Топ
(Видео) Спречен шверц на дрога: 161 килограми висококвалитетен кокаин запленет на солунското пристаниште, во заедничка акција на македонската и грчката полиција

Вчера од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција, во соработка и со заедничка меѓународна истрага со Службата за борба против дрога од Солун, Република Грција, Американската служба за борба против дрога – ДЕА и Центарот за спроведување на законот во Југоисточна Европа – СЕЛЕК, успешно е реализирана заедничка операција на недозволена трговија со кокаин, при што во Солун се запленети 161 килограми кокаин, соопшти МВР.
Вчерашната акција е продолжение на успешната акција од 08 и 09.05 2023 година кога во Солун беа запленети 105 кг кокаин и беа лишени од слобода 10 лица во Грција, и тоа 7 лица државјани на Република Грција и 3 лица државјани на Република Албанија, додека во Република Северна Македонија беа лишени од слобода 4 лица, наши државјани, кои во моментот се притворени и се наоѓаат во истражниот затвор Скопје.
Вчерашната операција е резултат на продолжување на истрагата во двете земји и меѓусебната размена на сите информации поврзани со членовите на меѓународната криминална група. Имено, во рамки на проверките за лицата и фирмите кои беа инволвирани во првиот случај на заплена на 105 кг кокаин, беше утврдено дека веќе лишените лица нарачале и организирале и втора, нова количина на кокаин од Еквадор. Во соработка со Службата за дрога од Солун беа утврдени контејнерите, по што по нивното пристигнување на пристаништето во Солун истите беа предмет на контрола.
На 02.06.2023 полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, Единица за недозволена трговија со дрога, заедно со грчките колеги на пристаништето во Солун презедоа заеднички активности за откривање и вадење на наркотичната дрога кокаин во количина од 100 пакувања, односно во секој контејнер биле пронајдени по 50 пакувања со кокаин, со вкупна тежина од 161 килограм. Притоа, кокаинот беше пронајден во специјално направени бункери – крипти во шините од подот на двата контејнера.
Одделот за крим-полиција во текот на следната недела ќе достави известување до надлежниот Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како што соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.
Министерството за внатрешни работи уште еднаш покажа и со своите активности докажа дека бескомпромисната борба за спречување на шверцот со наркотици останува врвен приоритет, а со одличната соработка со полициите од другите држави е признаен и почитуван меѓународен партнер, насочен кон сузбивање на оваа појава на глобален и меѓународен план.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Тензиите растат: борбени возила на српската армија во околината на Прокупље, се упатуваат кон внатрешноста на централна Србија

Колона борбени возила на Војската на Србија денеска повторно е забележана, овојпат во околината на Прокупље.
Репортерите на српски Курир снимија долга колона борбени возила на Војската на Србија во околината на Прокупље, кои се движат кон внатрешноста на централна Србија.
Минатата недела во два наврати беа забележани и колони борбени возила на Војската на Србија.
На магистралниот пат Краљево – Рашка во петокот на 22 септември долга колона оклопни борбени возила на Војската на Србија се движела на пат кон Копнената безбедносна зона.
Еден ден подоцна, колона борбени возила на Војската на Србија е заробена во Куршумлија и во околината на Блац и се движела кон Копнената безбедносна зона. Колоната тогаш била видена и во Белољин.
Регион
(Фото) Проценките достигнаа 5 милијарди евра: Грција ги сумира штетите од разорните поплави

