Топ
Претреси во Штип, пронајдени дрога и пиштол, приведен дилер
На 30.12.2023 околу 19.15 часот во Штип, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Штип го лишиле од слобода М.С.(41) од Штип. При претрес, извршен со судска наредба, во неговото возило и во канцеларијата што ја користи, во неговото возило биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја и предмети со остатоци од бела грутчеста материја.
Подоцна, при претрес во неговиот дом, извршен, исто така, со судска наредба, биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја, пиштол „Пјетро Берета“ со рамка со осум куршуми, 83 куршуми различен калибар, дигитална вага и други предмети со остатоци од бела грутчеста материја.
Лицето било задржано во полициска станица и за настанот бил известен јавен обвинител. По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против М.С. ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор за Васко Стефанов и уште седум лица, за Ковачевски кој не е во земјава судот определи мерки на претпазливост
Кривичниот суд донесе решенија со кои на осум лица им е определен притвор, во врска со полициската акција „Адитив“.
Меѓу осумте е и едниот од поранешните директори на ЕСМ, Васко Стефанов, додека за неговиот претходник, Васко Ковачевски, кој не е достапен за органите на прогонот и е на непозната дестинација, судот определи мерки на претпазливост.
Од Судот информираа: „За осомничените : В.С., П.С., М.С., М.Ј., Д.С., Н.С., Р.С. и П.М. судот го прифати предлогот на Основниот јавен обвинител и им определи мерки притвор во траење од 30 дена, заради постоење на опасност од бегство, влијание врз сведоци и околности дека може да го повтори делото“.
За осомничениот М.С. , имајќи ја предвид неговата возраст и преземените дејствија, судот му определи мерка куќен притвор.
За осомничените: Д.С., С.М., П.Ч., Д.С., А.М., З.Н., З.А., С.М., М.В., Д.Ч., В.М., Н.Н. и С.К., судот го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост односно одземање на патна исправа, обврска повремено да се јавува во судот, забрана за одржување и воспоставување контакти, како и т.7 за одредени лица односно Забрана за преземање на определени работни активности поврзани со кривичното дело
„Што се однесува до осомничениот В.К. кој, до овој момент не е лишен од слобода ниту е спроведен или се јавил во судот, до Основниот кривичен суд Скопје, надлежниот Јавен обвинител достави предлог за определување мерки за претпазливост, односно одземање на патна исправа, обврска повремено да се јавува во судот и забрана за одржување и воспоставување контакти, за кои судот дополнително ќе одлучува откако истиот ќе биде обезбеден од органите на прогон“, велат од Кривичниот суд.
Од тука појаснуваат во интерес на јавноста дека согласно Законските одредби судија на претходна постапка не може да определи построги мерки за обезбедување присуство од мерките кои ги предлага Јавниот обвинител.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Претходно денес, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека полицијата ќе стори сè што е рамките на нејзините надлежности Ковачевски да биде изведен пред лицето на правдата.
Во врска со акцијата, Тошковски рече дека се работи за луѓе на коишто им биле доверени високи државни функции од една страна, а од друга страна тие преку ноќ формирале фирми без вработени.
„Претходно се занимавале со продажба на канцелариски материјали, а наеднаш стануваат фирми што тргуваат со ваков тип адитиви и заработуваат милионски суми пари. Има и голем број докази дека она што е плаќано е најмалку трипати повеќе од реалната цена“, рече Тошковски.
Од Обвинителството соопштија дека дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“ создале група која имала за цел вршење на кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл. 273 од Кривичниот законик.
Шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, претходно брифираше дека поранешниот директор на ЕСМ и член на СДСМ, Васко Ковачевски не е дел од организираната група во која осомничените местеле тендери на свои блиски фирми и го оштетиле буџетот за 6,5 милиони евра.
Македонија
Ахмети не се откажува од Груби, вели дека ако се докаже вина, Артан самиот ќе се повлече од партијата бидејќи е совесен
Првиот човек на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, не планира да го отстрани од партијата свјот најблизиок соработник Артан Груби, кој се најде на црната листа на САД поради корупција.
Ахмети пред Уставниот суд во Скопје изјави дека Груби има право на жалба и ќе го води процесот насочен со факти, а тоа во оваа фаза не може да ѝ наштети на ДУИ ниту, пак, на неговото семејство.
Ако биде утврдена вина, Ахмети е сигурен дека Груби самиот ќе се повлече од партиските функции бидејќи е совесен и одговорен.
Стејт департментот на Соединетите Американски Држави воведе санкции против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и судијата на Апелациониот суд, Енвер Беџети, поради нивна вмешаност во корупција, а забрана за влез во САД добија и членовите на нивните семејства.
Македонија
Одложена одлуката за Законот за јазиците, Костадиновски уверува дека нема да дозволи судот да биде уценуван
Првин ќе се слушне мислењето на експертите, а потоа ќе се одлучува за Законот за употреба на јазиците. Уставниот суд денеска со пет гласа „за“ и еден „против“ одлучи првин да одржи подготвителна седница, на која ќе бидат повикани странки – и оние што го оспоруваат законот и оние што го поддржуваат, но, пред сè, експертите.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, пред новинарите изјави дека сведоци сме на непримерно и политичко насилство, влијание, притисоци и уцени врз Уставниот суд, што е резултат на едно фрапантно отсуство на елементарна политичка и уставна култура.
Тој уверува дека одлуката за законот ќе биде донесена за неколку месеци и нема да дозволи натамошни притисоци, уцени и закани.
„Секој што мисли дека владеењето на правото, правната држава, ќе ја попречат со политичко влијание и со манипулации, воопшто да не се трудат. Такво нешто нема да се случи“, рече Костадиновски додавајќи дека Уставниот суд е чувар на Уставот.
Тој целосно ги отфрла изјавите дека гласањето е етничко коментирајќи дека сите сме еднакви пред Уставот и законот, а тие се судии и одлуките треба да ги носат без оглед на националноста, социјалната положба, верата.
Законот за употреба на јазиците, по пет години од стапувањето во сила, беше прва точка на дневниот ред на седницата, која беше бојкотирана од судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, а набргу салата ја напушти и судијата Фатмир Скендер.
Венециската комисија претходно имаше забелешки за Законот за јазиците укажувајќи дека не е прецизно наведено кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои и за другите јазици на заедниците.
ДУИ од неделата протестира пред Уставниот суд, а владејачката коалиција од албанскиот блок „Вреди“ уверуваше дека албанскиот јазик не е загрозен.