Топ
Обвинителството гони две лица и инспектор поради сечење трска во Струга

Основното јавно обвинителство од Струга поведе постапка против две лица и инспектор од Министерството за животна средина поради сечење на трската од езерското крајбрежје.
ОЈО соопшти дека двете лица биле забележани како ја уништуваат трската, Имено, еден од осомничените во близина на плажата „Версус“ со кајче влегол во езерото и со срп ја сечел трската. Вториот осомничен го нарачал сечењето на трската со намера да се сопре природниот раст. Со ваквите дејства осомничените постапиле спротивно на Законот за заштита на природата, во кој Охридското Езеро е класифицирано како споменик на природата и каде што не се дозволени активности со кои се загрозуваат неговите обележја и вредности.
За инспекторот по природа од Министерството за животна средина за сторено кривично дело предметот е отворен затоа што осомничениот одбил да излезе на самото место во моментот кога се сечела трската и да преземе дејства по барање на јавниот обвинител.
Во изминатиот период Основното јавно обвинителство Струга интензивно ја следи ситуацијата со уништувањето на трската на езерското крајбрежје за што се издадени наредби за засилен надзор. Истовремено, до полициските службеници се издадени насоки за натамошно постапување во насока на откривање на сторителите и на прибавување докази.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Уапсен мотоциклистот кој усмрти пешак на кејот во Скопје

Полицијата го уапси мотоциклистот кој завчера усмрти пешак на кејот во Скопје, на пешачка патека во близина на Паркот на франкофонијата. Откако го прегази пешакот, мотоциклистот избега.
Од МВР информираат дека денеска во полициска станица е извршен службен разговор со Ф.Љ.(25) од Скопје, кој на 01 јули околу 19.30 часот на пешачка патека во близина на ул.„Ленинова“ во Скопје, со мотоцикл „кавасаки“ со скопски регистарски ознаки, удрил во пешакот Ј.Н.(68) од Скопје, по што избегал.
Од здобиените повреди Ј.Н. почина во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
„Денеска Ф.Љ. е лишен од слобода и по документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка“, соопшти МВР.
Македонија
(Видео) Платата на пилотите во ДЗС покачена за 100 отсто како дополнителен мотив, кажа Ангелов

Платата на десетте вработени во Одделението за специјализирани воздухоплови во ДЗС им е покачена за 100% и им е даден дополнителен мотив на персоналот за вршење на својата должност и конечно нивните плати се изедначени со платите на летачкиот персонал во Армијата и МВР, изјави в.д. директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој нагласи дека платите на пилотите на воздухоплови од типот амфибии со кои располага ДЗС, во Европа се многу повисоки и се движат околу 30.000 евра месечно, додека кај нас се постигнал еден разумен однос на висината на платата на пилотите.
Во врска со оваа тема, директорот Ангелов потсети дека пред два дена се потпишани договори со пензионираните пилоти од Дирекцијата за заштита и спасување, со што се дополнително се обезбедиле пилоти за оваа и наредната година.
Што се однесува со состојбата на воздухопловите, Ангелов изјави дека во моментов ДЗС располага со еден воздухоплов, вториот се чека да пристигне овие денови од сервис додека третиот воздухоплов ќе доцни.
Инаку, Ангелов ги повика сите лица кои поседуваат дозвола за летање и кои имаат поголем број часови на летови, да се обратат во ДЗС и ќе им биде овозможена дообука за летање со типот на воздухоплови амфибии.
На прашањето од новинарите дали се планира набавка на нови воздухоплови за гасење пожар, Ангелов изјави дека неговите планови и плановите на ДЗС се од поголеми размери и дека поради тоа што гасењето пожар со амфиби е еден од најефтините начини за гасење пожар, постои идеја за отварање на голем хангар за сервис и поправка на воздухопловите на ДЗС, но и на воздухоплови од други земји.
„Со ова не само што ДЗС ќе заштеди средства, туку и со тоа ќе ги надополни средствата во буџетот кои ќе се потрошат при гасење на пожари“, рече Ангелов.
Во врска со оваа тема, Ангелов изјави дека ДЗС се соочува со голем број предизвици меѓу кои што и со недоволниот број на инспектори.
„Во моментов ДЗС има 15 инспектори на цела територија на Македонија, а минимален број кој е потребен е 35 лица, барем по еден во секое подрачно одделение на ДЗС“, рече Ангелов и апелираше до сите граѓани доколку постојат случаи на злоупотреба на службената должност од страна на инспекторите да се обратат во МВР, Јавното обвинителство или директно во ДЗС.
На прашање на новинарите дали се планира ангажирање на дополнителен број пожарникари за гасење на пожари, Ангелов изјави дека Владата планира привремено вработување на 400 пожарникари, но за деталите, како што рече, новинарите ќе бидат дополнително известени.
Заради гасење на пожарите и обемноста на истите во летниот период, Ангелов изјави дека се пренаменети поголем број стари, но добро одржувани возила од армијата и полицијата што се надградени со топови за вода и кои ќе бидат во црвена боја со новиот знак на ДЗС. При прашање од новинар за тоа дали во возилата ќе се стават барем подвижни клими, бидејќи температурата во возилата е висока особено при гасење на пожар, Ангелов рече дека е расположен и отворен за ваков тип на сугестии.
Ангелов апелираше до сите граѓани за одговорно и совесно однесување и навремено обраќање на бројот 112 кога ќе забележат пожар или опасност за пожар.
Апелираше сите оние кои ќе забележат лабави електрични жици, веднаш да пријават до ЕВН или во ДЗС, бидејќи ова е исто така една од почестите причини за пожар – жиците се допираат до сува треба и искрите предизвикуваат пожар.
Исто така, тој апелираше и до сточарите да не ја палат тревата заради обезбедување пасишта на стоката како и до земјоделците да не ги палат стрништата, бидејќи најчесто пожарите се предизвикани од човечка негрижа, додека од криминални и пиромански побуди се предизвикани помал број пожари.
Во врска со состојбата со пожарите, Ангелов изјави дека на територијата во Македонија се активни 29 пожари, од кои:
– во Општина Прилеп во атарот на с.Бешиште гори квалитетна мешана шума како кај с.Градешница каде што е отежнато гасењето на пожар заради постоење на неексплодирани убојни средства од Првата светска војна
– Во Општина Валандово пожарот е активен веќе трет ден во атарот на с.Чрчиште но ја зафаќа и територијата на Општина Богданци и Општина Дојран каде што горат трева и грмушки. Утрово беше испратен хеликоптер на армијата, но е утврдено дека пожарот е во фаза на чадење но, со зголемување на температурите постои можност за повторно активирање
– Општина Старо Нагоричане во атарот на с.Глабочица гори мешана шума ,бор и букова шума
– во Општина Македонски Брод во с.Црешево гори деградирана дабова шума.
Инаку, оваа година, во јануари беа активни 31 пожар, во февруари 231 пожар, во март 495, во април имаше 99 заради зголемените врнежи од дожд, во мај беа активни 71 (исто така заради врнежите од дожд), во јуни 317 пожари и во јули, само за три дена се случија 43 пожари.
Македонија
(Видео) Јакимовски: Унапредувањето на судијката Димовска е награда за мојата затворска казна

Начинот на кој е избрана судијката Даниела Димовска за вд претседател на Основниот кривичен суд Скопје ми дава за право да се сомневам дека една од причините за нејзиното унапредување е пресудата со која ме осуди на три и пол години затвор за работи што не сум ги сторил, вели градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во неговата реакција за изборот на нов претседател на Кривичниот суд Скопје.
„Повеќе пријатели ме известија дека судијката Даниела Димовска е назначена за вд претседател на Основниот кривичен суд Скопје. И честитам на изборот, нормално е секој да сака да напредува, но да напредуваш преку газење на лешеви тоа е прво нечовечки. Самиот факт што во изминатиот еден час има силни реакции, особено од нејзини колеги на нејзиниот избор, ми дава за право да се сомневам дека една од причините за нејзиното унапредување е пресудата што ја донесе против мене, да бидам осуден на три и пол години затвор за работи што не сум ги сторил, Ова е само уште една потврда дека судството е партизирано. Можете да ја видите паралелата. Судијката напредува по заслуги, ама партиски. Јас сум бил четири пати градоначалник на Карпош исто така по заслуги, ама тоа е поради доброто служење на граѓаните. Нормално е да размислувам дека нејзиното унапредување е награда за пресудата што беше изречена од страна на она арамиско гнездо сместено во „Белата палата“, а дека таа само беше поштарот што ми ја соопшти пресудата на 23 април и која што впрочем се уште ја немам добиено“, изјави Јакимовски.
Градоначалникот вели дека унапредувањето на судијката за него е доказ дека пресудата е политичка и за него тоа е дополнителна мотивација да ги бодри карпошани на следните избори да не дозволат Мицкоски да ја претвори и општината во уште една негова партиска испостава.
„Ќе ме прашате дали сум резигниран, дали сум разочаран. Да, бев разочаран кога ми беше соопштена пресудата, но кога сега ова го слушам, ми дава повеќе мотив и повеќе енергија и повеќе доказ дека јас сум неправедно осуден и дека мојата пресуда е политичка и ова е само мотив повеќе да ги бодрам карпошани на идните локални избори да се борат и да не дозволат канџите на Христијан Мицкоски и неговата ДПМНЕ заедно со неговата клика да ги вгнезди, овде да ги зарие во карпошевото месо и Карпош го претвори во партиска испостава. Јас сум настапувал со политички партии но никогаш не сум дозволил Карпош да биде партиски штаб со една политичка партија. Напротив, ова било место каде што се решавале проблемите на граѓаните и подеднакво право имал секој граѓанин на Општина Карпош без разлика на политичката, верската, националната, религиозната припадност. За жал денеска сме сведоци во највиталниот дел од општеството, а тоа е судството дека и оваа власт се потруди максимално да го испартизира“, нагласи Јакимовски.