Истражувања
(ВИДЕО) Пругата кон Бугарија се гради еден и пол век
Уште 900 милиони евра и голема посветеност на Владата се потребни за да стане реалност Коридорот 8, односно железничката пруга која Македонија ќе ја поврзе со Црно Море на исток и со Јадранско Море на запад. Пругата се гради неверојатни еден и пол век, период во кој на трасата на Коридор 8 се испречувале војни, преврати и политички притисоци кои ја пролонгирале изградбата. Последните најави на Владата за придвижување на градежните активности за изградба на пругата скопјани ги искоментираа како подеднакво недостижни како и влезот во ЕУ. „Знаете кога ќе влеземе во ЕУ? Кога ќе биде готова пругата Паланка – бугарска граница!“, пишуваат на социјалните мрежи и покрај уверувањата од властите дека следната година интензивно ќе се работи на пругата.
Коридорот 8 во Македонија се состои од три дела. Источен дел – од Куманово до границата со Бугарија во должина од 90 километри, кој не е изграден, делот кој сега функционира помеѓу Куманово и Кичево, кој е околу 150 километри, и западен дел – од Кичево до границата со Албанија во должина од 66 километри, кој исто така не е изграден.
Последниот рок за комплетирање и проточност на Коридорот 8 е 2025 година, но само доколку оваа влада ја постави железницата како приоритет, смета Петар Спасовски, помошник-директор за електротехнички постројки во Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“. Според Спасовски, се покажало дека судбината на Коридорот 8 е зависна од политиката.
„За Коридорот 8 се зборува многу одамна. За првпат таа траса е проектирана и ставена на хартија уште во 1869 година, тоа значи приближно еден и пол век. Многупати од тогаш пругата почнувала да се гради, меѓутоа сите обиди биле неуспешни. Интересно е што секогаш кога требало да се почне да се гради делот во Македонија, бидејќи целата траса поминува и низ Бугарија и низ Албанија, каде што веќе има изградено пруга, во делот низ Македонија се случувале некои збиднувања, дали тоа биле војни, преврати, промени на влади и така натаму, па досега не се изградил Коридорот 8 низ Македонија“, изјави за „Макфакс“ помошник-директорот Спасовски.
Според историјатот на пан-европскиот Коридор 8, првата идеја за градење транс-балканска рута Цариград- Одрин-Пловдив- Софија-Ќустендил-Ѓуешево-Куманово-Скопје-Приштина, а од тука преку Босна и Хрватска до Виена, датира од 1869 година. Железницата била основана во 1870 година со цел изградба на линија од Истанбул до Виена, но првата пречка се појавила во 1875 година кога работите биле забавени поради османлиската финансиска криза. По Санстефанскиот договор од март 1878 година, Македонија била вклучена во Кнежевството Бугарија, но по Берлинскиот конгрес во летото 1878 година била вратена во Турција поради што двете земји морале да преговараат за делот на пругата во Македонија. По многу одлагање, во Виена во декември 1882 година четирикратниот комитет Австро-Унгарија, Србија, Бугарија и Отоманската Империја конечно се состанува и потпишува договор во мај 1883 година со кој се менува јужната патна линија низ Македонија со директен пат низ Србија. Во 1897 година, по исклучувањето на Македонија, Бугарија повторно почнала со преговори за пруга низ Македонија, кои продолжиле во 1899, 1904 и 1907 година, во 1908 година и по Младотурската револуција. Договор бил постигнат во 1912 година, но избувнувањето на Балканските војни ги прекинало сите активности. Во меѓувреме Бугарија почнала со изградба на пруга на своја територија. 1893 почнала изградбата на пругата од Софија до Перник, 1909 година изградбата стигнала до Ќустендил, а во 1910 година до граничната станица Ѓуешево.
Во текот на Првата светска војна, во 1914 година, по формирањето на Бугарската државна железница (БДЖ) во Скопје, веднаш почнува да се планира поврзување на Ѓуешево – Крива Паланка – Куманово, но поради недостиг на персонал, материјали и време, изградбата никогаш не почнала.
Со почнување на Втората светска војна, во јуни 1941 година Македонија е доделена на БДЖ за организирање, работење и управување со железничките пруги. Во јануари 1942 година Дирекцијата за изградба на нови железнички линии на БДЖ отворила градежен дел во Крива Паланка со што почнала изградбата на најтешкиот дел од пругата Ѓуешево – Крива Паланка, со завршување на војната престанала и изградбата на оваа пруга.
Следниот обид е во 1994 година, кога самостојна Република Македонија со буџетски средства повторно почнува изградба на пругата кон Бугарија. Ангажирани биле најголемите градежни компании во државата, „Гранит“, „Бетон“, „Илинден“ и „Маврово“, кои по десет години, во 2004 година целосно ја сопреле изградбата поради политички и економски проблеми во државата.
