Регион
Во Грција 10.000 луѓе излегоа на улиците на годишнината од полициското убиство на тинејџер
Околу десет илјади луѓе излегоа во саботата во поворки во повеќе грчки градови, како Атина, Солун и Патрас, на протести со кои се одбележува сеќавањето на 15-годишниот Алексис Григоропулос, кој во декември 2008 година беше застрелан од полицаец.
Според тамошните медиуми, во Атина четири илјади демонстранти се движеле во поворка којашто била будно следена од полициски сили. Оваа манифестација во грчката престолнина минала мирно.
Меѓутоа, во Солун, каде што во одбележувањето на трагедијата учествувале повеќе од шест илјади луѓе, дошло до помали кошкања со полицијата којашто употребила солзавец. За време на инцидентите биле оштетени излози на продавници и камерите за надзор на банки. Полицијата соопшти дека уапсила неколкумина припадници на анархистички движења. Судири со полицијата имало и во пристанишниот град Патрас, третиот по големина град во Грција.
Истовремено учесниците на манифестациите изразиле солидарност и со затворениот анархист Никос Романос кој во знак на протест повеќе од месец штрајкува со глад. Овој 21-годишен анархист беше осуден на 15 години и 11 месеци затвор, за двоен вооружен грабеж на банки и земање заложници во 2013 година. За време на притворот, тој успешно го положи државниот испит, што му овозможува да се запише на атинскиот универзитет, но не може да се образува.
Романос побара да му биде дадено „отсуство за учење’, меѓутоа министерството за правда на Грција смета дека тоа е невозможно. Младиот човек се прогласи себеси за „политички затвореник“ и „анархистички борец против власта“. Лекарите сметаат дека неговото здравје е сериозно загрозено. Левичарските и анархистичките организации го осудуваат одбивањето на власите да му обезбедат на Романос „гарантираното во уставот право на образование“, и бараат тој да биде ослободен од затвор за да може да студира. Властите стравуваат дека евентуалната негова смрт, анархистичките радикали ќе го направат свој херој и може да испровоцираат нов бран немири и масовни судири со полицијата во грчките гадови.
Грчкиот премиер Антонис Самарас се согласи во понеделник, 8-ми декември, да се сретне со семејството на Романос. Досега властите на младиот анархист му предложија да студира вонредно, без напуштање на затворот, но тој го одби предлогот.
Медиумите истакнуваат дека Романос бил другар со Алексис Григоропулос и бил со него кога тој беше убиен од полициски истрел.
Убиството во декември на петнаесетгодишниот Григоропулос предизвика дотогаш невидени судири меѓу грчката младина и полицијата, големи уништувања и подметнувања пожари во кои изгореа стотици продавници, банки, бензински пумпи и возила, кои траеја повеќе од три седмици. Стопанската комора на Атина соопшти дека тогаш само во главниот град биле уништени 565 дуќани, а штетите беа проценети на 200 милиони евра.
Судењето на двајцата полицајци обвинети за убиството на тинејџерот траеше повеќе од година. Балистичките тестови покажаа дека куршумот директно го погодил в срце Григоропулос со рикошет, но според сведоци, 38-годишниот полицаец пукал во насока на група тинејџери кои блокирале патролен полициски автомобил. Судот утврди дека полицаецот е виновен за убиство со умисла и во октомври 2010 година го осуди на доживотен затвор. Вториот полицаец беше осуден за соучесништво во злосторство, и доби 10 години затвор.
По оваа трагедија секој 6-ти декември приврзаниците на левичарските организации и анархистички движења одржуваат демонстрации во знак на сеќавање на убиеното момче, повикувајќи на „отпор кон властите и солидарност со политичките затвореници“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Атина без такси 48 часа: возачите на улица против даночните мерки
Таксистите во Атина најавија 48-часовен штрајк, објави „Катимерини“. Нивното незадоволство произлегува од новите даночни политики и задолжителниот премин кон електрични возила.
Синдикатот на таксистите во Атина (SATA) наведува дека задолжителното воведување електрични автомобили го загрозува опстанокот на секторот, поради недостаток на соодветна инфраструктура за полнење, прифатливи цени на електричната енергија и реални трошоци за возилата. Таксистите оценуваат дека ваквиот потег претставува економско уништување, а не зелена транзиција.
