Топ
Пукање на наплатна рампа Гостивар-Тетово: Уапсени две лица и запленето поголемо количество марихуана
По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово поднесе Обвинителен акт против две лица – 31-годишник од Арачиново и 22-годишник од Брест, кои се товарат за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Покрај ова, првообвинетиот се гони и за кривично дело – Предизвикување општа опасност согласно член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Двајцата соизвршители, на 24 март, во автомобилот неовластено заради продажба држеле 30 килограми и 15 грама наркотична дрога марихуана. Кога пристигнале на наплатна рампа на автопатот Гостивар-Тетово, полициски службеници се обиделе да ги запрат за проверка по претходна дојава. Но, првообвинетиот возач на автомобилот додал гас, обидувајќи се да се даде во бегство, при што удрил во полициско комбе кое му го попречило патот. Со ова тој предизвикал општа опасност на место на кое во моментот имало повеќе луѓе.
Полициските службеници пукале во тркалата на автомобилот и успеале да го онеспособат за движење и да го запрат. Обвинетите веднаш биле приведени, а дрогата запленета.
Јавниот обвинител поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети, соопшти Јавото обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Љупчо Палевски-Палчо ја помина првата ноќ во затворот во Шутка
Љупчо Палевски Палчо, осомничениот за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски ја помина првата ноќ во затворот во Шутка откако вчера беше екстрадиран во Македонија.
По околу 5 месеци од неговото апсење во турскиот град Баликесир тој вчера беше спроведен со редовен лет на скопскиот аеродром.
Кривичните дела за кој е осомничен се „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“. Двете жртви, 14-годишната Вања и велешкиот фризер Панче, беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември лани. Нивните беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
Во овој случај како петоосомничен се јавува и таткото на Вања. Тој се гони за помагање во делото грабнување кој во моментов се наоѓа во домашен притвор.
Свет
ИДФ: Петмина израелски војници загинаа, седум се ранети во „пријателски оган“
Петмина израелски војници беа убиени, а седум други беа ранети, од кои тројца потешко, вчера во Џабалија во северниот дел на Газа, кога израелски тенк испука гранати врз нив, по погрешни проценки дека се работи за непријателски сили, соопшти израелската армија.
Според прелиминарната истрага на ИДФ, тенк кој дејствувал заедно со падобранци во кампот Џабалија истрелал две гранати врз зграда во која биле сместени војници во 19 часот по локално време, пишува Тајмс оф Израел.
Тенковите сили пристигнаа во областа во раните утрински часови во средата, а неколку часа подоцна, падобранци пристигнаа во областа и зазедоа позиции во зградата.
Свет
Словачкиот премиер Роберт Фицо повеќе не е во животна опасност, изјави вицепремиерот
Словачкиот премиер Роберт Фицо повеќе не е во животна опасност откако вчера беше застрелан повеќекратно во обид за атентат, изјави вицепремиерот.
Томаш Тараба за Би-Би-Си изјави дека операцијата на Фицо поминала „добро“ и дека на крајот се очекува да преживее.
Претходно министерот за одбрана изјави дека Фицо „се бори за живот“ откако беше тешко повреден во нападот во градот Хандлова.
Осомничениот е уапсен на местото на престрелката.
Министерот за внатрешни работи, Матус Сутај Естока, го опиша како политички мотивиран обид за атентат.
По пукањето, Фицо итно бил пренесен во болница и поминал неколку часа на операција „борејќи се за својот живот“, рече министерот за одбрана Роберт Калинак, кој зборуваше на прес-конференција пред болницата во која Фицо се лекуваше.
Оттогаш нема официјално ажурирање за состојбата на премиерот, но неговиот заменик изјави за Би-Би-Си дека г-дин Фицо „во моментов не е во животна опасност“.
„Колку што знам, операцијата помина добро и претпоставувам дека на крајот ќе преживее“, изјави Тараба.
Тараба додаде дека премиерот бил застрелан „од непосредна близина“ и дека „еден куршум поминал низ стомакот, а другиот го погодил зглобот“.