Топ
Исчезнатата Вања последен пат забележана кај „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата; „Како родители мислиме само на најлошото“, вели мајката
МВР интензивно трага по 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје откога вчера, во 8.35 часот, мајка ѝ пријавила дека е исчезната.
Мајката на исчезнатото девојче за „Макфакс“ раскажува дека и таа и полицијата го прегледувале нејзиниот компјутер, но дека не пронашле ништо.
Ѓорчевска појаснува дека полицијата ги прегледувала и камерите и сите достапни материјали и докази што би можеле да помогнат во пронаоѓање на исчезнатата Вања.
Мајката реагира на написите и коментарите на јавноста, кои упатуваат критики за работата на полицијата.
„Морав да реагирам затоа што полицијата активно работи на пронаоѓање на нашата Вања. Сите инспектори се вклучени, сите работат. Јас синоќа до три часот по полноќ бев во Полициската станица Беко и сите беа вклучени во потрагата. Вклучени сме сите, и полицијата, и роднини, и пријатели и другарчињата. Сега излепивме и постери со ликот на Вања во Центар за полесно пронаоѓање“, раскажува мајката.
Телефонот на Вања, како што додава, и натаму е исклучен.
„Вања излезе вчераутро во 7.20 часот, а јас излегов по неа во 7.40 часот. Набргу ми се јави нејзината класна и ми кажа дека Вања не е на училиште. Јас веднаш ја побарав, но беше недостапна, телефонот ѝ беше исклучен. Проверив на ‘Гугл мапс’ и видов дека последно е регистрирана во близина на ‘Броз кафе’ на ‘Партизанска’“, појаснува таа.
Вели дека Вања била весела вечерта пред настанот и дека ништо не наведувало оти нешто такво може да се случи.
„Вечерта беше весела, весела си отиде на училиште, не сме се расправале, отворено си разговараме за сè. Ги распрашав сите нејзини другарчиња. Тие доаѓаа и претходно тука, се дружеа, си седеа. Но, никој вчера не ја видел Вања во училиште“, кажува мајката.
„Како родители мислиме само на најлошто. Надлежните ни велат дека досега не памтат сличен ваков случај“, додава Ѓорчевска.
МВР апелира да не се шират дезинформации и дека постојано ќе ја информира јавноста сè до пронаоѓање на малолетничката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) По ерата на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија што добива сопствено модерно кино
Општина Кисела Вода вчера вечер официјално го отвори новото кино во Домот на културата во Драчево. Проектот, реализиран во партнерство со „Киноверзум“, претставува втора филмска сцена на територијата на оваа општина и вкупно петта во мрежата на оваа групација во Македонија.

Свеченото отворање се одржа пред преполна сала, во присуство на претставници на Владата, Собранието, како и голем број уметници и културни работници. Настанот го водеше актерот Рубенс Муратовски, а вечерта беше заокружена со проекција на меѓународно наградуваниот документарен филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат за „Оскар”.

– Ова е историски чекор, бидејќи по времето на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија кое добива свое модерно кино. Со овој чекор потврдуваме дека културата не смее да биде привилегија на центарот, туку право на секој граѓанин. Нашата визија е јасна- ја носиме уметноста таму каде што е домот на луѓето. Сакаме врвните филмски остварувања да бидат на само неколку чекори од вашиот праг-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Таа додаде дека ова е второ заедничко кино со „Киноверзум“ и е доказ дека со јасна заедничка визија се постигнуваат видливи и трајни резултати.

Посебно признание на настанот им беше оддадено на гостите, режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски. Нивниот филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат во трката за „Оскар“, кој е откупен од „National Geographic“ и добитник на бројни награди на реномирани светски филмски фестивали, беше симболично избран за првата проекција на новото филмско платно во Драчево. За жителите на Драчево ова имаше и емотивна вредност, со оглед на тоа што продуцентот Петковски потекнува токму од ова место.

– Ова е седма година од постоењето на „Киноверзум” и горди сме што вечерва го отвораме нашето петто кино. По Штип, Велес, Свети Николе и првото кино во Кисела Вода, сега и Драчево добива филмска сцена со најсовремени технички услови. Опремено со ласерски кино-проектор и врвен систем за звук, на посетителите им ги нудиме најактуелните светски филмски хитови по најпристапни цени. Веќе од утре, на редовниот репертоар во Драчево се филмовите „Свадба” и „Оркански височини“, изјави Михаела Ѓорчева, основач на „Киноверзум“.

Овој проект е вистински пример за континуитет во спроведувањето на добрите идеи и плодна соработка, со оглед на тоа што иницијативата за негово отворање започна уште во мандатот на претходникот на Стаменкоска Трајкоска, сегашниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Со оваа реализација, Општина Кисела Вода ја потврдува својата посветеност на културната инфраструктура, правејќи ги Драчево и Кисела Вода нови културни епицентри достапни за сите жители.






Свет
Документите за Епстин се толку сериозни што би можеле да бидат злосторства против човештвото, предупредија експерти на ОН
Милиони досиеја поврзани со покојниот сексуален престапник Џефри Епстин укажуваат на глобална криминална мрежа што би можела да претставува злосторства против човештвото, предупредија експертите за човекови права на ОН.
„Се тврди дека злосторствата опишани во документите објавени од Министерството за правда на САД се извршени во контекст на супрематистички уверувања, расизам, корупција и екстремна мизогинија. Овие злосторства ја демонстрираат комодификацијата и дехуманизацијата на жените и девојчињата“, објави Ројтерс доцна вчера.
„Обемот, систематската природа и транснационалниот дострел на овие злосторства против жените и девојчињата се толку сериозни што некои од нив разумно би можеле да се сметаат дека го исполнуваат законскиот праг за злосторства против човештвото“, рекоа експертите во соопштението.
Досега се идентификувани повеќе од 1.200 жртви
Тие рекоа дека наводите во досиејата бараат независна, темелна и непристрасна истрага и треба да испитаат како можело да се дозволи ваквите злосторства да продолжат толку долго. Министерството за правда на САД не одговори веднаш на барањето за коментар.
Законот усвоен од Конгресот минатиот ноември со широка двопартиска поддршка бара сите досиеја поврзани со Епстин да бидат објавени. Експертите на ОН изразија загриженост за „сериозни пропусти во усогласеноста и редакциите“ што открија чувствителни информации за жртвите. Досега се идентификувани повеќе од 1.200 жртви во објавените документи.
„Неподготвеноста целосно да се откријат информации или да се прошират истрагите остави многу преживеани трауматизирани, изложени на она што тие го опишуваат како институционална манипулација“, соопшти ОН.
Бројни познати личности се поврзани со Епстин
Објавувањето на документите на Министерството за правда ги откри врските на Епстин со многу истакнати личности во политиката, финансиите, академијата и бизнисот, и пред и откако се изјасни за виновен во 2008 година за обвиненија за проституција, вклучително и проституција на малолетни девојчиња.
Епстин беше пронајден обесен во неговата затворска ќелија во 2019 година откако беше повторно уапсен по федерални обвиненија за сексуална експлоатација на малолетници. Неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.
Свет
(Видео) Најмалку десет скијачи исчезнаа во лавина во Калифорнија: започната е спасувачка операција
Најмалку 10 скијачи се водат како исчезнати, а шест други се заробени и чекаат спасување во услови на обилни снежни врнежи откако лавина погодила оддалечена патека во планините Сиера Невада во Калифорнија, соопштија властите.
Неколку часа по несреќата, додека е затворен автопатот во близина поради нулта видливост поради зимска бура, спасувачите сè уште не стигнале до местото на лавината, изјави капетан Расел Грин од канцеларијата на шерифот на округот Невада.
„Спасувањето ќе биде бавен и тежок процес бидејќи заканата од повеќе лавини останува многу висока“, изјави Грин за телевизиската станица KCRA-TV во Сакраменто.
Authorities are working to rescue six skiers who survived a backcountry avalanche Feb. 17, 2026 in Northern California, while 10 others remain unaccounted for. The group of 16 total skiers included four ski guides and 12 clients, the Nevada County Sheriff’s Office said in an… pic.twitter.com/xsjDyjAVVY
— The Sacramento Bee (@sacbee_news) February 18, 2026
Лавината ја погоди областа Касл Пик кај Траки, Калифорнија, околу 16 километри северно од езерото Тахо, околу 11:30 часот по пацифичко време, затрупувајќи група од 16 скијачи, според објавата на Фејсбук од канцеларијата на шерифот на округот Невада.
Групата се состоела од четири водичи и 12 клиенти. Најмалку шест лица преживеале и останале на местото на лавината чекајќи спасување, додека другите се водат како исчезнати, се вели во соопштението.
Инцидентот би можел да биде меѓу најсмртоносните поединечни лавини во историјата на Соединетите Американски Држави. Информативниот центар за лавини во Колорадо регистрираше шест смртни случаи во САД оваа сезона.
Според извештајот на центарот, лавините одзедоа просечно по 27 животи во САД секоја зима во текот на изминатата деценија.