Возачите изразија загриженост и поради недостиг од јасна регулаторна рамка која ги раздвојува такси-услугите од возилата за изнајмување со возач. Според SATA, такси-возилата обезбедуваат превоз од точка до точка, додека приватните компании за изнајмување продаваат време на патување.
Синдикатот тврди дека мултинационалните апликации за споделено возење го нарушуваат пазарот, посочувајќи дека грчките професионалци работат под строг надзор, додека странските компании функционираат без доволна контрола или локална даночна основа.
Таксистите бараат и пристап до лентите за автобуси при превоз на патници, нагласувајќи дека такси-услугите се дел од јавниот превоз и дека ограничувањата ги зголемуваат сообраќајните гужви и негативното влијание врз животната средина. Во однос на оданочувањето, SATA истакнува дека возачите се соочуваат со неправичен третман и растечки трошоци за гориво, одржување и живот, наведувајќи дека секторот повеќе не може да издржи прекумерен даночен притисок.
Фото: pexels
Регион
Вучиќ од Абу Даби: Пандорината кутија е отворена; ќе дадам сѐ за да го зачуваме мирот и нашата земја
Претседателот на Србија Александар Вучиќ им се обрати на граѓаните од Абу Даби, каде што присуствуваше на отворањето на Неделата на одржливост 2026 и се сретна со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед.
Вучиќ изјави дека државата мора сериозно да се насочи кон развојот на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека светот влегува во нова ера на големи промени.
„Големи промени се случувале и порано – од 15 век, кога Европа воспоставила доминација благодарение на научните откритија и освојувањето територии. Денес сите гледаат дека доаѓа ново време кое го носи вештачката интелигенција. Ние сме на 39. место во светот според индексите, што е подобро отколку што очекувавме“, рече Вучиќ, пренесе „Б92“.
Тој додаде дека тоа не е доволно и предупреди дека за шест месеци неработење Србија може да падне и на 70. место, нагласувајќи дека мора постојано да се работи и учи.
„Се соочуваме со две работи – огромен напредок и стравот кај луѓето дека ќе ги загубат работните места“, изјави Вучиќ.
Тој истакна дека државата мора да создаде рамка која ќе го поттикне развојот на вештачката интелигенција, но и ќе гарантира дека граѓаните нема да останат без работа. Посочи дека три проценти од енергијата во Европа се трошат на суперкомпјутери и дека ќе биде неопходно зголемување на енергетските капацитети.
„Важно е да го подготвиме теренот за децата што доаѓаат по нас, за да можат рамноправно да се натпреваруваат со другите во светот“, додаде тој.
Вучиќ информираше дека имал кратка средба со шеикот Мохамед бин Зајед и изрази благодарност за гостопримството, додавајќи дека наскоро се надева на добри вести поврзани со НИС.
„Мораме да ги зголемиме капацитетите на ЕПС, но и да склучуваме договори со други за да ги обезбедиме нашите потреби“, изјави српскиот претседател.
Осврнувајќи се на меѓународната ситуација, Вучиќ зборуваше за Гренланд и Иран, оценувајќи дека светот влегува во период на голема неизвесност.
„Не се радувам на ништо од тоа што се случува. Се плашам од времето во кое влегуваме. Пандорината кутија е отворена и повеќе никој не може да ја контролира“, рече Вучиќ, додавајќи дека ќе вложи целосна енергија за да ги зачува мирот и државата.
Тој нагласи дека граѓаните на Србија не треба да се грижат и дека државата внимателно ја следи ситуацијата. Потврди и дека утре ќе има билатерална средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати.
„Станува збор за двајца лични пријатели. Разговараме како да ја унапредиме соработката. Не заборавајте дека дел од дроновите ги набавуваме од тука“, изјави Вучиќ.
На крајот, тој се осврна и на критиките од дел од медиумите, нагласувајќи дека Србија успеала да издржи и во најтешките моменти, дури и кога 94 дена немало испорака на нафта, без граѓаните да го почувствуваат тоа.
Регион
Снег падна и на Крит и островите во Егејот, дел од училиштата затворени
Снег падна во Грција, на полуостровот Халкидики и на островите во северниот Егеј – Лимнос, Лезбос, Хиос и Споради, како и на планините околу Атина, но и на Евија и Крит.
На Крит сообраќајот на места беше во прекин поради силен град.
Поради временските услови, работата на повеќе училишта е прекината, а наставата се одвива онлајн таму каде што е можно.
Иако температурите се над нулата, снегот и понатаму се задржува.
Фото: pexels

