Свет
Разузнавачките служби: Целите на Путин се променија

Нови разузнавачки информации споделени од американски и западни претставници сугерираат дека рускиот претседател Владимир Путин го префрлил својот непосреден фокус во војната против Украина на краткорочни цели. Ова е првенствено за да се консолидира контролата врз територијата што руските сили веќе ја зазедоа и да се зајакне руската економија, која се бори со сериозни тешкотии, изјавија за Си-ен-ен повеќе извори запознаени со содржината на разузнавачките извештаи.
Ова претставува пресврт од претходните процени на американските и на западните разузнавачки служби, кои сугерираа дека Путин верува оти ситуацијата на бојното поле е во негова корист, односно дека има и момент и човечка сила за долготрајна војна против ослабената Украина, со цел да ја освои целата земја.
Перцепцијата дека Путин можеби се предомислил се совпаѓа со верувањето на американскиот претседател Доналд Трамп и неговите преговарачи дека рускиот претседател сега можеби е поподготвен да разгледа мировен договор отколку порано, изјавија за Си-ен-ен два американски извора запознаени со разговорите.
Но, високи американски претставници остануваат скептични кон тврдењата на Путин за време на преговорите дека сака мировен договор, иако предлогот на САД е во голема мера во корист на Русија и вклучува признавање на поголемиот дел од територијата што ја зазеде.
Општо е прифатено дека дури и ако Москва се согласи со сегашната верзија на договорот, подоцна може да се обиде да ја обнови војната и да заземе повеќе украинска територија.
„Мислам дека сега размислува, не би рекол поскромно, но во однос на поразумни, поблиски цели“, рече еден висок западен разузнавачки службеник.
Притисокот од администрацијата на Трамп, која сè повеќе се заканува со дополнителни санкции, и руската економска криза би можеле да го доведат Путин во тешка позиција. Во исто време преговорите силно ја нагласуваат можноста за големи американско-руски инвестиции доколку војната заврши, што САД го опишуваат како историска можност.
„Сè зависи од тоа што САД ќе донесат на маса, така што не само што ќе ја прикажат победата дома, туку и навистина ќе почувствуваат дека постигнале нешто доволно големо за да оправдаат значајна пауза, а можеби и еден ден повторно да го почнат конфликтот“, рече истиот висок разузнавачки функционер, пренесува медиумотг.
Изворот истакна дека Путин често ги споменува регионите од кои потекнува рускиот народ.
Висок европски функционер се согласува дека Москва во моментот е подготвена да ја игра играта и привремено да ги ограничи своите цели со цел да ги подобри односите со Вашингтон, но предупреди: „Јасно е дека тие не се откажале од своите максималистички воени цели“.
„Кремљ се надева дека подобрите односи ќе го одвлечат вниманието од војната по тактичка пауза и дека потоа ќе може да ги постигне целите на Путин преку комбинација од воена сила, економски притисок, информативна пропаганда и политичко влијание – не само во Украина туку и пошироко“, рече истиот европски функционер.
Порано оваа година американските разузнавачки служби ги предупредија сегашните советници на Трамп дека контролата врз Украина останува главен приоритет на Путин, веднаш по опстанокот на неговиот сопствен режим. Тие исто така предупредија дека рускиот лидер ќе се обиде да го искористи секој знак дека новата администрација брза кон преговори, изјави извор запознаен со разговорите.
„Путин се предомисли бидејќи верува дека од другата страна е американски претседател кој не знае што прави и кој е фокусиран на брзи победи“, рече демократскиот конгресмен Џејсон Кроу, член на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом.
„Путин верува дека може да се постигне договор, кој, едноставно, нема да се спроведе“, додаде Кроу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израелскиот кабинет одобри проширување на офанзивата во Газа

