Регион
Во нова акција против ѓулевистите 44 уапсени во Турција

Најмалку 44 високи функционери и припадници на безбедносните сили се приведени во вторникот во Турција во рамките на судската истрага отворен во Измир против имамот Фетулах Ѓулен, исламски филозоф проповедник кој е во егзил во САД, и кој од сојузник стана најголемиот противник на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Акцијата е изведена во 18 покраини ширум земјата и доведе до апсење на високи полициски и политички функционери, осомничени за „поседување воени и доверливи документи“, пишува агенцијата Dogan повикувајќи се на судски извори. Агенцијата Anadolu, во извештајот додава дека приведените се осомничени и за „вршење активности надвор од должностите“.
Според извори на весникот Hürriyet, акцијата е насочена против нелегална организација којашто претседателот Реџеп Тајип Ердоган и турската влада ја означуваат како „Фетулистичка терористичка организација“. Додале дека налози за притвор биле издадени за вкупно 57 лица, меѓу кои и за самиот имам Фетулах Ѓулен.
Меѓу приведените 44 лица се и поранешниот началник на полицијата во Измир, Али Билкај, и поранешните заменици на началникот Мехмет Али Шевик и Рамазан Каракаја, како и високо поставени полициски функционери од источната покраина Елазиг, лица кои извршувале должности на гувернери и заменици гувернери, како и други високи функционери, пренесува весникот Hürriyet.
Акцијата е покрената само два дена под надмоќната победа на ердогановата Партија на правото и развојот (AKP), којашто на неделните вонредни парламентарни избори го поврти апсолутното мнозинство во парламентот коешто ги загуби на изборите од 7-ми јуни, првпат по 2002 година откако првпат дојде на власт.
Операцијата, исто така, претставува продолжени од сличната којашто пред помалку од една седмица се одвиваше во Истанбул, кога на 28-ми октомври, три дена пред изборите, полицијата изврши рации во седиштата на телевизиите во сопственост на медиумската групација „Koza Ipek Group“, под обвинување за фискални неправилност. Групацијата е ставена под управа на владини повереници додека трае судската постапка, а турската јавност препознава во оваа акција пресметка со Ѓулен, поради тоа што телевизиите биле критички настроени кон претседателот Ердоган и владата водена од неговата партија.
Имамот Ѓулен, кој се смета за особено значаен за политичкиот подем на Ердоган и на AKP, кон крајот на 2013 година стана најголемиот противник на турските власти, по серијата корупциски скандали и незаконски прислушувања на владини и државни функционери, блиски на сегашниот турски претседател. За овие скандали Ердоган го обвинува Ѓулен, кој од САД управува со влијателна мрежа приватни образовни институции, од детски градинки до универзитети, кој со своите приврзаници во земјата формирал „паралелни структури“ во полицијата и судството, како и другите државни институции, со цел да ја собори владата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) На детско игралиште во Белград убиен маж

Едно лице беше убиено синоќа во пукотница на булеварот „Вудро Вилсон“ во Белград на вода, објави РТС.
Докторката Виолета Николиќ од Одделот за итни случаи потврди за РТС дека 35-годишен маж бил застрелан синоќа во 23:13 часот.
„Нашиот тим можеше само да заклучи дека 35-годишниот маж е мртов“, рече д-р Николиќ.
На социјалните мрежи се објавени снимки на кои се гледа телото на убиениот маж на детско игралиште и апсењето на друго лице.
фото: принтскрин
Регион
Пицула ја критикува ЕУ за пофалбите што ги дава на Србија: „Наместо тоа, барајте вистински реформи“

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, изјави дека претставниците на ЕУ треба да се воздржат од прекумерно фалење на реформите во Србија, која е потресена од месеци антивладини протести предизвикани од железничката несреќа во Нови Сад пред една година.
Тој се осврна на честите пофалби од Европската комисија, како онаа минатата година кога претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, му се обрати на српскиот претседател Александар Вучиќ со „драг Александар, покажа дека делата ги следат твоите зборови“.
За време на посетата на Белград во среда, наративот малку се смени, при што фон дер Лајен му се обрати на Вучиќ со „Господине претседателе“.
„Апелираме до Комисијата наместо тоа јасно да ја артикулира потребата од вистински и сеопфатни реформи, вклучително и враќање на демократските институции, зајакнување на владеењето на правото и борба против корупцијата и организираниот криминал“, рече Пицула.
Потпретседателката на пратеничката група на С&Д, белгиската европратеничка Кетлин Ван Бремпт, која е задолжена за проширување на ЕУ во нејзината група, истакна дека секоја неоправдана пофалба од страна на Комисијата за властите во Србија води до тоа студентите и граѓаните што протестираат на улиците да се чувствуваат предадени.
Европскиот парламент следната недела во Стразбур ќе дебатира за резолуција за растечката репресија во Србија, една година откако се урна настрешница на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Трагедијата предизвика месеци протести што Вучиќ ги нарекува „обоена револуција“.
Во изјава за новинарите во Брисел, Пицула рече дека од февруари до септември оваа година имало повеќе од 10.700 протести низ цела Србија, кои биле обележани со репресија врз демонстрантите, произволни апсења и политички мотивирани притворања.
фото: принтскрин
Регион
Грција го усвои контроверзниот закон – отворен патот за 13-часовно работно време

Грчкиот парламент денес го усвои новиот закон за труд, кој предизвика бурни реакции и протести во целата земја. Со 158 гласа „за“ и 109 „против“ владиниот предлог беше изгласан, а левичарската опозициска партија СИРИЗА одби да учествува во гласањето.
Законот, кој според владата има цел да го направи пазарот на труд поприспособлив и поефикасен, им овозможува на работодавците во приватниот сектор да бараат од своите вработени да работат до 13 часа дневно наместо досегашните осум. Продолженото работно време може да се применува најмногу 37 дена годишно, а работниците се заштитени од отказ доколку одбијат да работат прекувремено.
Владата тврди дека со новите правила се зголемуваат флексибилноста и заштитата на работниците, особено оние со семејства, и дека законот дозволува четиридневна работна недела доколку има претходен договор меѓу работодавецот и вработениот.
Меѓутоа, синдикатите и опозицијата остро реагираа предупредувајќи дека реформата ја укинува суштината на осумчасовниот работен ден и ја легализира прекумерната експлоатација. Синдикатот на државните службеници ADEDY порача дека „флексибилното работно време во пракса значи уништување на семејниот и на општествениот живот и укинување на работничките права“.
Синдикатите потсетуваат и дека просечните плати во Грција се значително пониски од европскиот просек, а нерегистрираниот труд и натаму е голем проблем. Опозициските партии оценија дека законот е застарен и спротивен на европските тенденции за скратување на работното време и воведување пократка, но поквалитетна работна недела.
Новите одредби предвидуваат и поголема флексибилност при вработувања на определено време, со цел, како што наведува Министерството за труд, да се стимулираат продуктивноста и модернизацијата на пазарот на труд.
И покрај уверувањата на владата дека законот ќе ги заштити работниците и ќе овозможи подобра рамнотежа меѓу работа и приватен живот, јавноста останува поделена.