Топ
Ѝ кажал дека внукот прегазил дете и ѝ зел 5000 евра за да не оди в затвор, лажен полицаец измамил 91-годишна скопјанка

91-годишна скопјанка вчера во полиција пријавила дека била измамена за 5.000 евра од лажен полицаец кој ѝ побарал пари за да го спаси внукот од сообраќајка во која прегазил дете.
„Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзиниот внук и неговата сопруга предизвикале сообраќајна несреќа во која прегазиле дете и доколку не сака тие да лежат во затвор требало да плати. Како што е пријавено, таа ги оставила парите на договореното место, а откако се слушнала со нејзината снаа сфатила дека била измамена“, велат од СВР Скопје.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Владимир Путин доби писмо од Меланија Трамп за киднапираните деца за време на војната во Украина

Сопругата на американскиот претседател Доналд Трамп, Меланија, го покрена прашањето за тешката положба на децата во Украина и Русија во писмо до рускиот претседател Владимир Путин. Трамп лично му го предаде писмото на Путин за време на нивниот состанок во Алјаска, изјавија за американски медиуми претставници на Белата куќа.
Меланија Трамп не го придружуваше својот сопруг во Алјаска.
Претставниците на Белата куќа не открија детали за содржината на писмото, но рекоа дека во него се споменува киднапирањето деца за време на војната во Украина.
Киев го нарече киднапирањето на илјадници деца во Русија или на територии окупирани од руските сили без согласност на нивните родители или старатели – воено злосторство што ги исполнува дефинициите на ОН за геноцид.
Москва претходно изјави дека ги штити ранливите деца од воените зони.
Високиот комесар на ОН за човекови права изјави дека Русија предизвикала страдање на милиони украински деца и ги прекршила нивните права од почетокот на нејзината целосна инвазија на Украина во 2022 година.
Свет
Трамп и Путин се ракуваа, а во Украина се огласија сирени за воздушен напад преку руските беспилотни летала

Во Анкориџ, Алјаска, со надлетувања на борбени авиони, црвен тепих и слоганот „Стремеж за мир“, американскиот претседател Доналд Трамп го угости рускиот претседател Владимир Путин на самит кој, и покрај големата помпа, заврши нагло и со сосема нејасен исход, пишува CNN.
По речиси тричасовен состанок, двајцата лидери се појавија пред новинарите тврдејќи дека е постигнат напредок, но ја напуштија прес-конференцијата без да разјаснат за што точно се договориле. Сепак, едно беше јасно: не беше постигнат договор. Примирјето на кое се надеваше Трамп остана далеку, а тој сè повеќе ја префрлаше одговорноста за постигнување договор на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Имаше многу, многу точки за кои се согласивме – повеќето од нив, би рекол“, рече Трамп по средбата со Путин. „Неколку големи за кои сè уште не сме се согласиле сосема, но постигнавме одреден напредок“.
„Нема договор додека нема договор“, додаде Трамп, по што тој и Путин ја напуштија сцената без да одговорат на прашања.
Тоа беше антикулминативен крај на раскошно организираниот самит кој, и покрај сите непознати, решително го врати Путин во центарот на светската дипломатија. Но, и покрај целата помпезност и протокол, знаците за тешкотиите со кои се соочува Трамп беа видливи од самиот почеток.
Токму кога двајцата претседатели се поздравуваа на пистата во воздухопловната база, во Украина се огласија сирени за воздушен напад преку руските беспилотни летала – јасен знак дека Путин има намера да ја продолжи војната дури и додека Трамп му оддава почит на американска почва.
Свет
Трамп и Путин не постигнаа договор за прекин на војната во Украина

Претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, не постигнаа договор за прекин на војната во Украина по тричасовен разговор. Средбата, според нив, беше многу продуктивна. Трамп рече дека ќе контактира со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и со лидерите на НАТО за да ги пренесе информациите од состанокот.
Путин изјави дека е постигнат договор, но не даде детали, пренесува Фокс њуз.
„Денешната спогодба ќе биде почетна точка не само за решение во Украина, туку ќе ни помогне и да го обновиме бизнисот… меѓу Русија и САД“, рече Путин.
Путин ја опиша нацијата Украина како „братска нација“, но продолжи велејќи дека „примарните корени“ на конфликтот мора да бидат „елиминирани“.
Трамп потоа го опиша самитот како „исклучително продуктивен“ и рече дека е постигнат договор за „многу точки“, но не прецизираше кои договори се постигнати.
Но, Трамп исто така рече дека страните „сè уште не ја достигнале целната линија“ во постигнувањето мировен договор.
„Имаше многу, многу точки за кои се согласивме, повеќето од нив, би рекол. Не стигнавме до целта за неколку големи точки, но постигнавме одреден напредок. Нема договор додека не e постигнат договор“, рече Трамп.
Трамп јасно стави до знаење дека се надева оти следниот чекор ќе биде лична средба меѓу Зеленски и Путин, иако не е јасно дали е постигнат напредок во реализацијата на оваа средба.
Во интервју за Фокс њуз по средбите, Трамп рече: „Сакам луѓето да престанат да умираат. Мислам дека Путин сака ова да заврши.“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков зборуваше во име на кабинетот на Владимир Путин. Песков ја оцени средбата меѓу Путин и Трамп како „многу позитивна“.
„Разговорот беше навистина многу позитивен и двајцата лидери го кажаа тоа. Ова е вид разговор што ни овозможува цврсто да се движиме по патот на заедничко барање опции за мирно решение“, заклучи Песков.