Свет
Израел ги пронајде телата на двајцата заложници во Појасот Газа

Израелските власти денес објавија дека телата на двајцата заложници што беа киднапирани во октомври 2023 година се пронајдени во Појасот Газа.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека останките на Џудит Вајнштајн и Гад Хагај се пронајдени и вратени во Израел во специјална операција на армијата и агенцијата за внатрешна безбедност, „Шин Бет“.
„Заедно со сите граѓани на Израел мојата сопруга и јас изразуваме искрено сочувство до драгите семејства. Срцата нè болат поради најстрашната загуба. Нека биде благословен нивниот спомен“, рече тој во изјавата.
Двојката шетала рано наутро на 7 октомври 2023 година во близина на нивниот дом во кибуцот Нир Оз кога милитантите предводени од Хамас го нападнале јужен Израел. Речиси 1.200 луѓе биле убиени, претежно цивили, а 251 бил киднапиран.
Вајнштајн успеала да се јави во службите за итни случаи и да ги информира дека и таа и нејзиниот сопруг биле застрелани и испратила порака до нејзиното семејство.
Двајцата имаат два сина, две ќерки и седум внуци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
40 ранети во Израел, двајца критично

Вкупно 40 лица побарале медицинска помош по вечерашниот ирански ракетен напад врз Израел, соопштија локалните здравствени служби. Двајца од повредените се во критична состојба.
Најголем број пациенти се лекуваат во болницата Ичилов во Тел Авив – 18 лица.
Според лекарите, пријавените повреди вклучуваат рани од шрапнели, вдишување чад и состојба на шок.
Свет
Израелската војска: Иран истрела помалку од 100 балистички ракети, повеќето ги пресретнавме

Портпаролката на израелската војска, Ефи Дефрин, рече дека помалку од 100 балистички проектили биле истрелани од Иран кон Израел.
Дефрин рече дека „повеќето од ракетите биле пресретнати од воздушната одбрана или паднале пред да стигнат до израелска територија“.
„Регистрирани се ограничен број погодоци на згради, а дел од штетата е предизвикана од фрагменти од пресретнати проектили“, додаде тој.
Според израелските медицински служби, во нападот биле ранети 40 лица.
Свет
Нетанјаху: Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва и порача на јавноста дека можат да ги напуштат засолништата, откако новиот бран ирански ракети прелета над израелска територија.
„Иранскиот режим никогаш не бил послаб. Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот“, рече Нетанјаху во вечерашното обраќање.
Тој директно им се обрати и на граѓаните на Иран: „Јас сум со вас, израелскиот народ е со вас“, рече тој.
Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац изјави дека Иран „ја преминал црвената линија со лансирање ракети кон израелските цивилни области“ и најави: „Техеран ќе плати висока цена“.
Оваа иранска одмазда следеше по израелските воздушни напади на иранска територија, при што беа погодени нуклеарни постројки и беа убиени високи команданти и научници.