Регион
Вучиќ од меѓународната заедница бара заштита за косовските Срби
Српскиот премиер Александар Вучиќ го оцени во понеделникот вооружениот инцидент во српската енклава Гораждевац кај Пеќ како напад „врз целокупниот српски народ на Косово и Метохија“ и побара од меѓународната заедница да ги заштити косовските Срби.
Во нападот извршен во Гораждевац во раните утрински часови немаше повредени, меѓутоа локалното српско население откако било пукано врз неколку куќи и во автомобили, запалени се едно возило и киоск, а споменикот во центарот на селото е демолиран, пренесе Радио-телевизија на Србија (РТС).
„Ова е напад врз целокупниот српски народ на Косово и Метохија, врз куќа во којашто живее седумгодишно девојченце. А да не го споменувам и уништувањето на споменикот. Од Приштина не очекувам ништо, но крајно време е меѓународната заедница да преземе мерки и да ги заштити Србите таму“, изјави во понеделникот српскиот премиер Александар Вучиќ за новинарите, најавувајќи дека претставник на владата на Србија ќе го посети Гораждевац.
Вучиќ истакна дека веќе разговарал со повеќе меѓународни функционери и најави дека по повод најновиот инцидент на Косово ги повикал претставниците на НАТО и на европската правосудна мисија Еулекс, изразувајќи надеж дека напаѓачите ќе бидат откриени и дела меѓународната заедница на тоа „сериозно ќе му пристапи“.
„Сакам да ги охрабрам да останат да живеат, а нашата работа е да ја обезбедиме нивната сигурност и убеден сум дека ќе мораме по тоа прашање да добиеме добри резултати“, рече Вучиќ и додаде дека ова е „многу лоша вест која обеспокојува“.
Министерот за враќање (на Косово) и заедници во косовската влада, Далибор Јевтиќ, за агенцијата Танјуг изјави дека инцидентот се случил околу три часот утрото, дека е најмалку пет куршуми се истрелани само врз куќа на петочлено семејство, а еден од нив бил најден во тоалетот. Додаде дека, откако напаѓачите неуспешно се обиделе да го запалат споменикот, го демолирале//крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Следната година е многу важна, ќе ја одреди судбината на Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја оцени 2026 година како исклучително важна година поради изборите што ќе „ја одредат судбината на Србија“ и големите инвестиции планирани како дел од подготовките за изложбата ЕКСПО 2027, пишува „n1info.rs“.
Вучиќ изрази надеж дека граѓаните ќе „судат според постапките“ кога гласаат и ќе дадат поддршка на Српската напредна партија.
„Донесете ја одлуката со ладна глава и рационално. Погледнете што е направено, разгледајте ги плановите, програмите и луѓето кои се способни да спроведат нешто или не се способни“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека за него е важно што знае колку народот дал за да ја спаси земјата.
„Знам колку разбравте дека вашата земја е загрозена и колку сакавте да помогнете, и затоа сум ви бескрајно благодарен. Благодарение на вас и вашата сила, успеавме да се бориме, успеавме да ја одбраниме и зачуваме Србија и сега само гледаме како Србија може да продолжи напред. Ви благодарам за вашата поддршка“, рече тој.
Фото: депозитфотос
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos

