Топ
Во денови на жалост ечела музика во угостителски објекти во Центар, приведени се двајца

Полицијата лишила од слобода две одговорни лица во угостителски објекти на подрачјето на Центар затоа што пуштале музика и не ја почитувале одлуката на Владата за седумдневна жалост.
Лишени се од слобода Ф.А.(26) од скопско и В.В.(22) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 387 од Кривичниот законик.
– Во текот на вчерашниот ден во угостителски објекти каде тие се одговорни лица била пуштена музика односно не била почитувана одлуката на Владата за седумдневна жалост. Веднаш е постапено од страна на полициските службеници на СВР Скопје и одговорните лица се лишени од слобода, а по документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни пријави во врска со чл. 387 од КЗ, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Остра расправа во Уставниот суд: ДИК правилно постапила, независните можат со два потписа да учествуваат на изборите

Правилникот на Државната изборна комисија кој дозволува учество на независните кандидати на изборите со само два потписа е основан и е еден од начините на кои се пополнува првана празнина, извести денес претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. По плодна и на моменти, како што рече претседателот Костадиновски, остра расправа, уставните судии одлучија да не поведат постапка за Правилникот.
Иако право и должност на законодавецеот е да ги почитува одлуките на Уставниот суд и да ги пополнува правните празнини, и неговото непостапување е значајно и кажува многу, објасни претседателот Костадиновски. Во услови кога законодавецот не ја пополнил празнината, ДИК, како институција е обврзана да ги почитува одлуките на Уставниот суд, а со новиот Правилник го направила токму тоа.
Правниот вакуум се појави откога во мај годинава Уставниот суд го укина правилото независните да соберат најмалку 1 % потписи од запишаните избирачи, роковите за локалните избори се приближија, а Собранието не усвои нови правила. Минатиот месец ДИК донесе нов Правилник во кој предвиде досега најлиберален начин за независна кандидатура, со само два потребни потписа, а Здружението „Светски македонски конгрес“ го оспори. Здружението во иницијативата до Уставниот суд наведе дека ДИК со носењето на Правилникот постапила надвор од своите овластувања и со подзаконски акт пропишала правила за учество на независните кандидати иако изборните рокови беа во тек.
Македонија
Ново обвинение за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за светлата во Црн Дрим

Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против градоначалникот Рамиз Мерко, за злоупотреба на службена положба.
„Осомничениот, во временскиот период од 01.04.2021 до 27.06.2022 година, како службено лице – градоначалник на Општина Струга, ги пречекорил границите на своите службени овластувања и склучил договор за изведување на осветлувањето на дел од речното корито на Црн Дрим, без претходно да обезбеди водостопанска согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање. Со тоа овозможил на избраната фирма-изведувач да постави светлосни тела во водите на реката во должина од по 900 метри од двете страни на коритото, иако обвинителството во текот на постапката презеде повеќе дејствија и обезбеди вештачење согласно кое таквата инсталација од 300 светлински арматури негативно влијаела на режимот на водите, морфологијата на водното тло и хидро-биолошкиот систем во реката. За изведба на проектот на правно лице од струшкото село Мислодежда му биле исплатени 6.763.722 денари и за тој износ бил оштетен буџетот на Општина Струга“, информираа од Обвинителството.
Македонија
Увидот во Трубарево отежнат поради затрупувањето на локацијата, се вршат и дополнителни мерења на загадувањето

Скопското обвинителство и увидни екипи на МВР денеска извршија увид на лице место по настанатиот пожар во Трубарево.
Увидните дејствија, како што информират од Обвинителството, се преземаа како во однос на настанувањето на пожарот, така и во однос на складирањето на отпадот на предметната локација. Извршено било фотографирање и дронско снимање на локацијата.
„Со оглед на затрупувањето на локацијата од безбедносни причини, увидните дејствија на терен се отежнати. По наредба на јавен обвинител, локацијата ќе остане обезбедена и во наредниот период за потребите на постапката. Таму ќе продолжат да се вршат дополнителни мерења на загадувањето од Министерството за животна средина, а на терен ќе излезе и вешто лице од областа на екологијата“, велат од Обвинителството.
Исто така, се уште на лице место е стационирана и противпожарна екипа, бидејќи на дел од локацијата и понатаму се јавуваат повремени чадења и постои опасност од ново разгорување. Обвинителството и истражните органи продолжуваат да преземаат и други дејствија за целосно испитување на настанот.