Македонија
(Видеоинтервју) Георгиевски: Србите биле три пати пожестоки, па не ги нарекуваме окупатори, зошто да не им простиме и на Бугарите

За експремиерот Љубчо Георгиевски нема ништо спорно ако македонската страна ги смени во учебниците називите за Бугарите од типот окупатор, номад или фашист, затоа што, според него, Македонија ѝ ја простила на Србија окупацијата од 30 години, ѝ простила и на Турција за петте века, па зошто да не ѝ прости и на Бугарија.
Во интервјуто за „А1он“, зборувајќи за македонско-бугарските односи, уште еднаш потенцира дека Македонија треба да ја смени перцепцијата кон Бугарија и да престане со антибугарското расположение, затоа што, според него, во минатото Бугарија била најголемиот поддржувач на Македонија, особено во 19 век. Наспроти ова, Геориевски вели дека треба да ѝ се оддаде признание и почит на Бугарија.
„Ако сме им простиле на Србите, кои биле три пати пожестоки окупатори на овие простори, ако сме им простиле во поновата историја на УЧК и седат во Владата, не гледам проблем да им простиме и на Бугарите. Аршинот треба да биде ист. Ако не простуваме, не простуваме никому. Треба да ја смениме перцепцијата и да признаеме дека Бугарија била најголем поддржувач на Македонија во 19 век. Факт е дека секој ранет комита од Македонија одел на лечење во Бугарија. Секој кој бил гонет се криел во Бугарија, 90% од оружјето доаѓало од Бугарија, обуките биле таму, во Бугарија. Таа поврзаност Бугарија- Македонија била многу јака, зошто има проблемот да ја признаеме? Триесет години го зборувам ова. Ако ги утврдевме пријателските места немаше да дојдеме до ова, ако секој политичар градеше по еден чекор, ниту ќе имавме обврски, ниту ќе ја имавме оваа шокова терапија“, вели Георгиевски во интервју за „А1он“.
На прашањето за откажувањето од македонското малцинство во Бугарија, Георгиевски вели дека тоа не било ништо ново и дека Македонија и со Договорот од Преспа и со Договорот со Бугарија се откажала од малцинствата.
„Предлагам да даде гаранција дека со ништо нема да ги поддржува аспирациите на македонското малцинство во Бугарија. Повторно галама, вик, патриоти колку сакате, а не гледам зошто. Македонија во овие 30 години шест пати официјално се има откажано од малцинствата во Грција и Бугарија. Три пати во договори со Грција, уште два пати во договор со Бугарија. Ги избришале од Уставот малцинствата, веќе не знам со кои промени и конечно со последниот договор меѓу Заев и Борисов, член 11, има шест потточки со кои ние се обврзуваме дека нема да даваме никаква поддршка таму. И сега кога јас го нудам тоа, виновен сум. Ако до сега пет пати сме се откажале од нив, да се откажеме и овој пат и да им дадеме гаранција на Бугарите“, објаснува Георгиевски.
Георгиевски смета дека Македонија мора да направи компромис и со заедничките историски личности и список на кој ќе им се направат историски биографии и доколку има факти дека тие дејствувале како Бугари, тоа да стои официјално.
„Да се направи список од 15 личности и да се каже овие се општи личности, без многу елаборирања, и дискусијата да заврши. И независно од тоа да се кажат основните биографски податоци за нив, затоа што Бугарите сметаат дека македонската историографија ги крие и не ги кажува, и тие податоци да се вметнат. И да се каже дека Гоце Делчев, Даме Груев и сите други биле учители на бугарската егзархија, факт ли е тоа дека македонската историографија тој факт не го знае, зошто го крие? Биле учители, признавате, а со тоа вие ја менувате глобалната перцепција дека не биле толку лоши туку биле пријатели, но ние не го кажуваме како факт. Ние потоа ќе си објасниме под кои околности работеле тука. Сега тука се смирени и двете страни, тие ќе си толкуваат по нивно, ние по наше“, вели Георгиевски.
На бурните реакции во јавноста откако тој ги изнесе и сега потврди за „А1он“ своите гледишта, Георгиевски рече дека стои зад нив и не е проблем ако некои политичари покренат иницијатива за негово протерување од државата. Вели дека има три државјанства, покрај македонското и бугарското, но не кажа кое е третото.
Не се чувствува повикан дека ја брани бугарската страна и додаде:
„Од 1990 година откако се појавив на политичката сцена добивам етикети за кого работам и што, но никогаш не сум се повел на планот на популизмот. Во ’90 не се откажав од идејата за самостојна Македонија, кога најголемиот број беа за Југославија“, рече Георгиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Клиниката за неврохирургија првпат воведена интраоперативна флуоресцентна видеоангиографија при хируршки третман на мозочни аневризми

