Македонија
(Видео) Трипуновски: Одговорност од Ковачевски и УХМР, за нефункционалниот милионски договор за спречување на непогоди
Секоја година, од 2020-та до денес владата преку УХМР плаќа над еден милион евра за набавка на услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани. Секоја година и покрај дадените еден милион евра народни пари ни се случуваат природни непогоди и штети од град низ целата држава, а тоа во текот на вчерашниот ден беше случај со Скопје и скопско поле, обвини Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.
„ Договорот кој секоја година, три пати до сега го склучува УХМР со Аероклуб Скопје и секоја година, преку буџетот се исплаќаат над еден милион евра народни пари. Овој договор доколку се почитува, ќе превенира секакви непогоди, и нема да дозволи енормни штети, како што беше случај во текот на вчерашниот ден.
Во договорот јасно е наведено дека УХМР е должна да ја одржува исправноста на радарските центри во Ѓуриште и Тополчани во период од 05.05.2022 година до 04.11.2022 година. И дополнително секој ден најкасно до 11 часот да достави Билтен за временската состојба и прогноза на времето за тековниот ден, и истите да ги достави по меил до одговорното лице на давателот на услугата за спроведување на одбрана од град“ изјави Трипуновски.
Од друга страна, како што додаде тој, Аероклубот Скопје се обврзува најкасно до почетокот на противградобијната сезона да инсталира Автоматски агрегати и УПС уреди на Радарските центри во Ѓуриште и Тополчани за непрекината работа на радарите. И истовремено неговите авиони да бидат спремни за полетување максимум 1 час после известувањето од дежурниот на радарскиот центар за можна појава на нестабилност во текот на денот, објасни Трипуновски.
Тој побара Ковачевски и УХМР да одговорат, дали нивните радарски центри го детектирале невремето и го известиле носителот на набавката за засејување на облаците, со цел истиот да ја превенира големата катастрофа која што се случи во текот на вчерашниот ден?
„ Доколку не го известиле носителот на набавката со цел да изврши превенција, очекуваме веднаш оставка од директорот на УХМР и Ковачевски како премиер, а потоа и кривична одговорност за истите. Доколку пак е известен и не постапил, ЈО веднаш да пристапи кон негово приведување и отворање на постапка. Зошто вчера од целосната катастрофа Скопје го спаси само навремената реакција на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“ рече Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.

