Македонија
Во читална само со маска, ќе се ограничува и бројот на посетители
Од 1 септември читалните во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе работат од 8 до 19 часот, од понеделник до петок. За работа на читалните ќе важи посебен протокол, за да се овозможи заштита на корисниците и на вработените од ширењето на коронавирусот.
Како подготовка пред отворањето на читалните во целиот објект се отстрануваат сите места за седење кои се надвор од читалните; на јасно видливи места се истакнуваат информации според кои – се забранува присуство во другите простории на објектот каде што се наоѓа читалната (хол, аула, простории за одмор); предмети (чанти, ранци) не смеат да се оставаат на подот; вратите и прозорците не смеат да се затворат; храна и пијалаци не смеат да се оставаат на масите; означени насоки за движење во објектот каде што се наоѓа читалната; задолжително носење маска за лице во просториите на читалната; масите и столчињата се наоѓаат на растојание од најмалку 1,5 до 2 метра и е ограничен бројот на посетители во читалните (во читалната 1 на прв кат има 30 седишта, а во читалната 2 на втор кат – 25 седишта); вратите и прозорците се оставаат отворени, истите се фиксираат; пред влезот се остава сунѓер со средство за дезинфекција на обувките; пред влезот на читалната се поставува средство за дезинфекција на рацете; секое место за седење се нумерира; автоматите за самопослужување на пијалаци и храна не се во функција.
За влез и излез од објектот важат следните протоколи – пред секое влегување се дезинфицираат рацете; лицето задолжено за прием на студентите и распределување на местата во читалната задолжително носи ракавици, маска и очила/ визир за заштита; пред влегувањето во читалната, се мери телесната температура на корисникот; на пријавница се покажува членска карта и се добива соодветно место за седење; се евидентираат времето, име, презиме и податоци за контакт; странката одговара на прашања дали бил/а во контакт со лице заразено со SarsCoV-2 и дали има забележливи симптоми; напуштање на местото за седење се најавува на пријавница.
За одржување на хигиената во објектот, санитарните простории ќе се дезинфицираат на секои 2 часа; по напуштање на местото за седење тоа ќе се дезинфицира и ќе се распределува по изминати 10 минути.
Централните вентилациски системи, вентилатори, клима уреди и слично не се ставаат во употреба; се внимава на редот, мирот и одржувањето дистанца надвор од објектот; се работи според претходно утврдено работно време (од 8 до 19 часот од понеделник до петок, сабота и недела читалните не работат); списокот со претходно запишани лица коишто ја посетиле читалната и нивните информации
за контакт се чува две недели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.