Македонија
Институтот за трансфузиологија апелира: Донирајте крвна плазма, помогнете им на оние што се борат со Ковид-19
Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека се обезбедени 802 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени од Ковид-19 од вкупно 729 донори. Со крвна плазма досега се третирани 661 пациент. Со ваквиот највисок чин на хуманост граѓаните што се оздравени имаат можност да им помогнат на оние што во моментот се борат со коронавирусот.
„Да им помогнеме на лицата што се борат со коронавирусот, да донираме конвалесцентна крвна плазма“, апелираат од Институтот за трансфузиона медицина до сите оздравени пациенти што имале Ковид-19. Преку даруваната конвалесцентна плазма антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со Ковид-19.
Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19 и да биде минимум 21 ден без симптоми по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус. Институтот за трансфузиона медицина е достапен во секое време и сите оздравени пациенти што ги исполнуваат условите за дарители може да се јават за детаљни информации и закажување во Институтот за трансфузиона медицина, да ја покажат својата хуманост и да помогнат во лекувањето на другите заболени од Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со владина делегација на Светскиот економски форум во Давос
Премиерот, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, од утре ќе учествува на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија.
Овогодишниот форум, кој се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, обединува над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.
Премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.
Македонија
(Видео) Роберт Шоповски го фати богојавленскиот крст во Елшани
Жителите на Елшани и годинава традиционално во раните утрински часови го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Во 5 часот започна утринската богослужба во селото, на која присуствуваа повеќе стотини жители. По осветувањето на леб и вода, на сред село, во изворските води беше извршен чинот на фрлање на светиот крст.
Среќниот фаќач на богојавленскиот крст годинава беше Роберт Шоповски.
Како спомен на настанот, Шоповски доби пригодни подароци од страна на месната заедница и црквата „Свети пророк Илија“.
Одбележувањето на Богојавление во Елшани продолжи со народен собир и оро на сред село, каде старите и новите кумови послужуваа топла ракија и бонбони. Празнувањата продолжија и во текот на денот со традиционални светојонски трпези кај старите кумови, проследени со песна и игра.
Македонија
Пивтијада на плоштадот во Автокоманда
Денес 19.01.2026 година (понеделник) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 16. година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.