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одобри постепено проширување на офанзивата против палестинската милитантна група Хамас во Газа, објави во понеделник израелскиот јавен радиодифузер Кан, повикувајќи се на извори запознаени со деталите. Израелската армија веќе почна да упатува десетици повици до резервистите, со цел да ја прошири офанзивата во Газа, изјави во неделата началникот на армијата, генерал-потполковник Ејал Замир.
Во видео порака објавена на Икс во неделата, неколку часа откако ракета лансирана од Јемен падна во близина на израелскиот аеродром Бен Гурион, Нетанјаху го свика безбедносниот кабинет за да ја разгледа „следната фаза“ од војната во Газа. „Го зголемуваме притисокот со цел да ги вратиме нашите луѓе (заложниците) и да го победиме Хамас“, им рекол Замир на војниците, според соопштението на армијата.
Во март, Израел ги продолжи копнените напади во Газа, прекршувајќи го примирјето поддржано од САД, со кое беа запрени борбите два месеци.
Кабинетот за безбедност одобри нов план за дистрибуција на помош во Газа, објави во понеделник израелскиот веб-сајт Ynet, но не е познато кога залихите ќе бидат пуштени во енклавата. Израел контролира околу една третина од територијата на Газа и се соочува со растечки меѓународен притисок да го укине ембаргото за помош што го воведе во март.
Свет
Силни ветрови превртеа четири брода во Кина: 84 туристи паднаа во река, десет загинаа

Десет лица загинаа кога ненадејни силни ветрови превртеа четири брода што превезуваа туристи, при што 84 лица паднаа во река во југозападна Кина во неделата, објавија државните медиуми. Последното исчезнато лице беше пронајдено околу пладне во понеделник, но не покажуваше знаци на живот, објави Кинеската централна телевизија.
Новинската агенција „Синхуа“ објави дека 74 лица се спасени во несреќата што се случила во покраината Гуиџоу. Властите испратија 70 лица во болница на лекување во „неопасни по живот состојби“, објавија државните медиуми.
Распоредени се речиси 500 спасувачи, а кинескиот претседател Кси Џинпинг им нареди на покраинските власти да „сторат сè што е можно“, објави Синхуа. Тој, исто така, рече дека властите треба да ги засилат безбедносните мерки за да го ограничат зголемениот број несреќи на туристичките атракции и главните јавни места.
Европа
Папата Франциско го донираше „папамобилот“ на децата од Газа, објави „Ватикан њуз“

Папата Франциско го донираше својот познат „папамобил“ на децата во Појасот Газа, објави „Ватикан њуз“. Возилото ќе биде претворено во мобилна медицинска единица за деца, која ќе им обезбеди основна здравствена заштита во контекст на хуманитарна катастрофа.
Во текот на неговите 12 години на чело на Католичката црква, папата Франциско постојано ја нагласуваше важноста на мирот и сочувството, особено кон децата погодени од војните низ целиот свет, од Украина до Кавказ, Блискиот Исток и Африка. Тој беше особено потресен од судбината на десетици илјади деца кои ги загубија животите во конфликти како оној во Газа.
Според информациите од Ватикан, Папата ја доверил оваа акција на Каритас Ерусалим во последните месеци од својот живот. Целта е да се одговори на огромната хуманитарна криза во Газа, каде што речиси еден милион деца се раселени и изложени на глад, инфекции и други сериозни здравствени проблеми.
Папамобилот ќе биде опремен со медицинска опрема за дијагноза, тестирање и лекување, вклучувајќи брзи тестови за инфекции, дијагностички уреди, вакцини, комплети за нега на рани и друга итна помош. Возилото ќе го управуваат лекари и медицински работници кои, штом ќе биде овозможен хуманитарен пристап до Газа, ќе се упатат кон најизолираните делови од регионот.
„Благодарение на ова возило, ќе можеме да стигнеме до децата кои денес немаат пристап до здравствена заштита – деца кои се ранети и неухранети. Ова е конкретна, животоспасувачка интервенција во време кога здравствениот систем во Газа е речиси целосно распаднат“, изјави за Ватикан њуз, Петер Бруне, генерален секретар на Каритас Шведска.