Македонија
Мрежа од институции вплеткани во скандалот со пензиите
Мрежа од институции била вмешана во скандалот со пензиите кој вчера го обелодени министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, меѓу кои и Агенцијата за вработување, дознава „Макфакс“.
Воведувањето на лесното пријавување и одјавување лица во Агенцијата за вработување, кое беше возможно дури и преку телефон или електронска пошта довело до хаос, а дополнително на ова, при замената на рачната со електронската евиденција не биле запазувани предвидените протоколи за евидентирање на статусот на пријавените лица. Еден од најголемите проблеми било отсуството на комуникација и координација меѓу институциите на пензискиот систем кои буквално функционирале изолирано.
Според нашите извори, во процесот се инволвирани повеќе институции, повеќе закони кои оделе на штета на осигурениците, но не се исклучува ниту злоупотребата на партиската моќ на претходната власт за свои цели.
Министерката Мила Царовска вчера соопшти дека од 2007 до 2018 година на над 12.000 осигуреници не им биле уплатувани пари во вториот пензиски фонд. Според закон, 6 отсто од бруто-платата на осигурениците треба да се уплати во вториот пензински фонд. Наместо ова, парите, во случајов сума од 19 милиони евра, останале во државниот пензински фонд и не биле уплатени во вториот фонд, а на овој начин директно им се скратило правото на овие луѓе да остварат пензија во целост.
Од Министерството велат дека овие 12.000 осигуреници се лица кои биле бирани по случаен избор, без разлика дали биле вработени во јавен или приватен сектор. Станува збор за лица кои се родени по 1967 година, а имаат околу 40 години.
Најдобар начин да се утврди дали некое лице спаѓа во овие 12 илјади осигуреници е досега да не добивало редовни известувања по електронска пошта или на домашна адреса од вториот пензиски столб. Освен ова, граѓаните кои сакаат да проверат дали изминатите години не им се уплаќани пари во нивниот втор столб тоа можат да го сторат во Агенцијата за супервизија на капитално финансиско-пензиско осигурување (МАПАС).
Иако министерката Царовска одговорноста за овој скандал ја остави на истражните органи, односно на Основното јавно обвинителство беше поднесена кривична пријава против непознат сторител, јасно е дека станува збор и за одговорност кај раководните лица во институциите.
Во периодот кога не се префрлале пари во вториот столб, директори на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) беа кадри на ДУИ: Исни Јакупи, Амет Даути, Беким Незири и Шаип Зенељи, додека министри за труд и социјална политика, под чија надлежност е ПИОМ беа Џељаљ Бајрами, Спиро Ристовски и Диме Спасов.
Доколку ОЈО ја прифати кривичната пријава и отвори истрага за случајот, треба да се добие одговор на прашањето каде завршувале парите кои наместо во вториот пензиски столб, останувале во државниот. Претпоставките се дека со овие пари се исплатувале пензии, додека ПИОМ се даваше во долгови, а во неколку наврати, особено пред избори, коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ад хок ги зголемуваше пензиите. На пример, во 2015 година, пензиите беа зголемени за 621 денар, и тоа само за 4 месеци. Наредната 2016 година имаше уште едно покачување од 654 денари само за еден месец.
Сите овие недоследности во системот и непочитувањето на законите кои оделе на штета на осигурениците треба да бидат утврдени детално со евентуалната истрага, а дотогаш останува ветувањето од Министерството дека овие 12 илјади осигуреници нема да бидат оштетени и дека парите ќе им бидат префрлени во 6 транши, од ПИОМ, кон двете друштва.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, изјави дека „сè што е во поглед на буџет и што било побарано во поглед на пензиската реформа и создавање на одржлив пензиски систем и намалување на ризиците за исплата на пензиите е буџетирано и содржано во буџетот за 2019 година“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

