Регион
Вучиќ ја помилува деканката од Ниш, таа не знае зошто: „Против мене не се води постапка“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ донесе одлука за помилување на 13 лица, меѓу кои и деканката на Филозофскиот факултет во Ниш, Наталија Јовановиќ. Таа наведува дека против неа нема кривична постапка, вели дека не знае за што е помилувана и дека претседателот со неговиот гест се обидува да добие наклоност, пишуваат српските медиуми.
Вучиќ пред неколку дена најави дека ќе донесе одлука за помилување на лицата кои беа уапсени или приведени за време на студентските протести, што подразбира изземање од кривично гонење. Одлуките за помилување беа донесени денеска, а покрај шестмина ученици, еден доцент, четворица директори на училишта и еден помошен работник во училиштето, помилувана е и деканката на Филозофскиот факултет Наталија Јовановиќ.
Јовановиќ не знае за кое дело е изземена од гонење.
„Измислува процес, нема обвинение, нема судење, не сум кривично гонета – ме помилува. Стигнавме до крајот. Се плаши за себе и мисли дека со помилување може да стекне некаква услуга. Никој што го прекршува законот не може да ја добие мојата наклонетост. Неговиот гест веројатно се должи на тоа што сум во јавноста, за да ми фрли некаква дамка“, изјавила Јовановиќ, пренесува „Јужни вести“.
Неколку месеци претходно, Обвинителството за организиран криминал покрена истрага против Наталија Јовановиќ со проширување на истрагата за случајот на поранешниот државен секретар во Министерството за образование, Небојша Ранѓеловиќ Нечер. Јовановиќ смета дека помилувањето се однесува на тој случај, но нагласува дека таа е само осомничена.
„Претпоставувам дека помилувањето се однесува на тоа затоа што во мојот живот бев во суд само за оставинското рочиште и за рочиштето на 29 ноември поради продолжување на тоа обвинение. Против мене не беше покренато обвинение, бев осомничена, не кривично гонета, за што сега ме помилува“, вели Наталија Јовановиќ.
Според тамошните медиуми, решенијата за помилување се доставени до Министерството за правда за да се спроведат понатамошни постапки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Брнабиќ: Подготвена сум да одам да разговарам со студентите
Претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека е подготвена да оди кај студентите и да разговара со нив нагласувајќи дека тоа е нејзина должност и обврска.
„Во овој момент клучниот проблем за мене е што Законот за високото образование не се спроведува во оваа земја повеќе од два и пол месеца, практично некој реши да го суспендира. И тоа е огромен проблем“, рече Брнабиќ одговарајќи на прашањето дали е подготвена да оди кај студентите.
Брнабиќ смета и дека одржувањето нови избори би било демократско решение за актуелната ситуација во земјата додавајќи дека српската парламентарна опозиција нема легитимитет.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ поднесе неотповиклива оставка поради студентските и граѓанските протести, кои траат речиси три месеци барајќи од властите да одговараат за несреќата во Нови Сад кога се урна натстрешникот на железничката станица, при што загинаа 15 лица луѓе.
Регион
Вучиќ го посети човекот повреден при уривањето на натстрешникот во Нови Сад: Со верба и надеж чудата се можни
Српскиот претседател Александар Вучиќ утринава го посети младото момче Вукашин Црнчевиќ, тешко повреден при уривањето на натстрешникот во Нови Сад, на Воено-медицинската академија.
„Утрово го посетив Вукашин Црнчевиќ, млад човек тешко повреден при уривањето на натстрешникот во Нови Сад на 1 ноември. Вукашин е храбар и силен дечко и верувам дека љубовта, молитвите и поддршката од мајка му Весна и од сите нас ќе му даде дополнителна сила да се бори за животот. И кога можете да се исплачете само со мајката, едно кратко мавтање со раката, ги враќа вербата и надежта дека чудата се можни“, објави Вучиќ на „Инстаграм“.
„Знам дека лекарите на Воено-медицинската академија, исто како и во Клиничкиот центар во Војводина, ќе направат сѐ за да му овозможат на Вукашин најдобар третман и нега“, додаде Вучиќ.
Секојдневните протести во Србија траат од 1 ноември кога се урна натстрешникот на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.
Регион
Уапсени двајца тинејџери, со дрвен столб претепале човек до смрт во Србија
Полицијата уапси двајца тинејџери, 19-годишник и 17-годишник од Бојник, Србија, под сомнение дека во понеделникот со шипки го претепале и го убиле 61-годишниот Славиша Б. од селото Горњи Брестовац.
Мотивот за убиството се уште не е познат, а осомничените се откриени благодарение на снимката од надзорната камера која ги снимила во друштво на жртвата, пишува Телеграф.
Жителите на Горњи Брестовац тагуваат по убиениот за кого сите имаа само пофални зборови. Со оглед на тоа што беше добро познат и сакан меѓу своите соселани, неговото ненадејно отсуство предизвика загриженост.
„Кога во вторникот не се појавил во селото, соседите се посомневале дека нешто му се случило и повикале полиција. Бидејќи вратата од куќата му била заклучена, полицијата морала да ја скрши. Внатре се било на свое место – телевизорот беше вклучен, а мобилниот му се полнеше, како да излегол само кратко време“, вели Радојка Стојановиќ од Горњи Брестовац.
Вечерта полицијата почнала истрага и распрашувала низ селото за него, а следниот ден тргнала во потрага.
Во потрагата помогнале соседите, а телото го пронашле покрај извор, со дрвени столбови, кои очигледно биле користени во нападот, рече Радојка.
Припадниците на МВР во Бојник брзо ги легитимирале и привеле Н.У.(19) и 17-годишникотод Бојник поради сомнение дека сториле кривично дело соизвршителство во убиство.
Според МВР, двајцата осомничени се обвинети дека на 27 јануари по кратка расправија во куќа во село кај Бојник физички нападнале 61-годишен маж и му нанеле повеќе удари. Потоа го одвлекле до блискиот поток, го врзале и продолжиле брутално да го тепаат со раце, нозе и дрвен столб.