Дваесет години подоцна, во 2014 година, кога со кредит од ЕБРД германската компанија „Вибе“ го направи најголемото поместување на градежните работи за оваа пруга. Почна да ја гради делницата Куманово – Бељаковце во должина од 30 километри, а изградбата требаше да заврши во 2016 година. Рокот е пробиен поради поради проблеми со експропријацијата, а новите прогнози се дека овој дел од пругата ќе биде готов следната година.
„Тој дел е веќе во завршна фаза и очекуваме во 2019 година да ја завршиме таа делница. Работиме да го одбереме изведувачот на втората делница, помеѓу Бељаковце и Крива Паланка, во должина од 36 километри каде што имаме обезбедени финансиски средства од 145 милиони евра, исто така преку кредит од ЕБРД. Веќе се изработени проектите за третата делница, а тоа е помеѓу Крива Паланка и границата со Бугарија, односно Деве Баир. Оваа делница иако е најмала од трите од источниот дел, има должина од 23 километри, сепак е најскапа и таа приближно ќе чини околу 350 милиони евра. Целата траса е планинска, има вијадукти, мостови, тунели и поради тоа изградбата на тој планински терен е тешка. Очекуваме следната година и таму да го објавиме тендерот, за да може да ја забрзаме постапката. Таму треба да се одбере фирма што ќе ги изведува работите за да можеме паралелно да работиме на двете делници, и на втората и на третата, и во 2023 година да се спои источниот дел со пругата во Бугарија“, вели помошник-директорот Спасовски.
Последна фаза од изградбата на Коридор 8, Спасовски вели дека ќе биде делот од Кичево до Лин, за кој се потребни уште 550 милиони евра. Проектите се готови и предвидуваат експропријација, поради што од МЖ велат дека ќе им требаат две години за подготовка за градење. Крајниот рок за комплетирање на Коридор 8 е 2025 година, доколку не се појават непредвидени работи.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, минатата недела претставувајќи го буџетот за 2019 година рече дека дел од средствата се обезбедени.
„За третата делница имаме обезбедено 60 милиони евра грант-средства, исто како и за втората 70 милиони од страна на ЕУ. Министерството за финансии работи на обезбедување финансии, очекуваме, исто така во најбрз период, комплетно да биде обезбедено финансирањето“, рече министерот Сугарески.
За пругата кон Бугарија и за модернизација на Коридор 10 во буџетот за 2019 година се предвидени вкупно 54 милиони евра. Помошник-директорот Спасовски, пак, вели дека за завршување на Коридор 8 се потребни многу повеќе пари.
„Досега се потрошени 180 милиони евра, а ни требаат уште 900 милиони евра, тоа значи 550 за западниот дел и 350 милиони за источниот дел. Доколку Владата на Република Македонија овој проект го стави во приоритетни и како проект што ѝ е неопходно потребен на Македонија, доколку се обезбедат финансиски средства, а тоа е во ингеренции на Владата на Република Македонија, нормално со голема помош и од јавното претпријатие МЖ – инфраструктура, можно е тој проект да се заврши 2025 година“, вели Спасовски.
Монтажа: Вероника Коцева
Камера: Адем Маровци
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Истражувања
(Видео) Нафтениот тајкун и пратеник од ДУИ, Јахоски, му ја продал куќата на Таравари во Тафталиџе, комшии му се министри и бизнисмени
Куќата во скопско Тафталиџе на Арбен Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар и лидер на Алијансата за Албанците, по цена далеку пониска од пазарната му ја продал пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, кој пет мандати беше градоначалник на Пласница и чие семејство е сопственик на „Пуцко петрол“. „Макфакс“ дојде до официјалниот документ, кој покажува дека последниот сопственик на куќата во Тафталиџе пред Таравари да ја купи бил пратеникот Јахоски заедно со сопругата Љупка-Еда Јахоска.
Со купувањето на куќата, Таравари во соседството е опкружен со видни бизнисмени, но и политичари од партијата ДУИ. На неколку чекори од неговиот двор живее министерот за финансии, Фатмир Бесими. На истата улица кај Бесими куќа има и бизнисменот Фатмир Етеми, кој е поранешен пратеник од ПДПА, кој изгради деветкатница кај „Мајчин дом“ во Аеродром.
Иако му ја продаде куќата, семејството Јахоски останува прв сосед на Таравари оти Љупка-Еда Јахоска, според податоците од Катастарот, е сопственичка на соседната парцела.
Историјатот од Катастарот покажува дека Јахоска во 2013 станала сопственичка на куќата што денес ја поседува Таравари. Делела по една половина со Иса Јаоски. Во 2017 година делот од Иса Јаоски како дар го добил пратеникот Јахоски. По четири години, во 2021 година, врз основа на договор за купопродажба како сопственик е внесен Таравари.
Според анкетниот лист пријавен во Државната комисија за спречување корупција, Таравари за квадратен метар платил 576,5 евра, иако пазарната цена за квадрат надминува 1.500 евра и сега и во 2021 година кога била направена купопродажбата. Извештаите на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека и во 2019 година, две години пред Таравари да ја купи куќата, просечната цена на квадрат во Скопје била 1.000 евра, а од тогаш наваму цените се во постојан пораст.
