Регион
„Албанијан пост“: Франција побара Советот на Европа да ја одложи одлуката за членство на Косово
Франција испрати демарш до земјите-членки на Советот на Европа со барање за одложување на одлуката за прием на Косово во Советот на Европа поради неисполнување на обврската за формирање на Заедницата на српските општини, објави порталот „Албаниан пост“, повикувајќи се на дипломатски извори.
Денеска во Стразбур треба да се одржи последниот состанок на амбасадорите пред состанокот на министрите, кои на 16 и 17 мај треба да ја донесат конечната одлука за прием на Косово во оваа меѓународна организација, пишува медиумот.
Порталот наведува дека според нивните сознанија, амбасадорите на земјите членки на Советот на Европа нема да го стават прашањето за членството на Косово на дневен ред на мајскиот министерски состанок.
Причината е што Косово нема преземено никакви чекори кон формирањето на Заедницата на српските општини.
Агенцијата „Бета“ во понеделникот објави дека објавената агенда на состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа, што ќе се одржи на 16 и 17 мај, укажува дека нема да се донесе одлука за Косово.
„Иако германската позиција до сега не беше јасна, сега се чини јасно дека и Германија зазема став дека владата на Курти мора да преземе конкретни чекори во однос на Асоцијацијата за да добие членство во Советот на Европа. Франција, Германија и Италија веќе се на мислење дека членството на Косово во Советот на Европа може да се одложи до моментот кога Владата на Косово ќе ја докаже својата посветеност на имплементацијата на Асоцијацијата со испраќање нацрт до Уставниот суд“, објави „Албаниан пост“.
Порталот додава дека ваквиот пристап не бил поддржан од Велика Британија, која смета дека прашањето за Заедницата на српските општини не треба да се меша со членството во Советот на Европа.
„И покрај епилогот од состанокот, постои техничка можност Косово да биде на дневен ред неколку дена пред министерскиот состанок. Јасно е, меѓутоа, дека тоа нема да се случи во отсуство на видлив напредок кон имплементација на Асоцијацијата од страна на Курти“, заклучува албанскиот портал.
Францускиот претседател Емануел Макрон и косовскиот премиер Албин Курти телефонски разговараа на 23 април. Како што соопштија од кабинетот на Макрон, францускиот претседател го повикал Курти за целосно спроведување на бриселските и охридските договори.
„Сепак, и во контекст на барањето на Косово за членство во Советот на Европа, тој ја подвлече важноста што Франција ја придава на брзиот и неповратен напредок во спроведувањето на Заедницата на општини со српско мнозинство“, објави француското претседателство во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.
Регион
Под сомнение за планирање терористички напад уапсено е малолетно девојче од Црна Гора
Во Австрија е уапсено четиринаесетгодишно девојче од Црна Гора, кое, според австриските медиуми планирало терористички напад на Јакоминиплац во Грац, а истражителите од Државната служба за државна безбедност и борба против екстремизмот во Штаерска успеале да спречат тоа.
При претресот на куќата, како што пишува истиот медиум истражителите заплениле секира и нож.
Информациите за планираниот напад дојдоа од Европска безбедносна управа. На овој начин, локалните истражители од Државниот завод за државна безбедност и борба против екстремизмот (ЛСЕ) на Штаерска им влегле во трага на првично непознатите лица.