Европа
Волк го задави понито на Лаен: Ќе го убијат затоа што е „проблематичен“
Германските власти дозволија да биде застрелан волкот што го задави понито на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен.
Волците и другите големи месојади се под строга заштита според Директивата на ЕУ, што значи дека нивното убивање е забрането. Сепак, фармерите во земјите и регионите каде што има изобилство на волци предупредуваат дека нивната растечка популација претставува закана за земјоделството и локалните заедници.
Пони Доли бил нападнат од волк во септември додека пасел со други коњчиња од семејството фон дер Лaен во близина на Хановер.
Властите во Хановер соопштија дека волкот, покрај коњчињата, задавил и 12 овци и крави, што било потврдено со ДНК анализа, пренесе „Еурактив“.
Портпаролот на градот Хановер изјави дека во случајот со волкот е побарано изземање од законот за заштита на волците и големите месојади. Тој волк, како што се наведува, спаѓа во категоријата „проблематични“, што значи дека полесно се добива дозвола за лов.
Според германскиот закон за заштита на загрозените видови, „проблематично“ е животното кое постојано напаѓа добиток или на друг начин покажува дека не е способно за коегзистенција.
Урсула фон дер Лаен неодамна во писмо до германските европратеници од групата на Европската народна партија (ЕПП) изјави дека Европската комисија треба да го разгледа заштитениот статус на волците.
Таа не го спомна своето пони, но, како што јави агенцијата ДПА, напишала дека Комисијата го „препознава“ проблемот со зголемувањето на бројот на волци бидејќи „се повеќе има извештаи за напади од волци врз добиток и зголемениот ризик за луѓето“, напиша првиот човек на Комисијата.
Европратениците од групата на ЕПП, чиј дел е и Фон дер Лаен, бараат ревизија на заштитениот статус на волците и другите големи месојади, како што се мечките и рисовите.
Кон крајот на ноември, Европскиот парламент усвои необврзувачка резолуција со која се бара да се намали статусот на заштита на волкот за да се помогне сточарството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија изврши напад со дронови врз Украина
Русија изврши напад со беспилотни летала врз Украина во текот на ноќта, при што загина еден цивил, а беа ранети четири лица во регионот на Киев, соопштија воени и регионални претставници. Украинската противвоздушна одбрана собори 60 од 93 руски беспилотни летала, објави военото воздухопловство.
Никола Калашњик, вршител на должноста гувернер на регионот Киев, изјави дека возач на камионот загинал од остатоците од дронот. Од остатоци од дронови оштетени се и неколку приватни куќи, при што се повредени четири лица, меѓу кои и едно 16-годишно момче, рече тој.
Воздухопловните сили соопштија дека руските беспилотни летала биле насочени кон девет украински региони во целата земја. Оштетени се станбени куќи и деловни објекти во областа Донецк на исток и Чернихив на север, соопшти армијата.
Европа
Маж од Чешка под дејство на дрога си го отсекол гениталниот орган, хирурзите му направиле нов
Лекари од Чешка му ги преобликувале гениталиите на 31-годишен маж откога под дејство на дрога си ги отсекол пенисот и двете уши. На улица бил пронајден со смрзнатини по што бил хоспитализиран во психијатриска болница, пренесува чешкиот портал „Иднес“.
По неколкумесечно закрепнување, лекарите извршија пластична операција под водство на хирургот Адам Бајус.
„Одвоивме парче ткиво од подлактницата, го обликувавме во форма на гениталиите и уринарните канали и ги поврзавме ситните крвни садови и нервите под микроскоп“, објасни Бајус.
„Акутната употреба на дрога ја наруши способноста на пациентот за контрола и за донесување одлуки. Тој не знаеше што прави во тоа време, но сега живее релативно нормален живот“, додаде психијатарот Јакуб Албрехт.
„Лекцијата е јасна, никогаш не знаеш што ќе ти направи дрогата и никогаш не знаеш што точно има во купеното. Не можеме сѐ да забраниме, но важна е превенцијата“, заклучи психијатарот. Пациентот наводно бил под дејство на марихуана и кратом, јави Радио Прага.
Европа
Украина: Русите имаат половина затвореници помалку од 2014 година, испратиле 180 илјади во војна
Русија регрутирала меѓу 140.000 и 180.000 затвореници за да учествуваат во војната против Украина, објави Украинската служба за надворешно разузнавање (СЗР), пренесува УНН.
„Во ноември 2024 година бројот на регрути на Руската Федерација беше меѓу 140.000 и 180.000 луѓе, кои издржуваа казни за кривични дела во руските затвори за да учествуваат во руско-украинската војна“, објави СЗР на 2 јануари.
„Севкупно, во 2024 година во колониите и затворите во Русија имало меѓу 300.000 и 350.000 затвореници. Ова е за половина од 2014 година. Причината за намалувањето е руско-украинската војна“, посочуваат од разузнавачката служба.
Во исто време СЗР соопшти дека на 1 јануари стапила во сила одлуката на руската влада, со која се укинува еднократната исплата на затворениците за потпишување договор со руското Министерство за одбрана за учество во војната против Украина.
„Законодавното укинување на еднократната исплата е доказ за продлабочувањето на кризата во руската економија и недостигот на финансиски средства“, се вели во разузнавачкиот извештај.
Претходно, според извештајот, затворениците добивале еднократна исплата од 1.671 евро за потпишување на договорот. Во јули 2024 година износот на исплата беше зголемен на 3.428 американски долари. „Сепак, затворениците и нивните роднини се лишени од голем број исплати и бенефиции што ги добиваат членовите на доброволните формации. Покрај тоа, платата на оваа категорија лица е два до четири пати помала од платата на другите окупатори“, заклучува СЗР.