Таравари за „Макфакс“, сепак, тврди дека платил реална цена за куќата и не даде никаков коментар на обвинувањата за партиски пазар и сомнеж за корупција.
„Куќата е купена во јуни 2021 година со комплетно уредна документација. Пријавена е во анкетниот лист уште 2021 година, а според состојбата во која беше купена куќата во 2021 година, таа ѝ е реалната цена за тоа време. Инаку, цените на становите и куќите сега и пред две години се разликуваат“, рече Таравари.
Пратеникот од ДУИ, Јахоски, не одговори на прашањата од „Макфакс“ зошто му направил попуст на Таравари и со тоа оставил простор за сомнеж за корупција и политички пазар, како што обвинува опозицијата.
„На седница сум“, рече пратеникот, кој самиот се јави во „Макфакс“ оти, како што рече, му стигнала празна порака, но спушти слушалка кога ги слушна прашањата што му беа испратени во пораката. Рече дека има обичен телефон и не гледа прашања, а не одговори ниту на прашањата испратени по имејл.
Таравари, истовремено, со купувањето на куќата за која навел дека вреди 150 илјади евра, во анкетниот лист пријавил и кредит од 100 илјади евра.
Државната комисија за спречување корупција ги истражува сите наводи во анкетниот лист на Таравари, вклучително и цената на куќата.
„Имаме предмет за Таравари, но сè уште се работи и во овој момент немаме исход што би можел да се соопшти“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, за „Макфакс“.
Управата за финансиска полиција, пак, како најповикана институција за следење на патот на парите и откривање криминал во функционерските кругови, една недела не одговара на прашањата од „Макфакс“ за цената што Таравари ја платил за куќата по јавно искажаните сомнежи за корупција ниту, пак, извести дали на кој било начин оформиле предмет за овој случај. Новиот директор на Управата, Горан Иванов, не контактира со медиумите, освен во случаи кога Управата преку соопштение, еднострано, ѝ се обраќа на јавноста. За случајот на Таравари, досега од оваа институција немаше соопштение.
Истражувања
Разрешена директорка зела плата и го возела службениот автомобил
Ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, и разрешена зела плата, го возела службениот автомобил и потпишувала документи, а нејзините колеги сведочат и дека заминала на обука во Италија за која си зела и дневници. Инспекторатот сега судски бара ексдиректорката да врати 26.832 денари, што ѝ биле префрлени како плата по разрешувањето, а откако ќе ја добие пресудата за платата, ќе поведе постапка и за сите останати трошоци што ги направила во периодот по одлуката на Владата.
„Владата ја разреши Јованчева на 15 мај 2018 година, без образложение, со назнака дека одлуката стапува на сила веднаш, но таа си остана на функцијата до јуни. Место само за 15 дена од мај, таа си потпиша плата за цел месец. Одвреме-навреме доаѓаше и на работа. Кога ја прашавме зошто доаѓа и по одлуката на Владата, таа кажуваше дека чека официјално известување“, велат вработени во Инспекторатот кои сакаа да останат анонимни.
Инспекторатот бил без директор до август 2018 година кога Владата го назначила Зоран Маџовски за в.д. директор, но по само две недели го разрешила и него и за в.д. директор е назначен Сали Ајдини, кој сè уште е на функцијата. Со негов потпис, Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата. Со истиот допис ја известиле ексдиректорката дека ако не ги врати парите, ќе почнат судска постапка.
Јованчева им одговорила дека барањето им е неосновано, па Инспекторатот побарал милење од Државното правобранителство. Правобранителството го прифатило барањето и го известило Инспекторатот дека случајот е испратен за постапување до Државното правобранителство во Штип, надлежно да постапува доколку е потребно да биде поведена судска постапка.
„Правобранителството нè извести дека подготвително рочиште за предметот е закажано за во март годинава. Нашиот став е дека поранешната директорка треба да ги врати парите за половина месец оти одлуката на Влада за нејзино разрешување стапи на сила веднаш и таа беше одјавена од социјално осигурување“, изјави директорот Ајдини за „Макфакс“.
„Макфакс“ ја контактираше ексдиректорката Јованчева, но таа не сакаше да зборува за случајот.
Владата, која ја назначи и ја разреши Јованчева, не одговори на прашањата кое е образложението за нејзиното разрешување и зошто постојано дозволуваат Инспекторатот да е без директор.
„Во однос на кадровските прашања во Владата на Република Македонија, има комисија за кадровски прашања, која за секое лице поединечно ги проверува содржините на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, со потврдата за исполнување на условите за именување, Владата ги именува истите“, е коментарот на Владата како одговор на прашањата за смената на Јованчева.
Владата ја назначи за директорка Јованчева на 26 јануари 2018 година откако Инспекторатот беше три месеци без директор, оти дотогашниот стана градоначалник, а вработените беа без плата. Една од првите обврски на Јованчева беше потпишувањето на платата.
Истражувања
(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница
Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.
Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.
Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.
Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.
„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.
Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.
„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.
Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.
Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.
„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.