Свет
(Мапа) Украина мора да се повлече 15 километри на Запад, Бердичи е опколен
Украина се подготвува да ги повлече војниците од Бердичи, јавуваат српските медиуми.
На вооружените сили на Украина во Бердичи им се заканува опкружување по неодамнешната загуба на Новобахмутовка и Соловјов, а според некои воени блогери се очекува повлекување до 15 километри на запад.
Ним им се заканува загуба и на Нетајлов, Карловка, Умански, Новокалинов, Керамик, Архангелски…
По падот на Авдијивка во февруари, Украина одржа линија на одбрана во близина на Бердичи. За време на безмилосните борби во претходните два и пол месеци на тој дел од линијата на фронтот, беа изгубени и неколку американски тенкови Абрамс, обидувајќи се да го запрат напредувањето на руските трупи.
Воениот блогер Рибар наведува дека руските војници напредуваат и кај Новокалинов.
– Напаѓачките групи ја пробија одбраната на украинските формации во центарот на селото во правец на Керамик. Моментално се консолидираат позициите во центарот на селото. Имајќи го предвид налетот од Очеретин во правец на Архангелск, не може да се исклучи дека во блиска иднина вооружените сили на Русија ќе можат целосно да го окупираат Керамик – вели Рибар.
Според него, Русите успеале да ги истуркаат противниците од Семјеновка.
– Остатоците од пешадијата на вооружените сили на Украина под оган на артилерија и беспилотни летала се повлекоа од северната периферија на селото на запад кон Новопокровски. Под контрола на вооружените сили на Русија делумно беа и шумските појаси кај Семјоновка. Борбите во моментов се водат на најзападната периферија на Бердици. Малку е веројатно дека непријателот ќе може долго да држи позиции поради неговото повлекување од Семјеновка. Следната линија на напад на Вооружените сили на Русија најверојатно ќе бидат шумските појаси на делницата Новопокровско – Новоселовка Перваја каде што сега украинските формации динамично градат одбрана – вели Рибар.
Украинскиот телеграмски канал DeepState потврди дека руските војници ги зазеле Семјоновка и Соловиев и дека се водат борби за Керамик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Евровизија 2024: Публиката ја исвирка израелската претставничка Еден Голан на пробата пред полуфиналето
Израелската претставничка на Евровизија изјави дека „ништо нема да ја спречи“ откако беше исвиркана за време на пробата во средата.
Еден Голан ја испеа песната „Ураган“ пред полуфиналето во четврток во Малме, Шведска.
Таа во изјавата наведе дека е „горда што ја претставува сопствената земја“.
Досега имаше неколку иницијативи за забрана на Израел да настапи на овогодинешниот натпревар поради војната во Појасот Газа која трае од октомври.
Сепак, Европската радиодифузна унија (ЕБУ), организатор на Изборот за песна на Евровизија, одлучи дека Израел може да се натпреварува.
По пробата во средата, на социјалните мрежи се појавија голем број видеа направени од гледачи во публиката, на кои се гледа како поединци од толпата ја исвиркуваат израелската претставничка.
Израел во моментов спроведува воена операција во Газа, која ја започна како одговор на прекуграничниот напад на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври. Тогаш беа убиени околу 1.200 луѓе, додека 252 беа киднапирани.
Оттогаш, повеќе од 34.840 луѓе се убиени во Појасот Газа, според Министерството за здравство на Хамас.
Израел, заедно со други неевропски земји како Азербејџан, Грузија и Австралија, може да се натпреварува како членка на ЕБУ.
Жан-Филип Де Тендер, заменик генерален директор на ЕБУ, во средата рече дека ако го исклучите израелскиот јавен сервис од натпреварот, тоа ќе биде политичка одлука, која како таква, не можат да ја донесат, бидејќи ЕБУ е аполитична организација.
„Ја разбираме загриженоста и силните ставови што многумина ги имаат за војната на Блискиот Исток. Мислам дека никој не може да остане имун на длабокото страдање на сите кои се во војна“, додаде тој.
Од Еден Голан беше побарано да ја смени оригиналната песна, насловена „Октомвриски дожд“, откако таа предизвика контроверзии.
Се сметаше дека песната алудира на убиствата и киднапирањата на Израелците од Хамас, па затоа е сменета во „Ураган“, што ЕБУ го одобри.
Од тимот на пејачката изјавиле дека 20-годишната Голан не ја напушта хотелската соба бидејќи израелската делегација добила низа закани.
Организаторите се извинија затоа што еден учесник во полуфиналето покажа пропалестински симбол во вторникот.
Ерик Саде од Шведска, кој настапи во воведниот ревијален дел од шоуто, носеше кефије околу зглобот – вид на шал што луѓето го користат за да покажат дека се пропалестински настроени.
„Песна на Евровизија е ТВ-шоу во живо. Сите изведувачи се запознаени со правилата на натпреварот и жалиме што Ерик Сад реши да ја загрози неполитичката природа на настанот“, рече портпаролката на ЕБУ, организатор на настанот.
Пред натпреварот во Малме Арената, гледачите беа предупредени да не носат палестински знамиња и други симболи.
Ирската пејачка Бамби Таг им кажа на новинарите дека добиле „наредба“ да ги отстранат сите политички пораки од облеката што планирале да ја носат во полуфиналето.
Тие замислиле делови од нивната облека на сцената да бидат стилизирани во древното келтско писмо на зборот Огам – за кој велат дека може да се толкува како „примирје“ и „слобода за Палестина“.
Оли Александар, кој ја претставува Велика Британија, претходно повика на „непосреден и траен“ прекин на огнот во Газа, но ги отфрли повиците за бојкот на натпреварот.
Свет
„Боинг“ со 78 патници излета од писта: нов инцидент, повредени 11 лица
Авион со 78 патници се излизгал од пистата пред полетувањето на главниот аеродром во Сенегал во вторникот. Во несреќата беа повредени 11 лица.
Аеродромот „Блез Дијањ“ издаде соопштение дека причината за несреќата, која се случила околу 3 часот по полноќ, додека „боингот 737-300“ на „Трансаир“, изнајмен од „Ер Сенегал“, требаше да полета за Мали, е под истрага. Снимките на социјалните мрежи покажуваат авион со логото на сенегалската авиокомпанија „Трансаир“ во тревата со крилото покриено со противпожарна пена.
Во соопштението на аеродромот се наведува дека се активирани протоколи за итна евакуација на патниците.
„Аеродромот засега е затворен. Се очекува повторно да биде отворен во следните неколку часа“, се додава.
Свет
Путин ја повлекува војската од разни ерменски региони
Рускиот претседател Владимир Путин се согласи да ги повлече руските воени сили и граничарите од разни делови на Ерменија на барање на Ереван, изјави портпаролот на Путин за руската новинска агенција „Интерфакс“.
Соопштението следува по заминувањето на речиси 2.000 руски мировници од регионот Нагорно-Карабах и околните области. Азербејџан насилно го врати тој регион во септември минатата година.
Нивното заминување стави крај на повеќегодишното распоредување, кое ѝ овозможи на Москва да има воено упориште во стратешки важниот регион Јужен Кавказ.
Ерменија исто така побара од руските граничари да ги напуштат своите позиции на главниот аеродром во Ереван од 1 август.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Путин и ерменскиот премиер Никол Пашинјан на состанокот во средата во Москва постигнале договор за нови заминувања од споменатите области.
„Есента 2020 година, на барање на ерменската страна, нашите граничари и членовите на нашите воени сили беа распоредени во многубројни ерменски региони“, изјави Песков.