Македонија
(Видео) Обвинителството со детали: Боки 13 и Милевски барале 8 милиони евра рекет од бизнисмен
Бојан Јовановски, познат како Боки 13, и Зоран Милевски, познат како Зоки Кичеец, се осомничени за примање награда за противзаконито влијание, а едниот од нив се сомничи и за перење пари. Според предистрагата, во периодот од април 2018 до април 2019 година тие барале рекет од бизнисмен, за преку извесен јавен обвинител на кој не му беше соопштен идентитетот, да биде олеснета постапката што се води против него. Од бизнисменот биле барани 8 милиони евра, а добиле 1,5 милиони евра.
„Обвинителството од втори мај 2019 година против две лица водеше предистражна постапка, при која се собрани материјални и вербални докази. Од месец ноември 2018 до месец април 2019 година првоосомничениот искористувајќи го своето влијание врз јавен обвинител влијаел да се изврши дејствие со кое во истражна постапка ќе се олесни положбата на едно осомничено лице во таа постапка, а второосомничениот придонел со тоа што договарал континуирани средби и воспоставувал меѓусебен контакт меѓу првоосмничениот и осомничениот во таа постапка и лично со осомничениот. На средбите осомничените ги увериле сведоците во влијанието на првоосмничениот врз јавниот обвинител и за посредувањето во два наврати примиле еден милион и петстотини милиони евра“, рече шефицата на Јавното обвинителство за борба против организиран криминал,Вилма Русковска.
Според обвинителството, средбите со бизнисменот се одржувале на повеќе места, во домот на сведоците, но и во домот на провосомничениот.
„При овие средби, од сведокот биле побарани 8 милиони евра за да се запре истражната постапка против него. Доколку постапката не се запре, тогаш во насока на изнаоѓање олеснителни околности, сведокот требало да исплати 5 милиони евра, со тоа што веќе дадените еден милион евра, во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4 милиони евра било договорено да се исплаќаат на рати. Откако осомничените се посомневале во доверливоста на средбите и можноста за откривање на кривично-правниот настан, повеќе не остварувале средби со сведокот во таа насока“, рече Русковска.
Првоосомничениот, Боки 13, претходно примените пари ги пуштил во оптек како легално стекнати, а со нив купувал предмети, облека и плаќал одмори, иако целата сума ги надминува неговите приходи.
Обвинителството за двајцата бара мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

