Регион
Вучиќ во посета на САД – важен сигнал за поддршка за Србија во патот кон ЕУ и НАТО
Српскиот премиер Александар Вучиќ во вторник патува во еднонеделна посета на САД, каде ќе посети голем број на американски компании кои почнале или пак планираат да вложуваат во Србија, пренесува Б92.
Српскиот премиер во Вашингтон ќе биде пречекан од страна на сенаторот Џон Мекејн, потоа помошникот на американскиот државен секретар Џон Кери, Викторија Нуланд и потпретседателот на САД, Џозеф Бајден.
Темите кои долго време ги оптоваруваат односите меѓу двете земји се палењето на америаканската амбасада во Белград и случајот со браќата Битиќ, а според српските аналитичари за сето ова секако дека ќе се разговара, но дека посетата сепак нема да биде посветена само на тие теми.
Аналитичарот Милан Мишиќ навел дека главниот спор на овие две земји е Косово, пишува Б92.
„Посетата секако не е посветена на случајот со браќата Битиќ. Она што треба да се има предвид е дека и Србија и САД ги знаат своите позиции. Главниот спор е околу Косово, а за САД тоа е решена работа“, нагласил Мишиќ.
Една од претпоставките е дека главна тема сепак ќе биде обезбедувањето на поддршката за Србија во патот кон ЕУ и НАТО.
Поранешниот дописник од Вашингтон, Момчило Пантелиќ навел дека САД би можеле да бидат таа поддршка за интегрирањето на Србија во ЕУ.
„Во што би можело да се состои таа поддршка е еден од разговорите преку кои САД ќе бидат уверени дека сме на одлучен пак кон Западот и дека евентуално ќе се отворат некои поглавја од преговорите до крајот на годината, а тоа би било и најголемата придобивка, покрај економските аранжмани кои се најавени“, изјавил Пантелиќ.
Посетата на Вучиќ на САД била коментирана и од страна на дипломатските претставници во Брисел, напоменувајќи дека САД можат силно да ги поддржат преговорите на Србија за членство во ЕУ и да придонесат за да се надминат неоправданите препреки за отворањето на поглавјата во овие преговори. Поранешниот министер за надворешни работи на Србија, Иван Мркиќ пак, изјавил дека со претстојната посета ќе се засилат односите со Вашингтон и додал дека ова како и последните случувања во врска со гасот на никој начин не ја одалечуваат Србија од Русија./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

