Топ
Билјана Ивановска предложена за претседател на Антикорупциска комисија

Од седумте најдобро рангирани кандидати за Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска e предложена за претседател на Антикуропциска комисија. Како што образложи претседателот на Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски, таа иако немала најмногу бодови според рангирањето, била единствена од седумте која конкурирала за претседател, додека другите аплицирале само за членови.
За членови на комисијата се предложени Владимир Георгиев, Софка Пејовска-Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски и Шемши Салаи.
Со најмногу бодови на ранг-листата е Владимир Георгиев со 100 бода, кој досега бил државен советник во ДКСК, а веднаш по него со 98, 17 бодови е Пејовска-Дојчиновска, која во комисијата работела како генерален секретар.
Во текот на денот се очекува членовите да бидат избрани на пленарна седница во Собранието, а потоа и да се распишат претседателските избори.
Кандидатите за членови на ДКСК првпат беа интервјуирани јавно од страна на седумчлена комисија и со можност за поставување прашања од новинари и претставници од граѓанскиот сектор.
Изборот на новата антикорупциска комисија е со задоцнување од речиси цела година, по скандалот со патните трошоци поради кои седум члена од претходниот состав поднесоа оставки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уважена жалбата на Асмир Јахоски: излегува од притвор со парична гаранција

Апелациониот суд Скопје информира дека постапувајќи по кривичниот предмет KСЖ-406/25, на нејавна седница одржана на ден 06.05.2025 година, ја уважиl жалбата на осомничениот А.Ј од С.
„Решението на Основниот кривичен суд Скопје, го преиначи на начин што ја укина мерката притвор определена спрема осомничениот А. Ј. од С. со прифаќање гаранција во износ од 986.540,00 евра, во денарска противвредност од 60.672.235,00 денари, со ставање хипотека на недвижен имот во корист на Република Северна Македонија и износ од 72.000.000,00 денари готови пари, во корист на Република Северна Македонија.
Истовремено спрема осомничениот А. Ј. од С. се определени мерки на претпазливост:
– обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје, и
– привремено одземање на постојната патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа
При одлучувањето Судот го имаше предвид претходно прибавениот позитивен предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција.
Делот од гаранцијата понуден и прифатен во готови пари од 72.000.000,00 денари претставува паричен износ еднаков на претпоставената штета за која осомничениот се сомничи дека ја сторил во конкретниот кривично правен настан.
Вака донесената одлука со образложени причини за истата, ќе биде објавена во целост на веб страната на судот согласно со Законот за управување со движењето на предметите во судовите“, се истакнува во официјалното соопштение од судот.
Јахоски е дел од истрага против 13 лица и една фирма за злоупотреби и перење пари при набавка на мазут со сомнителен квалитет за државните електрани.
Претходно судот ја одби гаранцијата од еден милион евра во замена Јахоски да биде пуштен од притвор.
Македонија
Обвинение против вкупно 10 лица за злоупотреби во РЕК Битола

Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против 7 лица кои се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик со дејствија со кои на Буџетот на АД ЕСМ-Подружница РЕК Битола му предизвикале значителна имотна штета во износ од 178.370.319 денари. Обвинение е поднесено и за 3 службени лица од Бирото за јавни набавки, кои како соизвршители во кривично дело Несовесно работење во службата од член 353в став 4 од Кривичниот законик со пропуштање на должен надзор, очигледно несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности при вршење на управна контрола на постапката за јавна набавка.
Од обвинетите за злоупотреби, тројца се службени лица – членови на Стручната комисија со овластување да извршат евалуација на понудите на јавна набавка за избор на фирма за ископ на јаловина во РЕК Битола, кои спротивно на Законот за јавни набавки донеле одлука со која незаконито ја елиминирале понудата на еден економски оператор од понатамошна евалуација. Иако фирмата доставила доказ дека ги исполнува условите за техничка и професионална способност од тендерската документација, тие сепак ги оцениле ваквите докази како неприфатливи и ја отфрлиле понудата.
Тројца членови на Комисијата за јавни набавки за спроведување на отворена постапка за јавна набавка го прифатиле ваквото стручно мислење, иако спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и на електронската аукција поканиле само два други економски оператори кои имале понудено повисоки почетни цени од елиминираната фирма.
Обвинетиот директор на РЕК Битола го прифатил предлогот за избор на најповолна понуда содржан во Извештајот на Комисијата за спроведување на јавната набавка иако бил спротивен на одредбите од Законот за јавни набавки и на 03.10.2022 склучил договор за ископ на инвестициска откривка во Рудникот Брод Гнеотино со РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола во износ од 708.000.000 денари со ДДВ. Потоа, во септември 2023 година, директорот склучил и анекс кон договорот со кој вредноста на јавната набавка ја зголемил за дополнителни 20% односно за 120.000.000 денари, со што исто така постапил спротивно на Законот за јавните набавки, бидејќи претходно не извршил дополнителна анализа на исплатливост и не ги дообезбедил потребните парични средства кои според законските одредби требало да бидат обезбедени во целост пред склучување на договорот.
Службените лица од Бирото за јавни набавки, обвинети за несовесно работење, извршиле увид во целокупната документација поврзана со јавната набавка и требало да утврдат дека понудата на еден економски оператор е незаконски отфрлена, но тие пропуштиле тоа да го сторат и на договорниот орган противправно му дале инструкции да продолжи со постапката за јавна набавка и да го склучи договорот.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за одземање на противправно прибавената имотна корист од 178.370.319 денари која како резултат на сторените кривични дела од обвинетите била исплатена на правното лице ДПТУ РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола. Оваа имотна корист во текот на постапката, по барање на Основното јавно обвинителство Битола е предмет на привремена мерка за обезбедување имот и средствата се замрзнати на сметка до донесување пресуда.
Македонија
(Видео) Нови ценовни шокови за граѓаните, власта нема решение, обвини СДСМ

Граѓаните се соочуваат со нови ценовни шокови по маркетите и продавниците. Цените повторно се покачени по истекот на мерката за замрзнати маржи. Храната и производите кои и со замрзнатите маржи не беа достапни за граѓаните – денес се уште поскапи, обвини СДСМ.
„Маслото за јадење е покачено од 89 на 92 денари, млекото над 72 денари, покачени се цените на јајцата, месото, сирењето, соковите. Средствата за хигиена поскапеа дури и за 60 проценти. Граѓаните имаат се помалку пари во своите џебови. Ова е резултат на трајно погрешна економска политика на владата. Пропадна т.н. есенска кошничка. Пропадна новогодишната кошничка. Пропаднаа и замрзнатите маржи. Цените продолжуваат да растат. Стандардот тоне. Животот во Македонија станува се поскап, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, се мислат дали да платат сметки овој месец или да купат храна. Платите им се премали и не им стигнуваат ни до 15 ти во месецот“, изјави Лолита Ристова, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Според неа, синдикалната кошничка е покачена, за едно четиричлено семејство, потребни се најмалку 62.700 денари месечно.
„Ниту три минимални плати не го покриваат тој минимален износ. Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, за функционерите од власта има богато мени од манго и папаја. Власта нема слух и одбива да ги покачи платите, одбива да ја покачи минималната плата. Не прифаќа ниту еден од предлозите на СДСМ за: укинување на ДДВ за основните производи, за минимална плата од 500 евра, за зголемување на платите во приватниот сектор. Одбива буквално сè што доаѓа од СДСМ. Оваа инает политика е на директна штета по стандардот на народот. Не може во најголемиот буџет нема пари за повисоки плати за работниците. Не може власта да троши 6,5 милијарди евра а да не сака да се откаже од ДДВ за храна“, рече Ристова.
Таа бара власта веднаш да се откаже од, како што рече, штетните економски политики и да ги прифати предлозите на СДСМ кои ќе значат вистинско намалување на цените и покачување на платите.
„Само со укинување на ДДВ за храна ќе се намалат цените на 250 производи. Тоа го бара народот и тоа го заслужува. Граѓаните заслужуваат достоинствен живот, стандард и држава што стои зад нив кога им е најтешко“, изјави Ристова.