Култура
(Видео) Новиот министер за култура ќе ги продолжи реформите – се залага за култура за сите
Реформите во културата, како донесувањето на новиот закон за култура, новиот колективен договор за вработените во културата, како и другите проекти започнати од Роберт Алаѓозовски, кој до денеска раководеше со овој ресор, ќе бидат продолжени од новиот министер за култура Асаф Адеми. Тие се согласиле за приоритетите во културата и заложбите на Македонија на патот кон евроинтеграциите.
На примопредавањето на должноста министерот Адеми најпрвин се обрати на албански јазик, а потоа на македонски. Нагласи дека ќе биде министер за сите граѓани на Македонија независно од нивната етничка припадност и ќе го негува унитарниот карактер на културната политика.
„Со Алаѓозовски се согласивме дека треба да продолжат започнатите реформи во културата. Ќе се заложам за транспарентна соработка со сите од култирната дејност и ќе ја негувам политиката за култра за сите граѓани еднакво. Ние сме на одличен пат кон евроинтеграциите и културата има многу важна улога на тој пат“, рече Адеми.
Според Алаѓозовски, промената е направена со политики на континуитет и на некој начин ова е штафетно предавање на функцијата, а започнатите проекти што треба да ја вратат во форма девастираната култура ќе продолжат.
„Како што веќе знаете, станува збор за коалициски политички договор и смената во ресорот ќе биде само продолжување на започнатите стратегии во културата. Во разговорот со новиот министер, се согласивме дека треба да продолѓи континуитетот за соработка со културата од граќанскиот сектор и заложбите за култура за сите“, рече Алаѓозовски.
Соработката меѓу стариот и новиот министер ќе продолжи со оглед на новата владина функција на Алаѓозовски што е тесно врзана со културата. Со владин предлог, по објавата во „Службен весник“, Алаѓозовски ќе биде именуван за национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка.
Министерот Адеми по професија е градежен инженер и доаѓа од редовите на владиниот коалициски партнер Беса.
А. Василевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

