Регион
Во Турција деактивирана автомобил бомба со 150 кгр експлозив
Турските пиротехничари деактивирале експлозивна направа пронајдена изминатата ноќ во возило во близина на владин објект во град во курдскиот југоисток на Турција, пренесуваат во петок медиумите повикувајќи се на полициски извори.
Возилото со 150 килограми експлозив е пронајдено во градот Гани во делот од покраината Дијарбекир, населена со мнозинско курдско население. Полицијата во рамките на истрагата ги проучува снимките од безбедносните камери поставени во областа околу владиниот објект.
Свеченост по повод Ден на сеќавање на мачениците и за 101-годишнината од битката кај Чанаккале, требаше да се одржи во петок во државните институции, потсетува агенцијата Anadolu.
Курдските екстремисти во четвртокот ја преземаа одговорноста за самоубиствениот напад од неделата во турската престолнина Анкара во кој загинаа 35 луѓе и двајца атентатори. Притоа групата Јастреби на слободата на Курдистан (ТАК) најави нови напади врз владини цели и безбедносните сили на Турција, откако ја презема одговорноста и за нападот од февруари, исто така, во Анкара кога беа убиени 29 лица.
Поради таквите закани, Германија ги затвори од четвртокот своите дипломатски мисии и образовни институции во Турција.
Американската амбасада во Анкара издаде соопштение за своите државјани да ги имаат предвид мерките за претпазливост, наведувајќи дека овој викенд се одбележува Курдската нова година – Невроз, како и дека на големите настани може да дојде до судири и насилства.
Амбасадата на САД, исто така, потсетува дека цели на терористичките организации во последно време беа железничките и автобуските станици, институциите на турската влада и јавни простори/.крај/мф/сн
Извор: Anadolu
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Во Хрватска во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група, составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија, Анте Шушњар, често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

