Македонија
Истрага за обид за убиство во Скопје: пукал кон жртвата, но не ја погодил
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик. За уште едно лице е поведена постапка поради сомненија за дејствија на – Помагање по извршување на кривичното дело според член 365 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 10 декември, во селото Мирковци, сега осомничениот 37-годишник со умисла се обидел да лиши од живот едно лице, а мотивот му била претходна меѓусебна нетрпеливост поради нерасчистени должничко – доверителски односи. Тој отишол до домот на оштетениот, каде пред вратата извадил огнено оружје – пиштол и испукал еден куршум кон жртвата, но не успеал да го погоди.
Куршумот завршил во ѕидот веднаш до рамката од влезната врата, во висина на градите на оштетениот, кој веднаш кога го забележал пиштолот се повлекол во внатрешноста на куќата и ја затворил влезната врата која автоматски се заклучува. Осомничениот започнал да тропа и удира со нога на затворената влезна врата, па откако не успеал да влезе во куќата, побегнал од местото заедно со лицето кое постои сомнение дека му помагало по сторувањето на кривичното дело да не биде откриен.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, предложи за осомничениот сторител на обидот за убиство да биде определена мерка притвор. Со решение, Основниот кривичен суд Скопје ја определи бараната притворска мерка во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Струјата ќе поскапи 0,92 отсто, за сметка од 2300 денари ќе се плаќа 21 денар повеќе
Од први јануари струјата за домаќинствата и за малите потрошувачи ќе поскапи за 0,92 отсто, соопшти денес Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Претседателот на РКЕ, Марко Бисломоски вели дека регулаторите првпат го искористиле контролниот механизам во определување на цената на електричната енергија со цел да не се предизвика голем ценовен шок оти ЕВН побара зголемување на цената за 4,4 проценти. Марко Бисломоски.
„Како што ветивме, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата се зголемува за 0,92 %. Првиот блок за 0,68 %, вториот блок за 0,9 %, третиот блок 1,93 % , четвртиот блок 2,24 % и евтината тарифа за 0,9 %. Тоа значи дека едно просечно домаќинство во државата кое што има сметка од, да речеме, 2300 денари, со зголемувањето на цената на електричната енергија трошокот за електрична енергија ќе му се зголеми за 21 денар“, рече претседателот на РКЕ, Бислимоски.
За првиот блок цената на енергијата е 4,44 денари, мрежарината за сите е 2,14, односно вкупната цена на струјата во првиот блок е 6,5865 денари за киловат час. Претходно изнесувала 6,53 денари.
Цената на струјата во вториот блок, збирно енергија и мрежарина, е 7,71 денар, а претходно изнесувала 7, 64 денари.
Цената на електричната енергија во третиот блок е 9, 57 денари, а претходно изнесувала 9,39 денари.
Цената на електричната енергија во четвртиот блок е 20,4 денари, а претходно изнесувала 20 денари.
Цената на струјата во евтината тарифа изнесува 4,12 денари. Претходно изнесувала 4,08 денари.
Македонија
(Видео) МВР со детали за акцијата во Арачиново: пронајдено оружје
Утрово околу 01.30 часот од страна на полициски службеници од Единицата за брзо распоредување и Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје на локален пат од с.Орланци во правец кон с.Никуштак, во атарот на општина Арачиново, биле пронајдени еден пушкомитралез, девет автоматски пушки, повеќе празни рамки за автоматска пушка и реденик за пушкомитралез, две рамки за автоматска пушка со куршуми, една тегла со муниција, ранец и други предмети, соопшти МВР.
Пронајденото, како што појаснија надлежните, е предадено на вештачење во Одделот за форензички испитувања и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Тошковски свесно направи конфузија за Ковачевски – мора да се почитува пресумција на невиност, оценуваат од СДСМ
Сакам да изразам крајно разочарување од тоа каква конфузија се направи во јавноста во однос на екс премиерот Ковачевски кој беше осуден од јавноста и медиумите, додека во реалноста Јавното Обивинителство се уште нема оформено предмет. Според она што досега го дознавме од ЈО се уште нема постапка туку само кривична пријава која допрва ќе видиме дали е основана. Според ЈО станува збор за сосема друг период и друг случај кој очигледно е различен од овој на Груби и Бајрами. Тошковски со своите изјави очигледно намерно се обиде да го вметне и Ковачевски со Груби и Бајрами во истиот предмет. Тоа е она што го прави ВМРО-ДПМНЕ, политичко етикетирање преку институциите на прогонот, истакна на прес-конференција Мартин Костоски од СДСМ.
„Но ова не треба да не чуди затоа што ВМРО-ДПМНЕ подготвува терен за политички реаншизам од првиот ден. Се врши страшна партизација на клучните безбедносни и правосудни институции. За само шест месеци имаме целосно поклопување и преземање на АНБ, масовна партизација во полицијата и назначување на партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ во независниот граѓански надзор на комуникациите. Имаме поставување на судија во судскиот совет која е сопруга на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и уште еден кој е братучед на Изет Меџити. Ова јасно укажува дека ВМРО-ДПМНЕ со оваа партизација ќе води и партиски истраги и хајки против поранешни функционери“, оценува Костоски.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како што рече, јасно и принципиелно кажа дека ги поддржува сите независни и професионални истраги против било кои поранешни и сегашни функционери.
„Бараме надлежните институции да ги извршат своите обврски непристрасно и темелно, со што ќе се открие вистината. Потсетуваме дека секој функционер, без разлика на својата позиција или партиска припадност, има право на правична постапка и се смета за невин сè додека не се докаже спротивното. Секој обид за политизација или предвремена јавна осуда за лицата опфатени во истрагите ги поткопува принципите на правдата и одговорноста. Ги повикуваме сите засегнати страни, вклучително и медиумите, да го почитуваат истражниот процес и пресумпцијата на невиност“, истакна Костоски.