Во Грција се сумираат штетите од разорните поплави што го погодија централниот дел на земјата поради невремето Даниел на почетокот на септември, а експертите проценуваат дека тоа може да ја чини грчката економија до пет милијарди евра за кратко термин, пренесува BBC.
Се проценува дека една петтина од грчките плантажи за памук биле уништени, а над 200.000 добиток и живина загинале во поплавите.
Проценките на експертите сугерираат дека само краткорочните ефекти може да ја чинат грчката економија до пет милијарди евра, а една од најтешко погодените области е Тесалиската рамнина, во централна Грција.
Тесалија е еден од главните земјоделски региони во земјата и се стравува дека разорните ефекти од поплавите ќе имаат значително влијание врз производството на храна во Грција.
Околу 20 отсто од земјоделското земјиште е концентрирано во овој регион и тоа е исклучително важно за производството на памук во Грција, која е главен извозник.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис вети брза помош за настраданите од поплавите.
Во обраќањето веднаш по катастрофата, тој рече дека Грција има финансиски капацитет и механизам за брзо олеснување, за луѓето да можат да ги рестартираат своите животи, да ги поправаат куќите и да ги рестартираат своите бизниси.
Спиридон Кинциос, ректор на Земјоделскиот универзитет во Атина, изјави за Би-Би-Си дека иако е можно повторно да се засадат култури како што се житарките и памукот прилично брзо во следните неколку месеци, обновувајќи ги овоштарниците и стадата овци и кози, кои произведуваат млеко за традиционалното грчко производи како јогурт и фета сирење, ќе трае подолго.
– Во моментов имаме оштетувања на станбената инфраструктура, како и на комуналните услуги, патиштата, училиштата, примарните здравствени единици и сл. Ако не успееме да ги вратиме што е можно поскоро, тогаш ќе имаме проблем што ќе ги принуди луѓето да одат на друго место да живеат – изјави Кинсиос.
Тој најави дека најлошо сценарио е масовната миграција на населението од селата во големите градови.
– Пресметувам дека, доколку надвладее најлошото сценарио, тогаш директниот директен трошок за грчката економија би бил приближно четири до пет милијарди евра. А долгорочниот трошок би бил три пати поголем – нагласи грчкиот експерт.
Македонија
Петровска ги посети војниците кои се дел од силите на НАТО во Бугарија

Припадниците на Армијата на Македонија кои се дел од мултинационалните сили на НАТО во Бугарија се на ниво на задачата, мотивирани, посветени и исклучително професионални во остварувањето на единствената заедничка цел – да бидат гарант за безбедноста на секоја педа сојузничка територија, рече министерката Славјанка Петровска по посетата на армискиот вод кој е дел од силите на НАТО во Бугарија, во рамки на активностите на зголемена будност на Алијансата, воведени на вонредниот Самит на НАТО во Брисел во март 2022 година, по руската агресија во Украина. Целта на мисијата е гаранција на безбедноста на целата територија на Алијансата.
Во базата во Ново Село, министерката Петровска им се заблагодари на македонските, но и на бугарските и сите припадници на сојузничките армии кои се дел од мултинационалната група на НАТО во Бугарија за нивниот придонес кон безбедноста на НАТО.
„Чест и задоволство ми е што денеска заедно со мојот колега дојдовме тука да ги посетиме војниците од оваа група, меѓутоа исто така да им обрнеме особено внимание на нашите, на македонските и на бугарските војници. Особено ме радува и информацијата од брифингот кој го имавме од командантот, од успесите кои се забележани, од начинот на којшто двете армии во состав на оваа мултинационална сила заедно функционираат, заедно работат и се разбира заедно ги бранат интересите на НАТО алијансата“, рече министерката Петровска.
Министерката посочи дека сите политички одлуки кои беа донесени во рамките на Алијансата, во однос на безбедноста на НАТО алијансата, денеска војниците го спроведуваат тоа на дело.
„Уште повеќе ме радува што сите оние политички одлуки кои изминатиот период ги носевме во рамките на НАТО алијансата и како гаранција за мирот, безбедноста на секоја педа територија на земјите членки на Алијансата, војниците овде се подготвени тоа да го спроведат на дело. Секое едно вложување и инвестирање во нив значи инвестирање во нашата иднина и во нашата безбедност и затоа ја заслужуваат нашата поддршка“, подвлече министерката.
Бугарскиот министер за одбрана, Тагарев посочи дека во Ново Село со министерката Петровска беа сведоци на реалната примена на концептот за зголемена будност на НАТО и изградбата на мултинационалните борбени групи кои се елементи на капацитетот за одвраќање и одбрана на источното крило на НАТО.
„Овде, придонесуваат со војници седум земји, водечка земја е Италија со многу сериозен капацитет, но секој придонес на наш сојузник кон заштитата на НАТО и нашата територија е ценет, вклучително и на воените лица од Македонија. Јас сум многу благодарен што имам можност заедно со министерката Петровска да присуствуваме овде. Видовте воени лица од двете страни во еден строј, со знамињата, со почит еден кон друг“, рече бугарскиот министер.
Министерот Тагарев посочи дека војниците од двата контингенти одржуваат дневни контакти со кои се гради соработката и капацитетот заедно да ја гарантираме сигурноста на сојузот.
Македонскиот контингент во мултинационалните сили во Бугарија е во големина на еден вод. Во овие сили има над 1.000 припадници од сојузниците Македонија, Бугарија, Албанија, Грција, Црна Гора, Турција и САД, под водство на Италија.