Свет
Во Мајами два дена се слави за смртта на Фидел Кастро
Песна и танц на улиците на Мајами, Флорида во САД, продолжија и во недела наутро, откако пред два дена Кубанците излегоа на улиците да ја прослават смртта на 90-годишниот Фидел кастро.
Во САД живеат речиси два милиони Кубанци, а 70 отсто од нив на Флорида или поточно во Мајами.
„Не сум уморна од славење затоа што не можам да верувам, не мислев дека овој момент ќе дојде“, вели жена по име Делси, која славеше пред кафулето „Версај3, местото каде Кубанците во егзил со декади се собораат да планираат како да го отфрлат режимот на кастро.
Од сите страни се слуша трубење од автомобили, тапани, гласна музика и пеење, а Кубанците порачуваа и „Фидел, земи си го и брат ти со тебе“. Имено, Фидел Кастро замина, но по него останува неговиот брат 85-годишниот Раул кој и понатаму е на чело на Куба.
Неколку улици понатаму, популарниот салса ноќен бар Ball & Chain нуди нов пијалок со назив „ Adios Fidel”, „Збогум Фидел“. Улицата во која се наоѓа клубот е полна со кубански ресторани и кафулиња, а според една келнерка, овие две вечери има повеќе гости од обично.
Во близина на клупите седат пензионери кои разговараат за иднината на својот остров.
„НИе Кубанците сега се надеваме дека комунизмот без Фидел ќе пропадне, а ако даде Бог, ќе се вратиме во својата земја“, вели еден 65-годишен пензионер.
Голем број луѓе се собраа во сабота на миса во црквата, која е посветена на заштитничката на Куба, а која ја водеше надбискупот на Мајами, Томас Венски.
„Фидел Кастро почина Сега го очекува судот на Бога кој е милосрден, но и праведен“, рече Венски и повика на молитва за Куба и за нејзиниот народ.
На настанот присуствуваа и политичари како градоначалникот на Мајами, од кубанско потекло, Томас Регаладе, кој порача дека не смее да се критикуваат луѓето кои слават нечија смрт. „Сфатете што значи тоа за нив“.
Гувернерот на Флорида, Рик Скот им се придружи на Кубанците, кој порача дека по десетици години угнетувања, редно е народот да добие слобода.
Сенаторот на Флорида, Марко Руби, исто од кубанско потекло рече дека Кастро како зол и убиствен диктатор на својот народ му донесе беда и патење, а Куба ја претвори во „осиромашен остров-затвор“.
На славењето се придружија и славни Кубанци како Емилио Естефан, неговата сопруга Глорија Естефан./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.