На Универзитетска клиника за неврохирургија беше извршена комплексна микрохируршка интервенција кај 57-годишен пациент со руптурирана аневризма на мозочен крвен сад.
– Станува збор за операција која за првпат во Македонија е изведена со примена на интраоперативна флуоресцентна видеоангиографија. Оваа иновација е значаен чекор напред во модернизацијата на македонското здравство. Примената на интраоперативната флуоресцентна видеоангиографија ја зголемува безбедноста на пациентите и ја подобрува ефикасноста на хируршките интервенции, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Оваа иновативна метода претставува напредна техника која овозможува визуелизација на крвниот проток во реално време за време на операцијата.
– Со примена на контрастно средство, хирурзите можат прецизно да ја проценат проодноста на крвните садови и да го потврдат целосното исклучување на аневризмата, што е клучно за успешен исход, појаснува Благој Шунтов, специјалист по неврохирургија и раководител на тимот.
Инаку, хируршкиот тим се состои од: д-р Благој Шунтов, асистенти: д-р Мирко Мишел Мирчевски, д-р Влатко Атанасов, анестезиолошки тим: д-р Сања Ѓурчевска, д-р Радмила Панговска, мс Ирена Стојанова, мс Гордана Мицковска, мс Даниела Делова, инструментарки: мс Маја Спировска, мс Наташа Мирчевска.
Операцијата помина без компликации, а пациентот се опоравува без потешкотии. Примената на оваа напредна техника претставува значаен напредок во третманот на неврохируршки пациенти и потврдува посветеност на ЈЗУ УК за неврохирургија во примена на најновите медицински технологии.
Оваа иновација претставува значаен чекор напред во модернизацијата на македонското здравство и потврдува посветеност на здравствените институции во примена на најновите медицински технологии“.
Македонија
Под истрага четири лица, меѓу кои татко и ќерка за Трубарево – складирале батерии и тонери што ја загадија почвата и воздухот

Скопското обвинителство отвори истрага против четири лица и една фирма поради загрозување на животната средина. Се сомничи дека во фирмата непрописно се складирал електронски отпад, батерии, акумулатори и тонери на парцела во Трубарево, со што предизвикале сериозно загадување на почвата и воздухот и опасност по здравјето на луѓето.
Главен осомничен е човек кој, иако формално не бил управител, реално го водел работењето на фирмата. Заедно со неговата ќерка – формална управителка – и уште двајца соработници, организирал собирање, складирање и обработка на отпадот спротивно на законот.
„Тој и неговата ќерка, како соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери“, соопшти Обвинителството.
Третиот осомничен е раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад. Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање на работен однос, сепак преземал дејствија со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
На 13 септември депонираниот отпад се запалил, а пожарот брзо се проширил и не можел да се стави под контрола. Согореле огромни количини електронски отпад и објекти на подружницата за рециклирање, а во воздухот се ослободиле токсични гасови, чад и пепел. Мерењата на Армијата и Инспекторатот за животна средина потврдија висока загаденост.
Поради тежината на делото, обвинителството побара притвор за првиот осомничен, а за останатите тројца – куќен притвор. Се проверува и одговорноста на други лица.
Македонија
Поврзаноста не се мери во лајкови, туку во љубов и присуство, порача Ѓорге Иванов на Конгресот на религии во Казахстан

Во периодот од 15-18 септември, поранешниот претседател на Република Македонија (2009–2019), Ѓорге Иванов, учествуваше на Осмиот Конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии што се одржа во Астана под покровителство и со претседавање на Претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев.
Во рамките на конгресот, претседателот Иванов се обрати на панелот „Духовните вредности во ерата на дигитална реалност и вештачка интелигенција“, каде што во своето излагање ја истакна двојната природа на новите технологии и вештачката интелигенција – можностите кои ги создаваат и отвораат, но и предизвиците кои стојат пред духовноста и човечноста.
Иванов предупреди дека „вистинската вера не може да биде создадена од машина, а вистинската поврзаност не се мери во лајкови, туку во љубов и присуство“, додавајќи дека духовните водачи имаат клучна улога да ги насочат луѓето кон трајните духовни вредности во еден свет кој често нуди брзи, но празни одговори. Тој нагласи дека човековото достоинство, слободата, приватноста и вистината не смеат да бидат жртвувани во трката по иновации и повика на заедничка соработка меѓу духовните заедници, технолошките експерти и медиумите во градењето етичка дигитална иднина. Потсетувајќи на македонската традиција на вековна верска толеранција и заемно почитување, тој порача дека технологијата не треба да нè оддалечува од тоа кои сме, туку да ни помогне подобро да се откриеме себеси.
На овој значаен настан во Астана учествуваа повеќе од 100 делегации од околу 60 земји од целиот свет, меѓу кои и највисоките духовни водачи од христијанството, исламот, будизмот, јудаизмот, хиндуизмот, таоизмот и шинтоизмот, како и претставници на меѓународни организации, академската заедница и јавни личности.
Претседателот Иванов го искористи своето присуство и за повеќе средби со учесниците со кои разговараше за современите предизвици на духовноста, за потребата од унапредување на дијалогот и за градење мостови на доверба. Во овие средби тој ја истакна важноста на Македонија како пример на вековно меѓурелигиско, меѓуетничко и меѓукултурно почитување и заедништво, пренесувајќи ја пораката дека малите земји, преку мудрост и искуство, можат да придонесат за глобалниот мир и стабилност, особено во време на глобални несигурности и брзи промени, кога улогата на духовноста и дијалогот е уште поважна за зачувување на човечките вредности и за градење посигурна иднина за следните генерации.