото: Принтскрин
Регион
Додик ја откупи едногодишната затворска казна

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, ги исплати парите што ги искористи за замена на едногодишната затворска казна што ја доби по конечната пресуда за непочитување на одлуките на високиот претставник, објави Кликс.ба.
„Одлучувајќи по барањето на одбраната на осудениот Милорад Додик за замена на изречената затворска казна со парична казна, Судот, во согласност со законските прописи, донесе одлука со која, по изјавата на Обвинителството на БиХ, беше усвоен горенаведениот предлог на одбраната, а затворската казна на осудениот Милорад Додик беше заменета со парична казна“, соопшти Судот на БиХ.
Додик платил 36.500 КМ 18.662 (евра), или 100 КМ за секој од 365-те дена што требало да ги помине зад решетки.
Покрај затворската казна, на Додик му е забрането и политичко дејствување во траење од шест години. Поради овој дел од пресудата, Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот како претседател на Република Српска.
Одлуката на Комисијата денес ја прими неговиот адвокат, Горан Бубиќ, кој поднесе жалба. Се очекува одлуката на Жалбениот совет да биде објавена следната недела.
фото: принтскрин