Топ
Голема полициска акција: апсења и претреси во Неготино, Кавадарци, Битола и во Охрид

Управата за финансиска полиција со асистенција на единиците од МВР, а под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, денес, во раните утрински часови, на повеќе локации во Неготино, Кавадарци, Битола и во Охрид извршува претреси и се приведуваат осомничени лица.
Како што соопштуваат од таму, акцијата е резултат на повеќемесечна предистражна постапка од економски криминал со кодно име „Синџир“ за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството, што Управата за финансиска полиција ја спроведе со Обвинителството и истражители од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Надлежните со препораки до граѓаните поради најавата за температури до 39 степени во периодот до 13 август

Министерството за здравство информира дека според најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои на некои места ќе достигнат и до 39 степени Целзиусови.
Поради тоа, Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлотен удар: престој во разладени простории, внесување на доволно течности, избегнување на алкохол и засладени пијалаци, носење лесна и светла облека, како и ограничување на физичката активност во најтоплите часови.
Особено внимание треба да се посвети на ризичните групи — деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени.
Во случај на појава на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш треба да се побара медицинска помош.
Министерството ја следи состојбата и ќе постапува според потребите.
Според најавата на УХМР, времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северероисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 30 до 37 степени.
Македонија
Четири различни цени за паркинг во Клинички, просторот ќе се прошири двојно

Министерот за здравство, Азир Алиу, информира дека во Клиничкиот центар ќе има четири различни влезови со различни ценовници за паркирање – бесплатен за онколошки пациенти, поевтин за пациенти со упат, поскап за вработените и најскап за граѓаните кои доаѓаат по други причини. Договорот за управување со паркингот ќе го потпише Министерството со ЈП Градски паркинг.
Се најавува и оптимизација на паркинг просторот, со дупло повеќе места и дополнителни влезови, вклучувајќи и еден кај Кардиологија. Ќе се воведе 24-часовен мониторинг со камери и нов систем за следење на плаќањето и активностите. Доколку оптимизацијата не биде доволна, ќе се размислува за изградба на катна гаража.
Свет
Израел се подготвува за целосна окупација на Појасот Газа

Израелскиот безбедносен кабинет го одобри планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за преземање воена контрола над Газа, што претставува нова голема ескалација во војната. Одлуката беше донесена по состанок кој траеше длабоко во ноќта, а со неа се потврдува дека за завршување на конфликтот е потребно „целосно безбедносно преземање на Појасот Газа“, пишува „Скај њуз“.
Пред состанокот, Нетанјаху во интервју за „Фокс њуз“ го потврди намерите на Израел. На прашањето дали Израел „ќе ја преземе контролата над целата Газа“, одговори: „Имаме намера, за да ја обезбедиме нашата безбедност, да го отстраниме Хамас таму и да го ослободиме населението на Газа.“ Додаде дека Израел не сака да ја задржи територијалната контрола, туку да воспостави безбедносен појас и власта да ја предаде на арапски сили кои ќе управуваат правилно.
По состанокот, од кабинетот на израелскиот премиер беше соопштено дека Израелските одбранбени сили (ИДФ) ќе се подготвуваат за преземање на контролата над градот Газа, додека истовремено ќе се дистрибуира хуманитарна помош до цивилите надвор од зоните на борба. Безбедносниот кабинет усвои пет принципи за завршување на војната: разоружување на Хамас, враќање на сите заложници, демилитаризација на Газа, израелска безбедносна контрола над Појасот и воспоставување алтернативна цивилна власт која не е ниту Хамас ниту Палестинската самоуправа.
Овој план наиде на остри критики, вклучително и од семејствата на заложниците кои ги држи Хамас. Аинав Зангаукер, мајка на заложникот Матан Зангаукер, изјави дека Нетанјаху ѝ ветил работа на договор за ослободување. „Некој што зборува за сеопфатен договор не оди да ја освојува Газа и да ги загрозува заложниците и војниците“, напиша на социјалната мрежа X, додавајќи: „Нетанјаху и неговите партнери се подготвуваат да го осудат на смрт.“
Според извештаите од израелските медиуми, началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, исто така предупредил против окупација на Газа, наведувајќи дека тоа би ги загрозило заложниците и дополнително би ја оптоварило армијата. Од меѓународната страна, јордански официјален претставник порача дека Арапите „ќе го поддржат само она што Палестинците ќе го договорат и одлучат“ и дека „нема да се согласат со политиката на Нетанјаху ниту ќе ги чистат неговите нереди“.
Џина Аберкромби-Винстенли, поранешна претседателка на Советот за политика за Блискиот исток, изјави за Sky News дека „многу малку луѓе“ веруваат дека планот за окупација е добра идеја. „Тешко е да се придонесе за траума и очајот на Палестинците во Појасот Газа, но ова сигурно ќе го направи тоа“, рече таа, истакнувајќи дека новото присилно преселување само ќе ги влоши страдањата на населението.
Овие одлуки доаѓаат откако вчера, според податоците на локалните болници, најмалку 42 Палестинци биле убиени во израелските воздушни напади и пукање низ јужна Газа.
Најновиот конфликт започна со напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1.200 лица, а 251 беа киднапирани. Се проценува дека Хамас сè уште држи околу 50 заложници. Според Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, во израелската одмаздничка офанзива убиени се повеќе од 61.000 Палестинци.