Македонија
Заев ја претстави програмата на новата влада пред пратениците и најави реформи
Со едночасовен говор во Собранието мандатарот Зоран Заев ја претстави програмата на владата за наредните четири години. Тој вети разрешување на судии, кастрење на државната администрација, зголемување на платите и пензиите, намалување на даноците, намалување на невработеноста до едноцифрена бројка, нови инвестиции во здравството, во инфраструктурата, бескомпромисна борба за животната средина и максимална посветеност на влезот во ЕУ.

Една од главните планирани реформи, без која не би можеле да се спроведат останатите Заев најави дека е вистинска реформата во правосудството.
„Доаѓа време на реправда и дисциплина, време на почитување на правосудството и неселективно владеење на правото со целосно прочистување на правосудниот систем, првиот чекор е веќе направен. Државната комисија за спречување на корупцијата ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители, а Судскиот совет прави детална проверка на работата на судиите, особено по застарени предмети со одлагање или заобиколен или прекршен закон. Судиите за кои ќе се докаже дека свесно и намерно застарувале предмети ќе бидат разрешени. Има ревизија на судските предмети од пет отсто кои ќе бидат избирани по случаен избор“, рече Заев и нагласи дека предметите на СЈО мора да добијат разрешница.

Посветеноста на борбата против корупцијата на новата влада Заев смета дека се гледа и во тоа што веќе е воспоставиле систем за проверка на потекло на пари и капитал кај секој функционер, а за првпат се поставува и вицепремиер за борба против корупција кој ќе биде задолжен да ги координира напорите на институциите за борба против криминалот и да алармира за можна корупција на високи функционери и администрација.
Планот на новата влада е за време на кризата за која очекуваат да трае во следните 6 – 8 месеци да ја одржат минималната плата од 15.500 денари како и задржување на работните места,а по пандемијата предвидуваат платите да растат.
„Нашиот план е минимална плата од 20.000 денари и 34.000 просечна плата до крајот на четиригодишниот мандат“, рече Заев.
За дваесет отсто Заев најави дека ќе се намали јавната администрација, а довербата на граѓаните во јавната администрација вели дека ќе настојуваат да ја вратат на ист начин како што се вратила довербата во здравствените институции.
Следува период на структурни реформи во јавната администрација за да стане уште поефикасна и граѓаните и стопанството во неа да препознаат силен и доверлив партнер. Ако можевме да стекнеме доверба во здравствените работници следејќи ги нивните напори и пожртвуваност, убеден сум дека по тој пример целата државна администрација може да даде максимум. Ќе разгледаме неколку модели за намалување на обемот на администрацијата за околу 20 %преку спојување функции и надлежности на институциите, задолжително пензионирање на 64 години, пакети за трансфер во приватниот сектор, или предвремено пензионирање’, објасни Заев.
Во програмата на владата е изградба на инфраструктура низ целата држава, училишта градинки, нов клинички центар , опремување на сите одделенија за интензивна нега со модерна опрема, а на меѓународен план Заев се обврза во следните 4 години да отворат 80 отсто од преговарачките поглавја за влез во ЕУ, а за 6 години цеолосно да бидат затворени поглавјата.
Домашните и странските инвестиции новата влада ќе ги поддржи со 300 милиони евра од домашниот буџет и 300 милиони евра од европски фондови.
За да може успешно да ги реализира сите предвидени реформи Заев побара од пратениците полн четиригодишен мандат.
Предложените министри Заев ги претстави како одговорни, угледни личности, мотивирани посветено да работат.
Собранието треба да ја изгласа новата влада најдоцна до утре на полноќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.

