Свет
Блинкен разговараше со Кси Џинпинг: Загрижен сум поради поддршката на Кина за Русија
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Пекинг се сретна со кинескиот претседател Кси Џинпинг и истакна дека има значителен напредок во односите меѓу двете земји и дека Вашингтон и Пекинг ќе продолжат јасно да комуницираат со своите разлики, со цел да се намалат ризикот од недоразбирање.
„Посветени сме на одржување и зајакнување на комуникацијата и повторно одговорно справување со нашите разлики за да избегнеме каква било погрешна комуникација, каква било погрешна перцепција, каква било погрешна проценка“, рече Блинкен.
Тој додаде дека во неговиот разговор со Кси, изразил загриженост за поддршката на Кина за Русија и инвазијата на Украина, како и други прашања, вклучувајќи ги Тајван и Јужното Кинеско Море, човековите права и производството и извозот на синтетички дроги и прекурсори, извести „АП“.
„Поттикнувањето на руската одбранбена индустриска база ја загрозува не само украинската, туку и европската безбедност. Како што веќе извесно време и кажувавме на Кина, обезбедувањето на трансатлантската безбедност е основен интерес на САД. Јасно кажав дека Кина не го решава овој проблем“, додаде секретарот.
Блинкен, исто така, рече дека ја повикува Кина да го искористи своето влијание „за да го обесхрабри Иран и неговите полномошници да го прошират конфликтот на Блискиот исток и да ја убеди Северна Кореја да престане со своето опасно однесување и да се вклучи во дијалог.
Тој, исто така, разговараше со Кси за поморските маневри на Кина во Јужното Кинеско Море и ја повтори железната поддршка на САД за Филипините, најстариот сојузник на Вашингтон во Азија.
Кси Џинпинг рече дека САД и Кина треба да бидат партнери и дека Пекинг со радост гледа на отвореноста, напредокот и истрајноста на САД и се надева дека и Вашингтон ќе може позитивно да гледа на развојот на Кина, пренесува Ксинхуа.
„Тоа е фундаментално прашање што мора да се разгледа, како првото копче на кошулата да биде добро закопчано, за вистински да се стабилизираат, подобрат и унапредат американско-кинеските односи“ рече Кси за време на разговорот со Блинкен.
Кинескиот претседател истакна дека САД и Кина треба да бидат партнери, а не ривали, да си помагаат меѓусебно да успеат, да не си нанесуваат штета, да бараат заеднички гледишта, наместо да се впуштаат во маѓепсан натпревар, наведува кинеската агенција.
За време на средбата во Пекинг, Кси потсети дека оваа година се одбележуваат 45 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Кина и САД.
„Предложив меѓусебното почитување, мирниот соживот и вин-вин соработката да бидат три сеопфатни принципи. Тие се лекции научени од минатото и водич за иднината“, рече Кси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Вирусот на птичји грип е пронајден во говедско месо во САД
Вирусот на птичји грип е пронајден во говедско месо во САД, но официјални лица изјавија дека месото потекнува од една болна млечна крава и дека не било дозволено да се најде во продавниците во земјата, соопшти американското Министерство за земјоделство.
Надлежните прецизираат дека говедското месо останува погодно за консумирање.
Министерството соопшти дека вирусот бил откриен за време на тестирањето на 96 млечни крави кои биле извадени од производната линија бидејќи федералните инспектори забележале знаци на болеста при рутински прегледи на трупови во погоните за преработка на месо. Птичји грип е пронајден само кај една од овие крави.
Птичјиот грип е пронајден во стадата млечни говеда во девет држави, откриен е во млеко и предизвика уништување на милиони кокошки и мисирки. Сепак, неговото откритие во говедско месо е новост за епидемијата што започна во 2022 година.
Регион
Состојбата на словачкиот премиер Фицо се подобрува
Лекарскиот тим, што се грижи за словачкиот премиер Роберт Фицо, по минатонеделниот атентат денеска потврди дека неговата состојба е субјективно подобрена, соопшти прес-службата на словачката Влада.
Фицо се лекува во болницата „Рузвелт“ во Банска Бистрица.
Тој беше застрелан минатата среда од 71-годишниот писател Јурај Цинтула, кој веднаш беше приведен од полицијата.
Регион
Лоцирани се остатоците од авионот што се урна во близина на Загреб
Лоцирани се остатоците од авионот што се урна попладнево во близина на Загреб. Неофицијално се дознава дека три лица преживеале, додека едно лице починало, јавува 24сата.
„Денеска во 15 часот и 51 минути е добиена дојава за пад на мал спортски авион во шумата јужно од Керестинац. Полициски службеници излегоа на терен, се укажува помош на повредените, местото на настанот е обезбедено“, соопштија од полицијата.
Авион од типот „Цесна“ кој се користел за скокови со падобран, се урна попладнево во близина на Загреб. Според неофицијални информации, во него имало четворица членови на екипажот.
Најверојатно се работи за спортски, тренинг или туристички авион кој се урнал во недалеку од пистата во загрепската населба Јеждовец.