Македонија
И Катица Јанева е спроведена во „Идризово“

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева е спроведена од домашен притвор кој го издржуваше во Гевгелија во затворот „Идризово“, каде што треба да ја одлежи затворската казна за случајот „Рекет“.
Нејзината адвокатка Ирена Фрчковска го потврди ова и додаде дека спроводот е без упатен акт од судија за извршување на санкции, кој требаше да го издаде судот во Гевгелија.
„Спроведена е во ‘Идризово’ без упатен акт, што сметаме дека е спротивно на Законот за кривична постапка. Ќе поднесеме вонреден правен лек до Врховниот суд“, вели Фрчковска за „Макфакс“.
Јанева е осудена на седум години затвор. Скопска Апелација ја потврди казната. Таа од изрекувањето на првостепената пресуда па до сега беше во домашен притвор поради опасност од бегство.
Вчера во „Идризово“ беше спроведен и Бојан Јовановски, кој доби деветгодишна затворска казна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Завршен првиот дел од санацијата на хидросистемот Ѓавато, кој повеќе од 4 години беше со пробиени цевки

Заврши првата фаза на санирање на хидросистемот Ѓавато. Бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и нема никаде протекување, објави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат дуплирани количините вода кои ќе се влеваат во Дојранското езеро.
„Каква беше состојбата пред интервенцијата? Повеќе од четири години пробиени цевки на двата функционални бунари. Потрошени повеќе од половина милион евра за електрична енерија, а ефектот минимален или никаков. Два функционални од десет направени бунари. Негрижа и срам. Во втората фаза ќе обезбедиме најмалку уште две бунарски пумпи за зголемен капацитет и побрзо полнење на Дојранското езеро. Владата во втората фаза ќе го задолжи ФОД при ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) да ги репарира постојните потисни пумпи. Конечно во последната трета фаза ќе инсталираме сончеви панели со батерии за акумулирање на електричната енергија и сопствено производство на електрична енергија. Нема трошење милиони евра од буџетот за електрична енергија“, напиша Мицкоски.
Македонија
СДСМ ги објави имињата на уште 11 кандидати за градоначалници

Попладнево се одржа седница на Извршниот одбор на СДСМ. Членовите донесоа одлука со која е дадена согласност за кандидатури за градоначалници во уште 11 општини низ државата:
1. Бутел – Оливера Ливриниќ
2. Велес – Маја Хеско
3. Гевгелија – Миле Атанасов
4. Делчево – Дејан Глинџарски
5. Демир Капија – Лазар Петров
6. Конче – Благој Илиев
7. Кратово – Влатко Спировски
8. Кривогаштани – Игор Каравиловски
9. Македонски брод – Ивица Стојковски
10. Ранковце – Даниел Крстевски
11. Старо Нагоричане – Далибор Трајковски
„СДСМ јасно ја потврдува својата подготвеност да понуди силни, чесни, квалитетни и докажани кандидати за претстојните локални избори кои ќе работат во интерес на граѓаните и напредок на општините’“, соопштија од партијата.
Македонија
Гужва на границите: на Богородица и Табановце се чека по 40 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, информира АМСМ.
На ГП Богородица времето на чекање за влез е околу 40 минути, на ГП Дојран времето на чекање за влез е околу 20 минути, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека пак на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од денеска од 05:00 часот регионалниот пат Р-1106 Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен ќе биде пуштен за сообраќај во термините од министерство за внатрешни работи. Се препорачува внимателно возење, почитување на сигнализацијата и прилагодување на брзината поради можни одрони на патот.