Свет
Русија ја смета непријателска одлуката на Обама за вооружување на сириските бунтовници
Одлуката на САД за ослабување на рестрикциите за вооружувањето и доставување оружје, особено рачни противвоздушни ракети за сириските бунтовнички групи е контрапродуктивни и опасно за регионот, порача во вторникот портпаролката на руското министерство за надворешно работи, Марија Захарова истакнувајќи дека тоа директно ги загрозува руските воздушни сили во Сирија.
Русија во септември минатата година започна воздушна кампања во Сирија како поддршка на силите на сириската влада против бунтовниците, од кои некои ја имаат поддршката на САД кои ја предводат меѓународната коалиција којашто во оваа земја дејствува една година претходно.
Портпаролката на руската дипломатија, Марија Захарова, изјави дека промените во американскиот закон за олеснување на рестрикциите за доставување оружје за сириските бунтовници е јасно од новиот буџет американската одбрана, како и дека Москва тој чин го смета за контрапродуктивен и непријателски.
„Тоа е контрапродуктивно, тоа е крајно опасно за регионот, кој веќе се тетерави на работ на извесен колапс… Од секоја гледна точка, благо речено, тоа е контрапродуктивно, опасно, тоа е штетно и противречно на сите постигнати договори, под кој се потпишавме“, изјави Захарова на прес-конференцијата во Москва одговарајќи на прашањето какви последици ќе донесе одлуката за дозволување доставување тешко вооружување во Сирија.
Портпаролката истакна и дека е опасно „секое доставување оружје на завојуваните страни, уште повеќе што станува збор за сложена ситуација во земјата во која владее граѓанска војна, борбата со меѓународниот тероризам, кога самиот Вашингтон изминатата година не успеа да ја оддели ткн умерена опозиција од терористите“. „Како можете да им доставите вооружување, кога дири и самите не знаете кои од нив се терористи а кои умерена опозиција?, заклучи Захарова.
Американскиот претседател на заминување Барак Обама минатата седмица го потпиша годишниот буџет за одбрана, во кој е ставката за испораки на оружје на сириските бунтовници
„Администрацијата на Барак Обама мора да сфати дека секое оружје коешто го доставуваат брзо ќе заврши во рацете на џихадистите со коишто лажната ‘умерена’ опозиција веќе долго соработува“, потенцираше Захарова.
„Таквата одлука е директна закана за руските воздушни сили, на другиот воен персонал и за нашата амбасада во Сирија, којашто беше повеќепати гранатирано. Поради тоа сметаме дека тој чин е непријателски“, додаде.
Захарова го обвини Обама дека ја минира новата администрација на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, обидувајќи се да наметне продолжување на антирускиот став на Вашингтон.
Трамп во предизборната кампања истакна дека сака да ги подобри односите со Москва, и позитивно зборуваше за способностите за управување со кризите на рускиот претседател Владимир Путин. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Избран е новиот врховен лидер на Иран
Иранското Собрание на експерти го избра Моџтаба Хосеини Хамнеи за нов врховен лидер на Исламската Република, објавува Иран Интернешнл.
Овој историски и клучен политички потег за иднината на земјата дојде само неколку дена откако неговиот татко, долгогодишниот ајатолах Али Хамнеи, беше убиен во разорен израелски воздушен напад рано наутро во саботата.
Моџтаба Хамнеи е најстариот син на убиениот врховен лидер и личност со исклучително длабоки корени во безбедносниот и воениот апарат на државата.
Уште како млад човек, тој активно учествувал во крвавата војна Иран-Ирак, борејќи се токму во редовите на Револуционерната гарда. Неговото влијание особено се зајакна кога го презеде оперативното водство на озлогласената паравоена организација Басиџ, милиција која одигра клучна и брутална улога во насилното задушување на масовните антивладини протести по спорните претседателски избори во 2009 година.
Неговото официјално назначување на највисоката верска и политичка позиција во земјата испраќа недвосмислена порака до Западот, но и до домашната јавност, дека иранското раководство не планира никакви отстапки или поумерени политики во наредните денови.
фото/Depositphotos
Регион
Вучиќ лут на граѓаните: „Отидоа да се сончаат во Дубаи и не ме слушаа што зборував“
Првиот авион со патници од Дубаи слета во Белград рано утрово, а вториот се очекува во текот на ноќта. Српскиот претседател Александар Вучиќ е лут на граѓаните кои, како што вели, не го послушале, иако немало официјално државно предупредување против патување на Блискиот Исток, пишува N1 Белград.
„Сите оние кои се сончаа во Дубаи и не ме слушаа што зборував сега ќе ги бараат виновниците во нас, кои им помагаат да се извлечат од сето ова“, рече српскиот претседател.
Првото враќање од Емиратите до Србија беше успешно, иако летот беше одложен за неколку часа и помина подолг пат преку Оман. Патниците ја опишуваат хаотичната ситуација.
„Никој не не контактираше. Неколку пати се јавив во амбасадата, но немаа информации. Бевме сами“, рече еден од патниците. Други додадоа: „Не излеговме ниту се движевме многу. Амбасадорот не посети и тоа беше тоа.“
Еден патник рече: „Беше хаотично и воопшто не беше безопасно. Никој не ни зборуваше, но ниту ние не го очекувавме тоа. Сè решивме во лет.“ Сите се согласуваат за едно: „Секој може да каже што сака, но ситуацијата не беше безопасна.“
Дека ситуацијата не беше безопасна потврдуваат и експертите кои го следеа летот. „Безбедносните услови за тој лет не беа добри. Само 25 минути по полетувањето, целиот воздушен простор на Емиратите беше затворен бидејќи Министерството за одбрана објави дека бараж од балистички ракети се движи кон Емиратите“, вели Петар Војиновиќ од порталот „Танго Сикс“.
Ситуацијата на терен е непредвидлива, но оние што живеат и работат во Емиратите ја доживуваат поинаку од туристите.
„Градилиштето работи, има повеќе сообраќај на улиците, трговските центри се отворени, Бурџ Калифа не е евакуирана. Фала му на Бога, сè е нормално“, вели агентот за недвижности Милан Станиќ.
ИТ експертот Милан Шариќ размислува слично: „Жал ми е за туристите, нивната ситуација е поинаква. Тие се на аеродромот, слушаат звуци, не ѝ веруваат на владата тука, а за нив сè е различно“.
фото/Depositphotos
Свет
Иран: Сè уште не сме го употребиле нашето најнапредно оружје
Иран е подготвен за долга војна против САД и Израел и сè уште не го употребил своето најнапредно оружје, соопшти денес иранското министерство за одбрана.
„Имаме капацитет да се спротивставиме и да продолжиме со офанзивната одбрана подолго отколку што непријателот планираше за оваа наметната војна“, изјави портпаролот на министерството, Реза Талаеи-Ник, цитиран од официјалната новинска агенција ИРНА.
„Немаме намера да го распоредиме целото наше напредно оружје и опрема во првите неколку дена“, додаде тој.
Во меѓувреме, Револуционерната гарда вечерва објави дека испалила уште еден пламен од ракети кон Израел.
„Шеснаесеттиот бран на „Операција Вистинско ветување 4“ започна со голем број ракети и беспилотни летала лансирани од Воздухопловните сили на Револуционерната гарда кон срцето на окупираните територии“, се вели во соопштението, осврнувајќи се на Израел.
фото/Depositphotos

