Регион
Вучиќ: Немаше државен удар, не се чувствувам загрозено

Српскиот премиер Александар Вучиќ смета дека во земјата не бил извршен државен удар и дека не постојат ниту сили ниту пак волја за такво нешто, но дека постои „перманентна“ намера да се сруши владата, пренесуваат српските медиуми.
Во интервјуто за РТС српскиот премиер потенцирал дела медиумите во земјата цело време полемизираат со еден српски новинар, кој ги лансирал тврдењата за државен удар.
„Новинарот Драган Ј. Вучичевиќ пред десет дена изнесе некои работи кои не се целосно вистинити, државен удар е кога доаѓа до промена на власта одвнатре. Во овој случај, не мислам дека постоеше државен удар, ниту сила ниту волја за такво нешто. Овде постои перманента намера да се сруши српската влада, но не се работи за државен удар“, изјавил Вучиќ.
На прашањето дали некои западни земји се вмешани во неодамнешните случувања, премиерот рекол дека не сака да говори за нешто за кое што нема докази.
„Не можам да говорам за амбасадите. Се случуваа чудни работи, од една западноевропска земја, кога бев во посета на мигрантите, ме известија дека се случило нешто, односно еден човек секаде се распрашувал за тоа колкаво е моето обезбедување и од кое единици е. На крајот го повикаа и се востанови дека се работи за главниот известувач, односно првиот секретар на една западна амбасада. Зошто тоа им беше нив важно не знам, но за мене тоа беше разочарување. Сепак не сакам да ги расипам односите со таа земја. Тоа се случи после инцидентот во Сребреница“, раскажал Вучиќ.
Српскиот премиер исто така изјавил дека му е мака поради тоа што зад одредени медиумски притисоци стоел и Брисел, односно Европската унија.
„Благодарам поради тоа што ни дадовте големи пари за поплавите, 70 милиони евра, но зошто не го дадовте и тој уште еден милион повеќе. На луѓето повеќе ќе би им значело тоа отколку што се бавевте со тоа да се изнесат невистини против Владата на Србија и тоа да се нарече `некакво истражување`“, потенцирал Вучиќ.
Во однос на проблемите внатре во неговата партија, Српската напредна партија (СНС), Вучиќ изјавил дека се работи за партија во која луѓето имаат различни идеи, но дека суштинско е постигнувањето на напредок.
„СНС е партија од луѓе кои имаат различни идеи, но кои правецот на напредок им е основен и суштински. Смешни се тврдењата дека Зорана Михајловиќ (министер за сообраќај и инфраструктура) е мој главен опонент во Владата. Доколку на Зорана и одговара да се пофали со тоа, во ред, но јас тоа не го забележав. Имам доверба во неа и тоа што таа го работи во министерството“, рекол Вучиќ. Тој се осврнал и на работата на српскиот претседател Томислав Николиќ, нагласувајќи дека „претседателот одговорно ја врши својата работа и има поддршка од Владата и од мене“./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Реков дека нема помилување и се чувствував лошо, ова се наши деца

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека можеби ќе помилува некои од уапсените студенти, иако пред неколку дена изјави дека нема да го стори тоа.
„Размислував за тоа пред неколку дена. Реков дека нема да има помилувања и се чувствував лошо. Ова се наши деца, можам да им помогнам. Можам да одам подалеку од мојот збор за да ги спасам животите на другите, бидејќи така како што размислуваат, нема да можат да најдат работа никаде. Ќе им остане дамка до крајот на животот“, рече Вучиќ, според Нова.рс.
Тој нагласи дека е претседател и на оние луѓе кои велат дека тој е дилер на дрога и дека неговиот татко не е негов татко. „Јас морам да се грижам за нив“, забележа тој, додавајќи дека тие паднале под влијание на „пропагандната телевизија на криминалец“.
Вучиќ се обрати во неделата, еден ден по масовниот студентски протест во центарот на Белград.
„Седум месеци терор се случуваат од група луѓе кои го зедоа законот во свои раце. Обвинителството мора да си ја заврши работата, доаѓа време за одговорност. Нема да потпишам помилувања, никаква аболиција“, рече тој во таа пригода.
Регион
Санторини и Миконос се најскапи: од денес, туристите плаќаат нов данок во Грција

Од денес, патниците на крузери ќе плаќаат данок од 20 евра ако патуваат до островите Санторини и Миконос, како и пет евра ако одат на други грчки острови, објави Министерството за финансии на таа земја.
„Како што диктира регулативата, оваа такса ќе се однесува на Санторини, Миконос и други острови во помала мера“, изјави претставник на Министерството за финансии, пренесуваат медиумите во регионот.
Грција минатата година донесе закон за да се обиде да го регулира пристигнувањето на големи бродови на популарните туристички дестинации и да ја олесни инфраструктурата.
Даноците ќе се наплаќаат од 1 јуни до 20 септември, а според регулативата, крузерите ќе ги плаќаат од сопствен буџет, а подоцна ќе ги вклучат во цената на билетот за патниците.
Патувањето со крузери станува сè попопуларно во последните неколку години, а приходите во овој сектор се зголемија за 22,4 проценти во текот на изминатата година.
Регион
Милановиќ: Лицемерни и неискрени ветувања за Украина за членство во ЕУ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денес изјави дека, за жал, Европската Унија со години убива некои земји, а за тоа недостига волја кај некои актери со одложување на нивните преговори.
„Тоа се Црна Гора, Албанија. Па во таа смисла легитимно е да се зборува за Украина во ЕУ, но можам да забележам дека тоа е земја чии територијални перспективи не се јасни. Таа е во војна, а што се однесува до општите услови за членство, не гледам дека ги исполнува. Тоа се фактите. Што ќе се случи потоа, ќе одлучи ЕУ“, рече Милановиќ.
Милановиќ им го кажа ова на новинарите откога го угости својот полски колега Петер Пелегрини одговарајќи на прашање за членството на Украина во Европската Унија.
„Искрено, мислам дека таквото ветување е лицемерно и неискрено. Ова е ставот кон Украина од првиот ден, од 2013 година. Многу зборував за тоа“, рече Милановиќ, а потоа продолжи да зборува за средствата за одбрана:
„Практично, ѝ дадовме на Украина 35 тенка подарок и ништо не добивме за возврат. Добивме трошки од Германија“.
„Способности, а не проценти, тоа е она што е важно“, рече Милаовиќ и продолжи:
„Разговарав со американскиот претседател Доналд Трамп кажувајќи му, без никаков сарказам, дека цените на оружјето треба да се намалат. Американците, Германците, Французите и Британците се како агенти за продажба на сопствените одбранбени индустрии. А ние, од друга страна, сме купувачи и купуваме неверојатно скапа стока кога ќе ја добиеме. Тоа се фактите и на оној што не му се допаѓа нека престане да живее во свет на фантазии“.
Тој исто така коментира за критиките дека словачкиот претседател Роберт Фицо е руски човек.
„Руски човек, што значи тоа? Го познавам. Тој не е руски човек, дури ни во однос на афинитетите, но во некои критични ситуации ќе се однесува како што се однесува“, рече Милановиќ.
Тој вели дека нема никаква врска со Русите, но не може да биде изненаден кога тоа доаѓа од луѓе што ги поминале своите кариери како руски пудлици.
„Дали е ова уреден начин на комуникација?“, праша претседателот на Хрватска и рече:
„Овие приказни дека сум руски човек се одвратни и доаѓаат од луѓе што треба да внимаваат што зборуваат“, објави хрватскиот портал „Дневник“.