Топ
Забелешки за нацрт-законот за амнестија, работната група се консултира
За помалку од еден час заврши состанокот на Работната група за помирувањето, каде во фокус на средбата беше нацрт-верзијата на законот за амнестија за 27 април. Дел од членовите за „Макфакс“ велат дека имале кратка дискусија од која произлегле некои нови предлози. И од независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата потврдуваат дека биле изнесени забелешки во врска со нивниот предлог за амнестија, за што процениле дека треба да направат пауза за дополнителни правни консултации.
Работната група во која освен пратениците, членуваат и правни експерти , како и заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, најверојатно утре ќе се состане повторно бидејќи ги чекаат да се вратат од службено патување и другите колеги кои се дел од телото, како и двете копретседателки на Интерпартиската парламентарна група за помирување, реформи и интеграција, Фросина Ременски и Емилија Александрова. Откако нацрт-законот ќе го помине филтерот на работната група, ќе биде доставен до координативното тело, кое според најавите треба да има седница во среда.
Официјално од групата за помирување велат дека случувањата во кривичниот суд не влијаат директно врз подготовката на законското решение, но неофицијално новите сведочења на дел од обвинетите за 27 април фрлаат ново светло на процесот. Оттаму сепак не откриваат како ја решиле правната дилема за тоа кој се ќе биде амнестиран од одговорност и како ќе се направи правна дистинкција на лицата кои тепале и тие кои не извршиле насилство на крвавиот четврток. Единствено што неколку пати потенцираат од работната група, а што претходно нагласи и премиерот Заев е дека нема да се амнестира командна одговорност, како и за организаторите и нарачателите на настаните од 27 април 2017 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фирма фатена на дело – нелегално вршела поштенски услуги и криумчарела пратки, Царинската управа поднесе кривична пријава против две лица
Царински инспектори од Одделението за истраги, во координирана акција со МВР, УЈП, Агенцијата за пошти и Државниот пазарен инспекторат, извршија претрес на фирма која нелегално вршела меѓународни поштенски услуги и криумчарела стока. Во моментот на претресот беа пронајдени вкупно 166 поштенски пратки со разновидна стока, со вкупна вредност од речиси 240 илјади денари. Пронајдената криумчарена стока е запленета, а од страна на инспекторите е поднесена кривична пријава против едно правно и едно физичко лице за сторено кривично дело прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, извести Царинската управа.
Конкретно, фирмата вршела меѓународни поштенски услуги без соодветна лиценца, при што поштенските пратки ги внесувала со возила преку граничен премин, без да ги пријави кај царинските органи. Пратките потоа нелегално ги складирала во магацин во нејзина сопственост, со намера оттаму да ги транспортира до нарачателите, за што би наплатувала паричен надомест.
Царинската управа и понатаму ќе продолжи со засилени контроли и координирани активности со цел откривање и спречување на сите облици на криумчарење и незаконско работење, заштита на државните финансиски интереси и обезбедување услови за фер конкуренција, се наведува во соопштението на Царинската управа.
Свет
Израел и Иран постигнаа таен договор преку Русија
Во услови на високи тензии, Израел и Иран тајно разменија пораки, со посредство на Русија, уверувајќи се едни со други дека нема да извршат први напад.
Неколку дена пред да избувнат протестите во Иран кон крајот на декември, израелските власти го информираа Техеран преку Москва дека нема да го нападнат Иран доколку први не бидат нападнати.
Иран одговори преку истиот канал дека ќе се воздржи и од превентивен напад, изјавија дипломати и регионални претставници запознаени со комуникациите, според „Вашингтон пост“.
Комуникациите се невообичаени со оглед на непријателството меѓу двата блискоисточни соперници, кои водеа 12-дневна војна минатиот јуни.
Според дипломатите, контактите ја одразуваа желбата на Израел да избегне ескалација додека се подготвува за воена кампања против Хезболах, либанска милиција во сојуз со Иран.
Приватните уверувања беа во спротивност со јавната реторика на израелските претставници кон крајот на минатата година, кога отворено алудираа на можноста за нови напади врз Иран за да се запре неговиот арсенал од балистички ракети.
Иако иранските претставници позитивно одговорија на израелската иницијатива, тие останаа претпазливи, изјавија двајца претставници запознаени со размената. Иран верува дека дури и ако израелските гаранции се искрени, останува отворена можноста американската војска да започне напади врз Иран како дел од координирана кампања, додека Израел ќе ја фокусира својата воена моќ исклучиво врз Хезболах.
Сепак, „за Иран беше добра зделка“ да се држи настрана од потенцијален конфликт меѓу Израел и Хезболах, изјави висок регионален претставник кој зборуваше под услов да остане анонимен. Американски претставници изјавија дека иранската поддршка за Хезболах веќе се намалила додека Техеран се справуваше со внатрешни немири.
Свет
Иранско судство: Демонстрантот Ерфан Солтани не е осуден на смрт
Иранското судство ги негираше извештаите дека демонстрантот Ерфан Солтани е осуден на смрт, објавија иранските државни медиуми.
Солтани претходно беше наведен како првиот демонстрант во Иран кој ја доби најстрогата казна од почетокот на сегашните немири.
Неговото семејство претходно изјави дека им било кажано дека егзекуцијата е одложена.
Иранското судство објави дека 26-годишниот Ерфан Солтани, кој беше уапсен на 10 јануари за време на протестите во Иран, не е осуден на смрт, објавија државните медиуми, пренесува Ројтерс.
Се вели дека Солтани е обвинет за „здружување против внатрешната безбедност на земјата и пропагандни активности против режимот“, но судството појасни дека смртната казна не се однесува на вакви обвиненија доколку бидат потврдени од судот.
Солтани е задржан во централниот затвор во Карај, се вели во извештајот.

