Регион
Жандармерски офицер убиен во источна Турција
Командант на жандармериска единица е убиен во вооружен напад во округот Малазгирт во источната турска покраина Мус ноќта кон вторникот, пренесуваат медиумите.
Како што пренесува во вторникот агенцијата Anadolu, вооружени напаѓачи пукале врз мајорот Аслан Кулаксиз, командант на жандармерискиот гарнизон во Малазгирт, во моментите додека патувал со сопругата и детето. Гувернерот на провинцијата Мус, Ведат Бујукерсој изјавил за агенцијата изјавил дека мајорот им подлегнал на раните во градската болница.
Безбедносните сили поради ова убиство привеле десетина лица, додал.
Станува збор за уште еден во низата напади во коишто жртви се припадници на турската полиција на служба во немирниот југоисточен дел на земјата, претежно со курдско население. На 22-ри јули, двајца полициски офицери беа најдени застрелани во покраината Шамлиуфра, за што одговорноста ја презема забранетата Работничката партија на Курдистан (PKK). Следниот ден еден полицаец беше убиен а еден ранет во вооружен напад во југоисточниот град Дијарбекир.
Еден армиски подофицер беше убиен а двајца офицери ранети на 23-ти јули во напад врз воен пограничен пункт во јужната покраина Килис, кој им е припишан на џихадистите од Исламската држава/
Во меѓувреме турските безбедносни служби започнаа од 24-ти јули голема „операција во борбата против тероризмот“, во којашто во 34 покраини се уапсени досега 1.050 лица кои се осомничени за припадност на Исламската држава и Работничката партија на Курдистан, како и екстремната левичарска Револуционерна народно ослободителна партија-фронт (DHKP-C)./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.