Вести
Абади: Ирачките сили извеле над 60 отсто од воздушните напади
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/avion20irak.jpg)
Повеќе од 60 отсто од воздушните напади врз позициите на екстремната сунитска организација Исламска држава во Ирак ги извеле ирачките национални воздухопловни сили, а околу 40 проценти коалициските сили предводени од САД изјави во саботата ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади, кој уште еднаш ја повика Турција да ги повлече сите свои војници од ирачка територија.
Ирачката армија минатиот месец го постигна првиот позначаен успех против Исламската држава кога со воздушна поддршка и на својата авијација и на коалициските сили, ја врати контролата врз Рамади кој речиси година и половина беше во рацете на џихадистите. Дотогаш главно милициите на мнозинското шиитско ирачко население, кои се поддржани од соседен Иран, ја водеа борбата против Исламската држава.
Говорејќи во живо на државната ирачка телевизија, премиерот Хајдар ал-Абади изјави дека на земјата сé уште ѝ е потребна странска помош во воздушните напади, обуката и вооружувањето, но не и во копнените операции.
Абади, исто така, го повтори својот повик до Турција да ги повлече целосно своите сили распоредени во областа на ирачкиот град Мосул, најголемиот град во северниот дел од земјата, кој од летото 2014 година е под контрола на Исламската држава, а ирачките власти ветија дека по ослободувањето на Рамади ќе подготват офанзива и врз овој град.
„Ова е отворен повик до нашиот сосед Турција да ги повлече силите од Ирак. Ќе ги искористиме сите средства во согласност со своите права и меѓународното право за да постигнеме тие да си заминат“, порача Абади.
Турција распореди тенковски баталјон во декември, со околу 180 војници и 25 тенкови и оклопни возила во базата Башика, каде што тврди дека ги обучува силите на ирачките Курди за борба против Исламската држава. Меѓутоа, официјален Багдад, како и другите сојузнички држави, предупредија дека чекорот на Анкара е без договор и дозвола на ирачката влада, и оти претставува нарушување на интегритетот на соседната земја.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во петокот изјави дека пред извесно време турските сили одбиле напад на џихадистите врз базата, убивајќи 18 екстремисти, додавајќи дека тој инцидент го оправдува присутноста на турските „заштитни сили“ во Ирак.
Веднаш потоа ирачката армија демантираше дека неодамна се случил каков и да е судир меѓу турските сили и борците на Исламската држава./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gaza32.jpg)
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/борел-миа.jpg)
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/антонио-гутереш.jpg)
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.