Топ
(Детално) Во пластично шише наполнила бензин и го запалила станот: мајката на убиецот во Хром сакала да ги скрие трагите од убиството
Основното јавно обвинителство Скопје постапува по кривична пријава во врска со настанот од 22 септември, кога по предизвикан пожар во стан на улицата „Исаија Маџовски“, беше пронајдено безживотно тело на 36-годишниот сопственик на станот со траги на насилство.
Доказите обезбедени до овој момент даваат основано сомнение за еден осомничен како сторител на кривично дело убиство на свиреп начин. Осомничениот го сторил делото по кратка расправија со жртвата, лишувајќи го од живот оштетениот со повеќе од 45 убодни рани во вратот и телото.
По настанот, тој се јавил повеќе пати телефонски кај неговата мајка, која зела пластично шише и отишла до најблиската бензинска пумпа, купила литар и пол гориво и во соизвршителство со синот подметнале пожар со намера да ги прикријат трагите за извршеното свирепо убиство. Со подметнатиот пожар тие предизвикале значителна опасност по животот и телото на станарите кои што живеат во зградата.
Против осомничениот кој е недостапен на органите на прогонот ќе биде поведена истрага за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1, како и за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик. Обвинителството за него ќе предложи притвор како мерка за обезбедување по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
За неговата 59-годишна мајка, како соизвршител, поведена е истрага за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик. Таа е лишена од слобода и по предлог на јавен обвинител, определен и е притвор во траење од 30 дена, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да ги скорие или уништи трагите од делото или дека ќе влијае врз сведоците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче и Заев сакале да му ја земат болницата на Жан Митрев, Обвинителството да истражи, порача Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, од позиција на власт, вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат сопствената болница.
Стојаноски се повика на интервју на Митрев во кое докторот раскажа дека Филипче и Заев му се заканувале, а институциите ја блокирале неговата лична сметка, како и сметката на болницата. Дополнително, како што наведе, била изречена и забрана за продажба на болницата, која, според сведоштвото, била укината веднаш штом политичарите изразиле интерес за откуп.
„По само една недела, ЈО му ја отстранило забраната. Како е ова можно?“ – праша Стојаноски.
Тој исто така, повикувајќи се на интервјуто, рече дека Филипче и Заев сакале да ја купат болницата по цена далеку пониска од реалната, нарекувајќи го ова уште еден пример за злоупотреба на моќта во време на здравствена криза.
„Додека луѓе умираа секојдневно од КОВИД, тие се занимавале со сценарија за одземање болници“, изјави Стојаноски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот и неселективно да постапи.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.
Македонија
Филипче го повика Жан Митрев да оди кај обвинител и да поднесе кривична, најави и тужби: „Ова не е политика, сега ќе ги тужам“
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција обвини дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува, како што рече, јавен линч против него преку лаги, манипулации и црна кампања.
Филипче изјави дека секојдневно е цел на неосновани обвинувања, вклучувајќи тврдења за имот, патувања и споредби со убијци, оценувајќи дека ваквите напади ги надминале сите граници на политичка борба. Особено реагираше на обвинувањата поврзани со доктор Жан Митрев, нагласувајќи дека станува збор за тешки и невистинити наводи и најави тужби.
„Вчера, отидоа дотаму, да преку Жан Митрев, за кого како лекар не можам да кажам што мислам, ме обвинија за рекет за цела болница. Претераа. Ова веќе ги поминува сите можни граници. Што ќе смислат следно, утре ќе ме обвинат и за силување, за убиство? За што следно? Доста е веќе. Сега ќе ги тужам. Мојот одговор преку суд ќе го добијат и наредбодавачите и извршителот“, рече Филипче.
Го повика Жан Митрев да отиде кај обвинител и да поднесе Кривична пријава ако смее, па да одговара по Кривичен закон.
„Не го прават тоа затоа што знаат дека ќе одговараат, а не вака да ги тужам само за клевета. Е, затоа власта не сака реформи, не сака реформирано правосудство по европски стандарди, за токму ова да го прави. ВМРО ја помина секоја граница и јас преку ова нема да поминам. Ова не е политика. Веројатно дефинитивно во Македонија на сите им се јасно што прават“, додаде Филипче.
Во обраќањето, обвини дека власта намерно дефокусира од, како што ги нарече, вистинските проблеми – буџетскиот дефицит од две милијарди евра, ниските плати и пензии, прашањето со мигрантите, корупцијата, тендерските постапки и исплатите преку државни институции.
Тој оцени дека ваквата политика ја турка државата кон изолација и создава одбивност кај граѓаните кон политиката, наместо да се зборува за подобар животен стандард, европска иднина и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните.

