Топ
Озлогласен криминалец од тетовско Ларце убиен во престрелка со полицијата
Во полициска акција во селото Ларце, денеска во раните утрински часови бил застрелан 38-годишен жител на тетовското село кого го барале со меѓународна и централни потерници за издржување казна затвор во траење од 26 години и 10 месеци. Разбојникот се противел на апсењето и отворил оган кон полициските екипи, а во еден момент фрлил и бомба кон нив.
Како што информираат од МВР, станува збор за лице против кое во периодот од 2000 до 2016 година до ОЈО Тетово и ОЈО Скопје се поднесени шест кривични пријави за сторени 16 тешки форми на кривични дела, меѓу кои и убиство, убиство во обид, грабнување, противправно лишување од слобода, недозволено држење оружје или распрскувачки материи, како и кривични дела тешка кражба, разбојничка кражба, одземање моторно возило, тешка телесна повреда и учество во тепачка.
Во периодот кога 38-годишниот Ј.Р. се наоѓал во бегство, тој во четири наврати избегнувал апсење, така што давал активен отпор кон полицијата со употреба на разни видови оружје. Со оглед на безбедносните процени дека разбојникот претставува безбедносна и сериозна закана за животот на граѓаните и за полициските службеници, подготвен бил посебен план за негово апсење и приведување.
Рано утрово од својата куќа во селото Ларце тој фрлил рачна бомба кон полициските службеници, а потоа се дал во бегство, облечен во панцирен елек, вооружен со автоматска пушка со три рамки со куршуми за автоматска пушка, со карабин, пиштол „ТТ 7.62“ со рамка со куршуми и четири рачни бомби.
При повторниот обид за негово апсење на 200 метри од неговата куќа лицето повторно отворило оган кон полицајците, притоа повторно обидувајќи се да фрли и рачна бомба кон нив по што било возвратено од страна на полициските сили и разбојникот бил убиен на самото место.
На местото на настанот во тек е увид од јавен обвинител од ОЈО Тетово, екипа од СВР Тетово, лекар по судска медицина и стручни служби од Министерството за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кинескиот претседател со предупредување до Блинкен: „Вашингтон едно кажува друго прави“
„Вашингтон мора да престане „да кажува едно, а да прави друго“, како и да престане да го третира Пекинг како непријател, изјави кинескиот претседател Шји Џјинпинг на средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, пренесува „Политико“.
„Нашите земји, мора да бидат верни на нивните зборови. Мора да си помагаме да напредуваме, а не да си наштетуваме“, рече кинескиот претседател кого Џо Бајден не еднаш го нарече „диктатор“, пренесува медиумот.
Покрај тоа, Џјинпинг истакна дека има многу отворени прашања меѓу Кина и Соединетите Американски Држави кои бараат решавање.
Пекинг е иритиран од обидите на Вашингтон да го зајакне својот сојуз со Јапонија и Филипините, да обезбеди воена поддршка на Тајван и да го ограничи пристапот на Кина до напредните полупроводнички технологии.
Сепак, и покрај зголемените противречности, Блинкен ја уверил кинеската страна дека САД се посветени на развивање на односите „за добробит на двата народа“, пишува „Политико“.
Македонија
„Не е законски да не е осигурана Клиниката, за тоа треба да преземе одговорност менаџментот“, кажа Демири
Министерот за здравство Илир Демири кажа дека штетата на Токсикологија е покриена, откако имаше хаварија со цевката за парно.
„Клиничкиот центар има заеднички служби кои се наменети за тоа, тоа им е примамрна обврска да се грижат за Клинички центар и за сите хаварии што можат да се случат. Хаваријата со цевката за парно е санирана уште вчера од страна на заеднички служби“, рече Демири.
Дали е потпишан договор или не, тоа се интерни договори на Клиниките кои морам да ги проверам, додаде министерот.
Во однос на болничарот кој требаше да биде суспендиран, Демири кажа дека има една голема неправда направена на Токсикологија, а тоа е необезбедување на согласност од страна на менаџментот на таа институција за обезбедување договори за 18 вработени кои се дел од медицинските процедури, кои веќе 4 месеци служат на таа институција, а не добиваат никаква економска надокнада.
„Во тек е изборна кампања, не сакам да се прекрши ниту една законска процедура, чекам да дојде извештајот на Инспекцискиот надзор кој ги има обврзано во тек на 5 дена менаџментот да најде решание за 18 луѓе кои работат, а не добиваат надокнада. Не е законски да не е осигурана Клиниката, за тоа треба да преземе одговорност менаџментот“, кажа Демири.
На новинарско прашање, министерот одговори дека економската директорка оди на работа и не се паркира на влезот на Клиниката.
„Не се точни наводите дека доаѓала на работа по четири саати, според моите сознанија“, додаде Демири
Македонија
„Не е точно дека со ДУИ подготвуваме сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори“, кажа Ковачевски
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски кажа дека не е точно дека подготвуваат со ДУИ сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори на 8 мај.
„Тоа не е точно, јас вчера имав многу јасна порака на митинзите во Сарај и Чучер Сандево. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Да избереме и претседател и парламентарен состав, Македонија да продолжи на својот пат на европските инетеграции“, рече Ковачесвки.
Тој кажа дека никој не ги има гласачите под своја контрола за да ги наведува како да гласаат.
„Ја примивме пораката во првиот круг за сите грешки кои ги направивме минатите седум години. Очекуваме да ја добиеме поддршката во вториот круг. Нормално е дека нашето членство го повикавме на изборите. Свесни сме дека граѓаните испратија јасна порака до СДСМ, дека граѓаните укажаа на грешките. Работевме во услови на голема пандемија, енергетска и економска криза предизвикани од војната во Украина. Свесен сум за нивото на инфлација и цените. Се обидовме да ги зголемиме и платите и пензиите секој да се справи на најдобар начин со оваа криза. Знам дека тоа не беше доволно, знам дека треба повеќе. Во новата програма имаме и зголемување на платите и на пензиите и секако многу јасни мерки во однос на владеење на правото и борбата против корупцијата“, кажа Ковачевски.
Тој очекува во вториот круг поддршка од сите граѓани во Македонија.
Ковачевски кажа дека Пендаровски е граѓански кандидат и ја бара поддршката од граѓаните, а не од претседателските кандидат коишто не се пласирале во вториот круг.
„Имаме разговори со политичките партии на различни нивоа и ги повикувам сите да имаме масовна излезност на 8 мај. Да избереме претседател на државата со којшто ќе имаме сигурна европска иднина и да избереме парламент што ќе носи храбри одлуки за државата, за да го дадеме на граѓаните она што го заслужуваат и очекуваат“, рече лидерот на СДСМ.
Тој додаде дека со крената глава продолжуваат во вториот круг и знае од што се незадоволни граѓните.