Македонија
Иницијаторите за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ испратија писмо до ЕУ – се жалат на политичко и физичко насилство
Иницијативата за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ испрати писмо до Делегација на ЕУ во Скопје и дипломатските претставништва во Скопје, како што се наведува во соопштението, „во врска со политичкото и физичко насилство врз членовите на Иницијативниот одбор“.
„Дозволете да Ве информирам дека повеќе членови на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ се здружија во Иницијативен одбор и бараат политичка одговорност за лошиот резултат на ВМРО-ДПМНЕ. Нашиот активизам е во потполна согласност со демократските вредности за кои се залага нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Имаме еднинство барање за свикување заседание на највисокиот политички орган на партијата – Конгресот.
Се бориме за запазување на веќе воспоставениот стандард за оставки. Долгогодишна пракса во западните демократии е после пораз на избори лидерот на партијата да поднесе или во најмала рака да понуди оставка од позицијата. Не бараме ништо повеќе од ова. Бараме да се свика Конгресот на партијата и да дискутира за овој демократски стандард. Во име на Иницијативата за свикување вонреден Конгре, сакам да ја изразам нашата загриженост од се поголемото вербалното и физичко, политички мотивирано насилство со кое се соочуваат членовите на Иницијативниот одбор, кои јавно побараа оставка од Христијан Мицкоски“, се вели во писмото.
„Изминатите неколку дена откатко Иницијативната се официјализира, сите членови сме мета на вакви напади. Личната дискредитација и говорот на омраза стана најмало очекувано зло. Кај некои од нас, освен вербално, насилници се дрзнаа и физички да малтретираат. Во текот на вчерашниот ден, поранешниот пратеник и сегашен поддржувач на идејата за вонреден конгрес, Весна Дамчевска Илиевска пријави во полиција закани и тормозење со цел заплашување и повлекување од иницијативата.
Ние како иницијатива за демократски дијалог во рамки на една политичка партија, најостро го осудуваме и се оградуваме од насилство. Уште повеќе, ако тоа се прави врз жена.
Во изминатиов период додека сме активни, во ниту еден момент не применивме говор на омраза или на каков било начин сме мотивирале негова примена. За жал, во текот на вчерашниот ден, во изјава за медиумите, раководството на нашата партија ниту се огради, ниту го осуди физичкото насилство. Напротив, го оценија како „монтажа и конструкција која што е дел од новопромовираната коалиција помеѓу иницијаторите и Зоран Заев. Со оваа изјава, раководството на Христијан Мицкоски не само што не се огради, туку индиректно мотивира политичко насилство со испраќање порака до насилниците дека партијата стои зад нив“, се додава во писмото.
Според Иницијативниот одбор за свикување вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, „друг елемент на загриженост е фактот што иако полицијата ги лоцира насилниците и има изјави од нив, раководството на Христијан Мицкоски испрати порака дека не верува во институциите во врска со овој случај, дека ние сме во некаква спрега со власта и полицијата монтира случаи“.
„Стравуваме дека сето ова свесно го прават со цел обесхрабрување на поддржувачите на иницијативата јавно да говорат. Ве повикуваме да се заложите за осуда на политички мотивираното, вербално и физичко насилство, кое стана стандард на македонската политичка сцена кога членови на партии искажуваат став различен од оној на раководството“, се додава во писмото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

