Свет
Русија очекува реакција на САД во врска со извештаите за воени сајбер напади врз Кремљ

Русија очекува од американските власти да се изјаснат за информациите во тамошните медиуми дека американски воени хакери наводно продреле во руските телекомуникациски и енергетски мрежи, се наведува во писмената изјава на портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова од саботата.
Американската телевизиска мрежа NBC News објави дека американски хакери, ангажирани од владата, продреле во руската инфраструктура и во командните системи на Кремљ, правејќи ги ранливи за напади, коишто САД, доколку сметаат дека е потребно, можат да ги преземат.
„Отсуството на официјална реакција од страна на американската администрација значи дека во САД постои државен кибернетички тероризам“, вели портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова.
Така, во случај на остварување на овие закани, Москва ќе има полно право да го обвини Вашингтон, предупреди Захарова.
Официјални коментари од американска страна во саботата немаше, а руските медиуми кои од функционери во Вашингтон барале изјави наведуваат дека претходно претставниците на американскиот Стејт департмент изјавуваа дека САД не се заинтересирани за конфронтација со Русија во кибернетичкиот простор.
„Американски воени хакери се инфилтрирале во енергетската и телекомуникациската мрежа на Русија, како и во командниот систем на Кремљ, правејќи ги ранливи за напади со помош на тајното американско кибернетичко оружје, доколку САД сметаат дека тоа е неопходно. Ова го вели високорангиран претставник на разузнавањето, а исто така произлегува од документите кои се класифицирани како врвна тајна, кои беа ставени на увид на NBC News“, се наведува во прилогот објавен на американската телевизија.
Натаму NBC News повикувајќи се на „официјални претставници“ тврди дека „кибернетичкото оружје ќе биде употребено само во случај доколку врз САД биде извршен значителен напад“.
„Официјални претставници на САД продолжуваат да изразуваат загриженост дека Русија ги користи своите кибернетички можности за обид да го попречат спроведувањето на американските претседателски избори следната седмица. Официјални лица во американското разузнавање не очекуваат дека Русија ќе ја нападне критички важната инфраструктура, тоа според мислењето на повеќемина од нив, тоа претставува борбено дејствие, но тие очекуваат ткн сајбер измами, односно можно објавување на фалсификувани документи и ширење лажни профили на социјалните мрежи, со цел да се шират дезинформации“, се наведува во прилогот на NBC News.
Според сознанијата на телевизијата, американските власти ги групираат ресурсите за да одговорат на „руската закана“,
Телевизијата го пренесува мислењето на поранешниот командант на силите на НАТО адмиралот ЏејмсСтавридис кој вели: „Ние сме значително супериорни во офанзивните способности (во сајбер просторот – з.р.) од која е и да е друга земја, но тие брзо не следат…. Дојдовме до моментот кога е потребно да се даде одговор на Русија доколку дојде до значително нарушување во кибернетичкиот простор во пресрет на изборите“.
Руската новинска агенција РИА не добила официјални коментари на споменатиот телевизиски прилог на NBC News од Белата куќа, Стејт департментот, Пентагон и другите американски институции.
Потсетува дека американското министерство за внатрешна безбедност и директорот на националното разузнавање ја обвинија Русија за насочени обиди да се влијае врз исходот од претседателските избори во САД преку кибернетички напади. Американското разузнавање повеќепати обвини „хакери поврзани со Кремљ“ дека му помагаат на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп. Сепак, конкретни докази во јавноста досега не се презентирани.
Москва повеќепати ги оцени ваквите тврдења како „неоснована и смешна“ пропаганда, напади кои се без никаква основа./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Почина поранешниот претседател на Италија Џорџо Наполитано

Поранешниот италијански претседател Џорџо Наполитано почина на 98-годишна возраст.
Наполитано имаше блиски односи со папата Бенедикт Шеснаесетти и беше еден од ретките луѓе кои беа предупредени за шокантната оставка на Бенедикт во февруари 2013 година.
Наполитано ги искористи своите овластувања кон крајот на 2011 година за да ја олесни должничката криза со назначувањето на технократот на Европската комисија Марио Монти да ја води владата откако премиерот Силвио Берлусони поднесе оставка.
Две години подоцна, тој формираше голема коалиција под водство на политичарот од левиот центар Енрико Лета по неубедливите парламентарни избори, што повторно ја изведе земјата од ќорсокакот. Наполитано стана претседател во 2006 година. Тој поднесе оставка во 2015 година.
Кабинетот на премиерот Џорџија Мелони изрази сочувство од италијанската влада до семејството Наполитано.
Свет
Ердоган: Русија не е земја што треба да се игнорира

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека не се согласува со негативниот пристап на другите светски лидери кон рускиот лидер Владимир Путин.
Ердоган, говорејќи пред новинарите во четвртокот по Генералното собрание на ОН, рече дека Русија не е земја што треба да се игнорира и ја повтори својата надеж дека може да се најде решение за обновување на договорот за украинскиот извоз на жито преку Црното Море.
– Лидерите и премиерите имаат негативен став кон Путин. Се разбира, ние не споделуваме, ниту изразуваме таков став. Исто така, верувам дека овие пристапи не се точни бидејќи Русија не е обична земја. Без разлика дали во однос на областа или позицијата во светот, Русија има јасно место. Во однос на производството на жито, Русија сега е меѓу ретките земји во светот. Не можете сега да игнорирате таква земја – рече Реџеп Таип Ердоган.
Турција од почетокот на војната се обидува да има добри односи и со Москва и со Киев. Воено и помага на Украина и истакнува дека го поддржува нејзиниот територијален интегритет, но во принцип се противи на санкциите против Русија.
Свет
Европската Комисија ќе обезбеди помош од 500.000 евра за Нагорно Карабах

Европската комисија ќе обезбеди хуманитарна помош од 500.000 евра за поддршка на населението погодено од воените операции во Нагорно Карабах.
Во соопштението на ЕК се наведува дека помошта од ЕУ е наменета за жртвите да ги задоволат нивните основни потреби. Вонредното финансирање е како додаток на хуманитарната помош од 1,17 милиони евра што ЕУ ја посвети на почетокот на годинава за решавање на кризата во Нагорно Карабах, се наведува во соопштението за медиумите, а пренесува порталот „Ерменија Ајкор“.
„Ескалацијата на конфликтот во Нагорно-Карабах имаше сериозни последици за цивилното население. Како одговор, ЕУ обезбедува дополнителни 500.000 евра итна хуманитарна помош за поддршка на раселените лица. Ние внимателно ја следиме ситуацијата на терен и сме подготвени да понудиме дополнителна помош“, изјави еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич.