Регион
Вучиќ: Србија нема да ја менува политиката кон Русија
Србија е една од ретките земји која не воведе санкции кон Русија и „нема да го менува политичките и економските односи“, бидејќи Србија и Русија имаат долга историја на пријателски односи кои се „добра основа за јакнење за економските врски“, изјави во вторникот во Москва српскиот премиер Александар Вучиќ, кој се наоѓа во тридневна посета на Русија.
„Нашата влада сака да ја поддржи таа соработка. Околу илјада компании во руска или делумно руска сопственост веќе работат во Србија во различни гранки и тоа е потврда на трајноста на нашите економски врски“, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ на отворањето на Деловниот форум на неколку стотици руски и српски компании во Москва, пренесуваат руските и српските медиуми.
Потсетувајќи дека Русија е една од трите најважни српски надворешнотрговски партнери, Вучиќ истакна дека неговата влада настојува да привлече уште повеќе руски инвеститори. Како важни задачи во српско-руската економска соработка, тој ги наведува создавањето на заеднички фирми кои би настапувале на трети пазари, растот на извозот на земјоделски производи во Русија, и вклучување на автомобилите на списокот за слободна трговија.
Вучиќ подоцна имаше средба и со рускиот премиер Дмитриј Медведев, а по состанокот уште еднаш истакна дека Србија го докажала својот пријателски однос кон Русија која една од европските држави којашто и покрај многубројните барања не воведе санкции, како и дека сака со неа да развива пријателски однос „на рационални основи“.
Пред средбата српскиот премиер на новинарите им рече дека на рускиот колега ќе му го планот на Србија за враќање на долгот кон Русија „Долговите денеска изнесуваат 303 милиони евра кон ‘Газпром’. Тоа се заостанати од претходниот период, не ги направи мојата влада. Мојата влада до пара ги исплаќа своите обврски и не доцни ниту ден“, рече Вучиќ.
Рускиот премиер Медведев, пак, истакна дека Србија има свој удел на рускиот пазар, како и дека увозот од оваа земја за половина година се зголемил за 40 отсто. Според негов, најдобар пример за соработка на големите инфраструктурни проекти е енергетиката, при што се очекува дека НИС, руско-српска компанија, ќе се развие во регионален лидер.
Потврдувајќи дека двете страни разговарале за српските долгови за гасот, Медведев истакна дека продолжуваат активностите на осигурување на испораките на руски гас за Србија, и изнаоѓање нови правци за испорака по прекинувањето на Јужен тек. Рускиот премиер изрази и очекување дека договорите кои во текот на вторникот беа потпишани меѓу двете земји, ќе бидат и навистина реализирани.
Српскиот премиер Вучиќ од понеделникот престојува во тридневна посета на Москва, предводејќи ја политичко-стопанската делегација која брои повеќе од сто луѓе, а освен разговорите со рускиот колега Медведев, ќе се сретне и со претседателот Владимир Путин. Станува збор за најголемата деловна делегација на Србија којашто кога и да е престојувала во Русија, а предвидени се и средби со челниците на руските компании како „Лукоил“, „Газрпом“ и Руските државни железници./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

