Топ
Семејна драма во Прилеп, убиени малолетно дете и неговиот татко, напаѓачот си пресудил сам
Во семејна трагедија што се случи синоќа во прилепската населба Точила, животот го загубија три лица, меѓу кои и едно дете. Според досега достапни информации, случајот бил пријавен во попладневните часови, а во акцијата интервенирале и специјални полициски единици.
Според неофицијални извори, маж вооружен со огнено оружје во својот дом отворил оган врз членови на неговото потесно семејство. Напаѓачот прво ги застрелал својот внук и неговиот малолетен син, а по нападот наводно, сам си го одзел животот. Сè уште не се потврдени точните релации меѓу учесниците.
Од Министерството за внатрешни работи за сега не излегуваат со официјални детали за мотивите и текот на инцидентот, но потврдуваат дека полициски службеници извршиле увид на местото на настанот и дека е отворена истрага.
Очевидци велат дека ситуацијата била напната, а според првични информации, напаѓачот наводно користел и експлозивна направа, при што биле загрозени и други членови на семејството. Специјалните единици реагирале по дојава, а случајот завршил со смртта на напаѓачот кој си го одзел животот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Не го чепкајте Гренланд“: Масовни протести во Данска и Нуук против плановите на Трамп
Големи протести против најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд се очекуваат денеска во повеќе градови во Данска, вклучувајќи го Копенхаген, како и во гренландската престолнина Нуук.
Илјадници луѓе најавиле учество на протестите во Данска и на Гренланд, на иницијатива на неколку гренландски организации. Организаторите наведуваат дека целта е да се испрати јасна порака за почитување на демократијата и основните човекови права на Гренланд.
Протестите се организираат и поради присуството на делегација на американскиот Конгрес во Копенхаген, со намера гласот на Гренланѓаните да биде слушнат. Трамп и натаму тврди дека САД мора да воспостават контрола врз стратешки важниот арктички остров, повикувајќи се на руски и кинески интереси во регионот.
Неговиот советник Стивен Милер изјави дека Данска не може сама да го брани Гренланд, додавајќи дека САД не сакаат да трошат милијарди долари за негова одбрана без контрола врз територијата.
Протестите следуваат по неодамнешна средба во Вашингтон, на која данските власти признале дека во моментов нема простор за договор со САД за иднината на автономниот регион. Во меѓувреме, повеќе европски земји најавија распоредување воен персонал на Гренланд во рамки на данска вежба, организирана од сојузниците на НАТО.
Свет
Украинска делегација заминува во САД за појаснување на условите за можен мировен договор со Русија
Украинските преговарачи патуваат во Соединетите Американски Држави за да ги разјаснат условите за евентуален мировен договор со Русија, изјави претседателот Володимир Зеленски по забелешките на американскиот претседател Доналд Трамп дека Киев го попречува завршувањето на војната.
Украинскиот тим активно соработува со претставниците на американскиот претседател, „и покрај сè“, рече Зеленски на социјалните мрежи, додавајќи дека се планирани состаноци во наредните денови. Делегацијата ги вклучува секретарот на Советот за национална безбедност, Рустем Умеров, новиот шеф на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов и претставникот Дејвид Арахамија.
Киев се надева дека ќе има „поголема јасност во врска со документите што ги подготвивме со американската страна и по прашањето за одговорот на Русија на сите дипломатски напори“, напиша Зеленски на Телеграм. Украинскиот лидер неодамна објави дека билатералниот документ со САД за безбедносни гаранции за неговата земја е „90% подготвен“ за финализирање со Трамп.
Американската страна разговара и со Украина и европските сојузници, како и со Москва, но во моментов нема директни мировни преговори меѓу завојуваните земји, кои ги продолжуваат своите напади.
Фото: Depositphotos
Свет
Италијански министер ги исмева европските сили во Гренланд: „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“
Италија одби да се придружи на европската мисија во Гренланд, а министерот за одбрана на земјата, Гвидо Кросето, отворено ја исмеа иницијативата, додека тензиите меѓу Европа и САД растат поради намерата на американскиот претседател Доналд Трамп да го окупира арктичкиот остров.
„Гренланд. Се прашувам зошто. Патување?“, рече тој денес во Рим. „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“, рече Кросето за европската мисија.
Оваа недела, некои европски земји испратија мал број воени лица во Гренланд, покажувајќи солидарност со Данска, што италијанскиот министер за одбрана рече дека не го разбира.
Трамп сака да го преземе Гренланд затоа што вели дека го смета за клучен за безбедноста на САД поради неговата стратешка локација и големите минерални резерви.
Тој не ја исклучи ниту употребата на сила за негово заземање.
фото/Depositphotos

