Топ
Мицкоски: Граѓаните да не наседнуваат на провокации, ова е дел од фолклорот за сеење етничка и верска нетрпеливост
Јас цело време предупредувам дека не треба да се игра на етничка и верска карта, бидејќи тоа е картата на којашто овие криминалци коишто изминатите години печалеа на грбот на народот ќе се обидат да предизвикаат нестабилност и така натаму и ова се такви изолирани инциденти коишто ќе следат, рече премиерот Христијан Мицкоски откако вчера во тензична атмосфера пред општината во Врапчиште беа приведени две лица кои инсистираа на средба со градоначалникот од ДУИ поради забраната да вршат активности за реновирање на црквата Света Петка во Галате.
„Вие ја слушнавте изјавата и на Владиката, слушнавте и ја прочитавте прес-конференцијата којшто се оградува од ваквите инциденти, жителите на село Галате коишто исто така се оградуваат од ваквите инциденти. Но, она што е интересно е што на социјалните медиуми на едно од лицата, излегоа некои слики коишто го гледаат во друштво на политички активни ликови, ако се земе предвид и политичката провениенција и поддршката на градоначалникот во Општина Врапчиште, но и се уште полициската структура којашто е во ОВР Гостивар, тогаш многу лесно може да се дојде до заклучокот дека ова е дел од оној фолклор којшто се подготвува за сеење етничка, верска нетрпеливост и обид за дестабилизација“, вели Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот коментар во однос настаните во црквата во селото Галате.
Тој додаде дека инциденти од овој тип ќе има во периодот којшто следи.
„И ваков тип на инциденти ќе има и во периодот кој што следи. Зошто? Затоа што не можеме, како Влада, имајќи ги предвид последните измени во Законот за полиција и Законот за работа на Министерството за внатрешни работи, да се случат промените во раководните структури, бидејќи тие се лимитирани на пет години искуство на висока позиција, вие знаете седум години кои беа кај нас во Влада во Македонија, така што ќе мора за следните два-три месеца да се случи измена на тој Закон за да настане измена во тие раководни структури за да можеме реално да ја контролираме ситуацијата. Инаку во периодот немојте да имате дилема дека овие корумпирани политички елити од минатото, ќе се обидат преку своите центри се уште на влијание во секакви институции да создаваат етнички конфликти и тензии, но ние ја контролираме ситуацијата“, рече тој и додаде дека брзо се реагира и нема поддршка од страна на жителите.
„Брзо се реши и оваа ситуација, гледате, не наидува на поддршка кај населението, самите жители на село Галате, би рекол го отфрлија сето ова, самиот Владика на Гостиварско-полошката епархија го отфрли сето ова, така што јас апелирам, сега во моменти кога тргна да расте индустриското производство, преработувачката индустрија, кога се намали инфлацијата, кога се прават реформи, кога се носат навистина добри мерки и странски инвестиции, конечно забележуваме раст во вториот квартал, да не дозволиме вакви корумпирани сеништа од минатото да нѐ влечат назад. Мора да одиме напред и мора да се бориме да одиме напред“, дециден е Мицкоски.
Жителите на Галате викендов почнаа со градежнни работи, за реставрација на црквата Света Петка кај гостиварко Врапчиште, но по налог на Градежниот инспекторат од општината, полицијата ги прекина работите, а црквата денес беше оградена со лента на којашто пишуваше „Градежен инспекторат (општина Врапчиште)“.
Граѓаните инситираа на прием кај градоначалникот на општина Врапчиште, но до средба не дојде.
Црквата Света Петка се наоѓа на магистралниот пат помеѓу Врапчиште и Тополица. Беше запалена од страна на УЧК во во 2001 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Заев се јави во одбрана на својот криминал, тој е таткото на бизнисот со канабис
Олицетворението на криминалот, главата на октоподот во корупцијата и лидерот на СДС од сенка, Зоран Заев се јави во одбрана на својот криминал кој изминативе денови се запленува во форма на дрога од неговата му родна Струмица, велат од ВМРО-ДПМНЕ по објавата на експремиерот Заев на социјалните мрежи, во која тврди дека владејачката партија шири лаги.
„Негови први пријатели на кои им даваше тој заедно со Венко Филипче лиценци за одгледување на марихуана за медицински цели, гледаме деновиве дека тие за тоа не го користеле канабисот туку за нелегална продажба на нелегален продукт – дрога.
Над 20 тони дрога беа изнесени само од фирмата “ЦБД Медплант” во сопственост на Христијан Котев, син на Тони Котев, претседател на ОО Ново Село во времето на Заев. Заев и Венко им дадоа лиценци на овие луѓе, а гледаме како заврши истото.
Заев е таткото на бизнисот со Канабис. Оттука нека каже дали неговото семејство и нему блиски луѓе се влезени во тој бизнис? Зошто јавно лаже?
Дополнително, за тоа дека градел облакодери во Дубаи има сведоштва од негови познаници и соработници кои јавно тоа го кажуваат. Заев треба јавно да каже врз кој основ и како стигнал до златна виза во Дубаи?
Заев е исплашен до толку од одговорност што по се изгледа, почнува да станува клаустрофобичен?
Заев се потврди дека ја води СДС, а Венко е парадерот. Одговорност и правда ќе има“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Српските медиуми објавија дека Даниел Кајмакоски бил киднапиран во Белград
Македонскиот пејач Даниел Кајмакоски бил киднапиран во текот на ноќта во близина на „Бетон хала“ во Белград, објави српскиот портал Блиц и уште десетици меидуми од таа земја.
Според информациите на медиумите, непознати сторители, по кои сè уште се трага, присилно го внеле пејачот во автомобил, барајќи откуп во износ од 20.000 евра.
Пејачот бил одведен до градот Рума, каде што, според пишувањето на Блиц, при обид полицијата да го запре возилото, киднаперите удриле во заштитна ограда покрај патот, излегле од автомобилот и побегнале.
Даниел Кајмакоски во Србија е познат како победник на првата сезона од регионалното музичко натпреварување „Икс фактор“. Во 2015 година ја претставуваше Македонија на изборот за Песна на Евровизија во Виена со песната „Лисја есенски“, но не успеа да се пласира во финалето.
Засега нема официјални информации од надлежните власти за случајот.
Македонија
Заев се закани со тужба, тврди дека не е поврзан со конфискацијата на канабисот и облакодерите во Дубаи: „Шират лаги и клевети“
Поранешниот премиер Зоран Заев преку статус на Фејсбук порача дека по пет години молк, сега е подготвен да одговори со тужба против пратеникот Бране Петрушевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ, доколку не се извинат за, како што вели, континуираните лаги, навреди и клевети изнесени на негова сметка.
„Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден, ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, портпаролите и медиумите блиски до нив не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди“, напиша Заев.
Тој најостро ги отфрли тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека има каква било поврзаност со неодамнешниот случај за конфискација на медицински канабис, за кој се тврди дека бил неправилно складиран.
„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа.“, нагласи Заев, додавајќи дека јавно бара извинување од пратеникот Петрушевски и од ВМРО-ДПМНЕ.
Во статусот, експремиерот се осврна и на други, како што ги нарече, измислици што партијата ги повторува – дека гради облакодери во Дубаи, дека вршел притисоци околу болницата на Жан Митрев и дека се меша во правосудството.
„Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам. Се борев за слобода на говор. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието. Но сега е доста!“, порача Заев.
Тој најави дека доколку не добие извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесе тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ.

